15.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Паѓа поддршката за членство во ЕУ, младите се евроскептични

Годинава е нотирано најниско ниво на поддршка за ЕУ во последните девет години, откако Институтот за демократија спроведува истражувања на оваа тема. Најпоразителни се податоците за младите. Резултатите се одраз на незадоволство, но тие не значат свртување кон други партнери како Русија или Кина.

За речиси деценија за една четвртина е падната поддршката на граѓаните за членството во Европската унија (ЕУ). Ако во 2014 година 80 отсто од испитаниците биле „за“ членство во Унијата, во 2023 тој процент изнесува 60 отсто, покажуваат истражувањата на невладината Институт за демократија – Социетас цивилис презентирани на 18 декември.

Едното истражување се однесува на поддршката за членство само на оваа година, а другото опфаќа мислења за процесот на евроинтеграции во период од 2014 до 2023. Институтот досега деветпати спровел анализа на јавното мислење за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

Податоците кои загрижуваат се однесуваат на младите и нивната поддршка за членството во ЕУ, вели авторот на анализата за приодот 2014 – 2023.

„Најмладата категорија на полнолетни граѓани на возраст од 18 до 24 години, се во суштина и најевроскептични. Младите во државата даваат помала поддршка за процесот споредено со повозрасните категории. Само половина од младите го поддржуваат членството во ЕУ“, вели авторот на анализата, професорот на Правниот факултет, Иван Дамјановски.

Не се само соседите, има нешто и во реформите

Годинава се намалило мислењето дека соседите се главна пречка за членство во ЕУ, а расте бројот на оние кои сметаат дека вината треба да се бара на домашен терен, односно во неостварување на реформите.

Разочараноста на граѓаните од тоа што не се испорачани реформите е еден од клучните аспекти зошто е намалена поддршката за интеграциите.

Третина од испитаниците сметаат дека процесот на интеграција претставува усогласување на домашното со законодавството на Унијата, а 11 отсто мислат дека станува збор за задоволување на условите на соседите.

На прашањето зошто поддржуваат членство во Блокот, економските фактори доминираат, односно граѓаните очекуваат подобар стандард, помала невработеност, полесен пристап до работа во странство, додека унапредување на демократијата не е некој фактор. Висок е процентот, 90 отсто, на оние кои сметаат дека членството во ЕУ нема да го намали иселувањето на младите.

Истражувањето покажува дека паѓа бројката на оние кои сметаат дека државата би станала членка на ЕУ во следните три до пет години, што според авторите значи дека луѓето станале пореалистични во очекувањата. Сепак етничките Албанци се пооптимисти дека ЕУ ќе биде подготвена да ги прими земјите од Западен Балкан до 2030.

Повеќе неодлучни и неопределени

Но и покрај намалената поддршка, сепак не пораснал евроскептицизмот, односно граѓаните само се неодлучни и неопределени, но експлицитно не се противат на членството, смета директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски. Тој вели дека кредибилитетот на процесот може да се врати ако ЕУ се реформира.

„Ако се „засилат критериумите на напредување по заслуги, а не напредување условено од индивидуални каприци на земји членки“, вели Трошановски.

Резултатите се израз на длабоко незадоволство

Истражувањата на јавното мислење се направени во соработка со германската фондација Конрад Аденауер. Директорот на канцеларијата на оваа фондација во Скопје, Даниел Браун вели дека резултатите од истражувањето не треба да нè изненадуваат.

„Резултатите се израз на длабоко незадоволство. Сепак, видовме дека јавноста не е спремна и не сака да се сврти кон некои други партнери, туку сака да остане на европскиот пат. Не сака да соработува со Русија или Кина или со други партнери пошироко. Резултатите сепак се израз на таа димензија“, рече Браун.

Нема етнички јаз за измените на Кривичниот законик

Во анализата за годинава, насловена ЕУ интеграциите во сенка на внатрешните процеси, стои дека скоро две-третини од испитаниците мислат дека измените на Кривичниот законик се донесени за заштита на политичките елити од минатите криминални дејствија. За оваа прашање нема етнички јаз, односно висок процент и на Македонци и на Албанци и другите зедници се на став дека тие се донесени за да се спасат политичарите за своите криминали.

Власта на 6 септември, во брза процедури и со европско знаменце усвои измени, со кои, застареа многу дела против поранешни функционери обвинети за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања. За европското знаменце, пак, секој трети испитаник нема став дали тоа се употребува правилно или се злоупотребува.

ЕУ останува најдобар сојузник и најголем поддржувач

Истражувањата на Институтот за демократија покажале дека се помалку луѓе сметаат дека ЕУ се највлијателен странски фактор во Северна Македонија, но и покрај тоа, на прашањето кој е најдобриот сојузник и кој дава најголема економска поддршка, ја посочиле Унијата.

Политичарите кои беа присутни на презнетацијата на анализите велат дека сите што биле на власт изминатите 18 години, откако земјата е кандидатка за членство треба да бидат одговорни зошто земјата се уште не е дел од Унијата. За тоа кое се причините, пак, има разлика дали некој е на власт или е во опозиција.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ посочува дека од Унијата не делат уставните измени со кои Бугарите треба да станат дел од Уставот на земјата. Критики за реформите има, но тоа не е пречка, вели вицепремиерот.

Пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е претседател на Националниот совет за евроинтеграции, пак вели дека причината ја гледа во високото ниво на криминал и корупција. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува уставни измени, под, како што велат „бугарски диктат“. Николоски запрашан што ќе направат за евроинтеграциите ако на следните избори дојдат на власт, одговори дека клучно ќе им биде да си го подобрат досието дома.

„Дома да смениме работи за да имаме силно досие надвор. Број еден задача ќе биде борбата со организиран криминал и корупција во сите сектори, тоа може да даде резултати и да ја смени позицијата на Македонија“, вели Николоски.

Тој вели дека ВМРО – ДПМНЕ не бара смена на преговарачка рамка, туку бара одговорност од Бугарија како партнер.

Половина од испитаниците се согласуваат со тезата дека Северна Македонија не припаѓа ниту на Исток, ниту на Запад. Секој трет нема мислење за тоа дали европското знаменце се употребува правилно или се злоупотребува.

Минатата недела на Самитот на ЕУ во Брисел лидерите на Унијата порачаа дека уставните измени се услов за да се продолжи процесот на евроинтеграции, односно да се свика втората меѓувладина конференција за која ќе нема потреба од дополнителни политички одлуки, како и да се отвори првиот преговарачки кластер.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска на тема интеграции во ЕУ, порача дека не треба да се чека и дека овој парламентарен состав треба да ги донесе уставните измени.

„Тој што гради и тој што се бори, тој добива, тој што чека ќе остане да си чека. Ние сме виделе што значи да чекаш, седумнаесет години чекање, а што донесе – ништо не донесе“, рече премиерот.

На овој парламентарен состав му остануваат уште неколку месеци работа, оти замај следната година се закажани претседателски и парламентарни избори.

Извор: РСЕ

Related posts

НОВИНАРИТЕ БАРААТ ЗАШТИТА НА ПРОФЕСИЈАТА

ninja

Партиски понуди и црвени линии за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ

admin

БОРЕЛ – РУСИЈА ЈА ЗАГРОЗИ НУКЛЕАРНАТА БЕЗБЕДНОСТ

ninja

ЏЕС БЕЈЛИ: Ново вето за Скопје ќе биде разочарување за Вашингтон

admin

Маричиќ: Датумот за идно проширување ја оправдува нашата стратегија за брз влез во ЕУ

admin

Палевски барал државен референдум

admin