Северна Македонија не бележи суштинско подобрување на економската состојба, а во одредени сегменти има и влошување, изјави академик Абдулменаф Беџети, претседател на Фискалниот совет, во интервју за магазинот „Трилинг“, предупредувајќи на длабоки структурни слабости, ограничен капацитет за јавни инвестиции и неодржлив пензиски систем.
Беџети оцени дека линеарното зголемување на пензиите, кое досега се применуваше, претставува значителен фискален товар и не треба да продолжи. Само во 2025 година, трансферите од централниот буџет кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) достигнале околу една милијарда евра за да се обезбеди навремена исплата на пензиите.
„Линеарното зголемување треба да се замени со системско усогласување и индексирање, како што е предвидено со закон“, рече Беџети, додавајќи дека одлуката е во надлежност на Владата.
Тој потсети дека Фискалниот совет претходно предложил постепено зголемување на старосната граница за пензионирање, по модел применуван во земјите-членки на ЕУ, како и ревизија на стапката за пензиско осигурување, која во минатото изнесувала и до 21,5%, во однос на сегашните 18,5%.
Иако дел од опозицијата и економистите предупредуваат дека државната каса е под силен притисок, Беџети смета дека таквите стравувања се претерани, укажувајќи дека јавниот долг е намален од 62,4% на под 60% од БДП, како резултат на фискалната консолидација.
Сепак, тој нагласи дека пензискиот систем останува сериозен проблем, со однос од 1,7 вработени на еден пензионер, што го прави неодржлив на долг рок. Делумно олеснување се очекува од 2027 година, кога исплатата на дел од пензиите ќе започне и од вториот пензиски столб.
Во однос на јавните инвестиции, Беџети посочи дека реализацијата на капиталните расходи останува ниска – околу 60% до крајот на декември 2025 година – што, според него, укажува на ограничен институционален капацитет.
„Во тој контекст, добро е што капиталните расходи за 2026 година се проектирани на пониско ниво, односно 3,6% од БДП“, рече тој, оценувајќи дека е подобро да се планира реалистично отколку да се создаваат неискористени буџетски ставки.
Буџетскиот дефицит за 2026 година е проектиран на 3,5% од БДП, во однос на 4% во 2025 година, што според Беџети укажува на постепена консолидација. Планираното нето-задолжување изнесува околу 400 милиони евра, а намалување на долгот е можно само доколку економскиот раст надмине 3%, иако тој е скептичен дека ќе се оствари владината проекција од 3,8%.
Во однос на минималната плата, Беџети рече дека зголемувањето може да биде оправдано од социјален аспект, но не и ако е на товар на државата и доколку не е усогласено со продуктивноста.
Деловната клима ја оцени како „модерирана“, посочувајќи дека нема значителен напредок и дека во одредени сегменти има назадување, што е констатирано и во извештаите на Европската комисија.
„Високите стапки на раст често зависат од ниската почетна основа. Од еден на два – тоа е раст од 100%“, рече Беџети, додавајќи дека умерени стапки на раст се норма во развиените економии.
Тој оцени дека нема основа за воведување валутен борд, наведувајќи дека такви мерки се применуваат само во вонредни и кризични ситуации, и дека постојат институции кои вршат надзор врз јавните финансии.
Говорејќи за застојот во европската интеграција, Беџети рече дека вината не може да се префрли исклучиво на надворешни фактори, укажувајќи на сериозни домашни слабости во структурните реформи и функционирањето на институциите.
Како пример, тој го наведе, како што рече, парадоксот обвинителството да има повисоки плати од судството, како и проблемите на пазарот на трудот, кој го оцени како „катастрофален“ поради недостиг на квалификувана работна сила и континуираното иселување на младите.

