20.8 C
Скопје
29 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ЕП: РУСИЈА Е „ДРЖАВА СПОНЗОР“ НА ТЕРОРИЗМОТ

Европскиот парламент со големо мнозинство усвои резолуција со која Русија се прогласува за „држава спонзор“ на тероризмот. Резолуцијата нема директни правни последици, но е важен и силен политички сигнал.

Во Европската унија не е предвидено, ниту пак има правна форма, за една држава да се прогласи за „спонзор на тероризмот“. Во случајов иницијаторите на резолуцијата го користат примерот на САД, кои на ваква листа, меѓу другите, ги имаат ставено и Северна Кореја и Куба. Во Европа до сега на ваква листа биле ставани организации, како палестинскиот Хамас или курдската ПКК. Во моментов 21 организација се прогласени за „терористички“. Со оваа резолуција Европскиот парламент влегува на нова правна територија.

Во резолуцијата се наведува дека Русија не само што води неоправдана напаѓачка војна против Украина, туку изведува и неселективни напади врз цивилно население и цивилна инфраструктура. Руските трупи убија илјадници цивили, извршија терористички акти во целата земја таргетирајќи куќи, училишта, болници, железнички станици и електрична и водоводна мрежа. „Овие брутални и нечовечки дела носат смрт, страдање, уништување и раселување.“

Источноевропските земји го трасираа патот

Да се класифицираат овие незаконски дејствија на руските војници како „тероризам“ е во согласност со терминологијата која ја користи украинскиот претседател. Синоќа, по бомбашкиот напад врз болницата во Купјанск, на истокот на земјата, во кој се вели дека настарадало и новороденче, Володимир Зеленски рече: „Непријателот уште еднаш се обиде со тероризам и убиства да го постигне она што не можеше да го постигне во изминативе девет месеци, ниту пак ќе го постигне“. Обвинувањата се дека Русија сака да ги маскира своите воени порази со терористички акции врз цивилното население.

Разурната болница во украинскиот град Изјум
Разурната болница во украинскиот град ИзјумФотографија: Deml Ondøej/CTK/picture alliance

Повеќе источноевропски парламенти веќе ја усвоија оваа терминологија и ја прогласија Русија за „држава спонзор на тероризмот“ – меѓу нив се Полска, балтичките земји и Чешка. Од нивните редови дојде иницијативата оваа резолуција да се стави на гласање во Европскиот парламент, која првично беше поддржана од десничарската националистичка група на конзервативците ЕЦР.

Во своето детално образложение пратениците наведуваат до сега објавени случаи на тортура, сексуално насилство, киднапирање и егзекуции и се повикуваат на бројни тековни истраги за наводни воени злосторства. Во деталното образложение како аргументација се претставени и прекршувањата на Повелбата на ОН како и меѓународните договори и военото право. Ова е збир на сите обвинувања кои се изнесени против Русија како држава напаѓач.

Гласањето беше засенето од хакерски напад кој привремено ја парализираше целата веб-страница на Европскиот парламент. Според претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, хакерска група блиска до Кремљ ја презеде одговорноста за сајбер нападот. ИТ службите на Европарламентот прават сѐ во нивна моќ за да ги заштитат системите, рече таа.

Какви последици има резолуцијата?

Во основа, резолуцијата на Европскиот парламент не е ништо повеќе од политички сигнал, бидејќи нема никакви правни последици. Идејата е дека со ова може, на пример, да се подготви терен за конфискација на рускиот имот кој досега во Европа е само замрзнат. Освен тоа, според  поддржувачите на резолуцијата, одлуката треба да послужи Владимир Путин, како воен лидер, да одговара пред меѓународниот трибунал по завршувањето на борбите. Тие сакаат да постигнат и постепено замрзнување на дипломатските односи.

„Со оваа одлука, Европскиот парламент ги повикува земјите-членки да создадат правна рамка за категоризација на Русија како држава спонзор на тероризмот, што ќе го олесни конфискувањето на рускиот имот во странство којшто би можел да се искористи за обнова на Украина“, вели еден од иницијаторите на резолуцијата, пратеникот Чарли Вајмерс од десничарската партија „Шведски демократи“.

„Додека Русија не се повлече од Украина, нема да има вистински мир,“ додава Вајмерс. „Русија мора да разбере дека не се само поединци одговорни за вршење воени злосторства, туку дека и руската држава е одговорна за уништувањето и разорувањето и теророт кој го спроведува во Украина.“ Вајмерс вели дека главна цел е на крајот да се бара одговорност од Владимир Путин и во резолуцијата гледа прв чекор кон остварување на таа цел.

Жестоки дебати

Резолуцијата пред нејзиното усвојување доведе до жестоки дебати во сите политички фракции. Делови од Социјалдемократите ја сметаа за политички бесмислена и страхуваа дека може уште повеќе да ги отежни преговорите со Русија. И кај Демохристијаните имаше задршки, исто како и кај некои од Зелените. Левицата се позиционираше против, но на крајот многумина од нејзините пратеници попуштија и помогнаа да се дојде до убедливо мнозинство за предлогот.

Од Групата на Социјалдемократите на крајот соопштија дека од почеток на војната гласале за најостри санкции за Русија да одговара за своите злосторства и за меѓународно да се судат повредите на човековите права. Потпретседателот на групата, Педро Маркез, резолуцијата ја нарекува силен сигнал. Тој вели дека „нема дилеми оти злосторствата се обид да се тероризира населението”.

Русија според него, сака да оневозможи луѓето да ја преживеат зимата, без греење, вода и струја. „Тоа не е ништо помалку од воено злосторство. Русија мора да биде сопрена и да одговара”, изјави социјалдемократот. На крај кај повеќето фракции преовлада гадењето од видениот терор спрема украинското население наспроти политичките обѕири.

Но, резолуцијата политички очигледно нема да има последици. Земјите членки на ЕУ би требало едногласно да ја усвојат. Ниту поддржувачот на Путин, Виктор Орбан, ниту францускиот претседател кој сѐ уште се доживува како преговарач со Москва, ниту сојузната германска влада која не сака целосно да го прекине политичкиот конец, би се согласиле со тоа. Значи, на крајот останува само сигнал од Европарламентарците кој веројатно ќе „изветрее” во етерот.

Related posts

KРИЗА НА ЛИДЕРСТВО, ВИЗИЈА, МОРАЛ ИЛИ НА СЀ ЗАЕДНО?

ninja

Вархеји ги обелодени четирите договори постигнати во Тирана

admin

МЕЃУ ХИБРИДНИТЕ ЗАКАНИ, ЗАСКИТУВА И ПО НЕКОЈ УЧЕНИК?

ninja

Бројни институции немаат ни „К“ од капитални инвестиции

admin

БОРЕЛ ОЧЕКУВА НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

ninja

ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ВАДИ ОД КАЛ НЕПЛАЌАЧИТЕ НА СТРУЈА

ninja