Експлозии, барикади, напрегнатост… Ситуацијата на северот на Косово е тензична. ДВ беше во Велика Хоча.
Вонредните избори за градоначалници беа распишани по масовните оставки на околу три илјади политички претставници и службеници од српската заедница кои работеа во косовската јавна администрација.
Србите се противеа на организирање на овие избори без да се исполнат условите за враќање во институциите и ги спречуваа претставниците на изборната комисија да влезат во нивните канцеларии.
Заминување секогаш е опција за Србите
Додека се поставуваа барикадите во саботата (10.12), косовската претседателка Вјоса Османи донесе одлука изборите да се одложат, но веќе беше доцна, бидејќи таа криза поттикна нова. Поради наводно организирање на бомбашки напад на канцеларијата на општинската Изборна комисија, на Јариње е уапсен Србин, поранешен косовски полицаец.
Неговото апсење беше трето во два дена, а покрај нарушување на уставниот поредок, како останатите, последниот осомничен се товари и за „терористички напад“.
Пред сето ова, беше разгорена кризата околу регистарските таблички која беше на раб да прерасне во конфликт и беше разрешена во неколку продолженија. Ваквата атмосфера владее веќе неколку години, вели за ДВ, Милан Добриќ од Северна Митровица.
„Веќе не сум ни сигурен зошто сум овде. Веројатно затоа што си го сакам ова место во кое сум роден, каде сум пораснал и каде се луѓето што ги сакам“, вели Добриќ за ДВ. „Можеби не се браниме со оружје, но се браниме со она што го имаме, со животите или макар со она време кое ни е преостанато,“ додава тој. Добриќ има приватен бизнис и така се обидува да избегне една од трите класични опции: заминување, зачленување во партија и државна работа, или работа во некоја од невладините организации.
„Се чини како да е залуден целиот труд на луѓето кои работат во невладините организации. Не поради тоа што тие работат лошо, туку поради тоа што системот не ги сфаќа сериозно. Српскиот систем ги гледа како предавници и странски платеници, а косовскиот систем како извор на дополнителни приходи и шанса да направат по некоја фотографија за социјалните мрежи за да покажат дека сепак нешто работат и дека Косово како држава всушност и личи на држава“, додава нашиот соговорник.
Специјалци во акција за заплена на вино
За косовската влада, ако косовските Срби не се „корисни будали“, тогаш се „маскирани криминалци“, „терористи“, „групи кои го дестабилизираат Косово во име на Србија“.
Поголемиот дел од овие епитети им ги лепи министерот за внатрешни работи на Косово, Ѓељаљ Свечља, кој своевремено го попречуваше гласањето во салата на косовскиот парламент, каде фрли солзавец. Како криминалци Србите се почувствуваа и во четвртокот, кога во Велика Хоча бројни камери ја снимаа повеќечасовната драма околу заплена на над 40.000 литри вино на српско семејство кое немало уредно регистрирана фирма.
– повеќе: Северот на Косово и натаму е блокиран, Бербок бара смирување на тензиите и дијалог
Акцијата на косовската царина ја поддржа и специјалната единица на косовската полиција како и албанските припадници на КФОР. Србите ширум Косово со мачнина ги гледаа сцените од Велика Хоча.
„Тоа беше јасна порака за сите Срби дека овде нема место за нив. Но, овој проблем не се појави во четвртокот, туку локалното население долги години има проблем со продажбата на вино“, вели Александар Шавелиќ, младо момче кое живее во ова место познато по производство на вино.
И додека на социјалните мрежи се разви дебата за тоа колку е виновен сопственикот на винаријата, ретко кој се запрашува на кое друго место косовската царина одела заедно со специјалната полиција да затвора семеен бизнис.
Голема вознемиреност
Во Велика Хоча, енклава во која живеат неколку стотини Срби, се доаѓа преку ридски дел прошаран со лозови насади. На влезот на селото има споменик за киднапираните и убиени Срби од општината – вкупно 84.
– повеќе: Србија и Косово постигнаа договор за регистарските таблички
Споменикот кој често е мета на вандали, е потсетник дека влегувате во место, во кое бројни семејства, меѓу кои и на Шавелиќ, имаат по еден или повеќе членови кои биле киднапирани или убиени од УЧК меѓу 1998 и 2000.
„Во местото се чувствува голема вознемиреност, а особено кај семејствата кои доживеале мачење и киднапирање на свои најмили“, вели тој за ДВ. Голем број од овие семејства како повторно да ги преживуваат траумите низ кои поминале пред речиси две децении.
Но, тој не размислува да го напушти родното место. „Како некој кој е роден овде, ваквите сцени воопшто не ми се пријатни, но секако би сакал да останам“, категорично е ова младо момче, кое додава дека и покрај сè, иднината си ја гледа во Косово.