2 март, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

САМИТОТ ВО ТИРАНА НЕ БЕШЕ САМО СИМБОЛИЧЕН

Ова повторно будење на интересот на Европската Унија и враќање на фокусот кон Западен Балкан не само симболична, туку покажува сериозно партнерство и солидарна поддршка во ова време на криза. Европската Унија продолжува да биде главен поддржувач и донатор на регионот и поради оваа причина нема подобра алтернатива за зголемување на благосостојбата на граѓаните. ЕУ досега одобри финансирање за 40 клучни проекти во сфера на транспортот, поврзувањето, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната транзиција и развојот на човечкиот капитал, со поддршка од ЕУ од 1,8 милијарди евра и вкупна инвестициска вредност од 5,7 милијарди евра.

Пишува: Сефер Селими Jr.

На 6 декември годинава во Тирана се одржа четвртиот по ред Самит меѓу Европската Унија и Западен Балкан. Првиот самит од ваков вид се одржа во Солун, Грција, каде што се утврди стратешкиот интерес за целосно вклучување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и обезбедување јасна перспектива за оваа цел. По 15-годишен прекин, овој самит беше оживеан во 2018 година во Софија, Бугарија и беше проследен со виртуелниот самит во Загреб, Хрватска во 2020 година за време на пандемијата Ковид-19. Овие самити се особено важни за земјите аспиранти од Западен Балкан бидејќи ова е механизам кој дава динамика на интегративниот процес, но и преку него се поставуваат пресвртници на конкретна финансиска и институционална поддршка.

Овој пат овој самит беше оценет како историски, бидејќи за прв пат се одржува во земја која не е членка на Европската Унија, а Албанија ја имаше оваа чест. Покрај симболиката, ова само по себе дава многу силен сигнал, не само за земјите аспиранти и оние кои се членки на ЕУ, туку и за третите земји кои го имаат овој регион во сфера на интерес, а особено кон Русија која развива воена агресија врз земја која исто така има аспирации да се приклучи кон европското семејство – Украина. Всушност, како што се гледа од војната во Украина и постојано зголемувањето на евроскептицизмот и губењето на надежта за јасна и неизбежна перспектива за интеграција во Европската Унија, проследено со зголемената поддршка за етно- национализмот на десницата и левите екстреми кај граѓаните ги освести лидерите на земјите од ЕУ дека овој регион повторно е во опасност да западне во нова несигурност и проблеми.

Надвор од симболиката, за време на самитот беа одобрени и голем број финансиски пакети кои имаат за цел да го намалат социо-економскиот јаз меѓу Западен Балкан и Европската Унија. Меѓу другото, беше оценета имплементацијата на Економскиот и инвестицискиот план од приближно 30 милијарди евра, фокусиран на главните проекти за зелена и дигитална транзиција, одржлив транспорт, чиста енергија, поддршка на приватниот сектор и развој на човечкиот капитал. ЕУ досега одобри финансирање за 40 клучни проекти во сфера на транспортот, поврзувањето, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната транзиција и развојот на човечкиот капитал, со поддршка од ЕУ од 1,8 милијарди евра и вкупна инвестициска вредност од 5,7 милијарди евра.

Ова вклучува 12 инвестициски проекти одобрени на 5 декември, од кои 6 проекти во енергетскиот сектор се забрзани благодарение на пакетот за енергетска поддршка од 1 милијарда евра, составен од два столба:

500 милиони евра итна поддршка за сите партнери од Западен Балкан за ублажување на ефектите од зголемувањето на цените на енергијата за компаниите и домаќинствата на кои им е потребна, која е одобрена и ќе биде подготвена за исплата на почетокот на 2023 година, и

500 милиони евра краткорочна и среднорочна поддршка преку Инвестициската рамка за Западен Балкан за унапредување на енергетската транзиција и енергетската безбедност. Пакетот ја опфаќа Регионалната програма за енергетска ефикасност која ќе се фокусира на енергетско ефикасно реновирање на приватни и јавни згради, шест нови инвестициски грантови за обновливи извори на енергија, три шеми за грантови за енергетска транзиција во приватниот сектор и серија гаранции за поддршка на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност. Со ова се очекува да се мобилизираат до 2,5 милијарди евра инвестиции во соработка со меѓународни финансиски институции.

На самитот имаше и низа заклучоци поврзани со безбедноста, борбата против илегалната миграција, насилниот екстремизам, тероризмот и зголемената отпорност против штетното влијание од странство. Меѓу другото, мобилизирана е програма од 70 милиони евра за зголемување на капацитетите за гранични контроли и 5 милиони евра за зголемување на отпорноста против сајбер напади. За време на самитот беше потпишан и договорот за намалување на телефонските тарифи за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан, кој со стапувањето во сила во октомври 2023 година значително ќе ги намали цените и директно ќе влијае на граѓаните и бизнисите.

Значи, ова повторно будење на интересот на Европската Унија и враќање на фокусот кон Западен Балкан не само што е симболично, туку покажува сериозно партнерство и солидарна поддршка во ова време на криза. Европската унија продолжува да биде главен поддржувач и донатор на регионот и поради оваа причина нема подобра алтернатива за зголемување на благосостојбата на граѓаните.

 

Related posts

ОД ГЕПОЛИТИЧКИ ДО ПРИРОДЕН ЗЕМЈОТРЕС

admin

2022 КРИЗНА – НО И ГОДИНА НА ЗНАЧАЈНИ РЕФОРМИ ВО ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ

admin

Интервјуто на Путин: „ток-шоу или сериозен разговор“

admin

ЕКОНОМСКИ МЕРКИ ЗА ШТЕДЕЊЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ЗАПАДЕН БАЛКАН

admin

Склучи мир – ќе те судат, предизвикај војна – ќе те слават

admin

Европска бајка

admin