25.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Крстот на Шапка е урбана опрема и нема потреба да се легализира, смета централната власт – За партиите е предмет на политички пресметки

Неодамна поставениот 15-метарски крст на Попова Шапка е поставен без дозвола од Општината Тетово. Црковниот совет тоа не го негира, бидејќи како што соопштува, се работи за урбана опрема за која не треба дозвола.

 

Ова е ставот и на надлежното Министерство за транспорт и врски.

Меѓутоа, општината предводена од градоначалник од опозициската Беса смета поинаку, а за крстот партијата ја обвини ДУИ, чии кадри во власта го дозволиле поставувањето на крстот. Ова пак го доведе мултиетничко Тетово на раб на меѓуетнички тензии, откако на барање на ДУИ беше свикана вонредна седница, на која советниците на ВМРО ДПМНЕ пред да ја напуштат најавија дека ќе бараат Инспекторатот за градежништво да одговори дали муслиманските објекти, вклучително и џамијата на Шапка се легално градени.

Крстот, кој беше поставен во СРЦ „Попова Шапка“ е донација од тетовчанец, кој за жал, не доживеа да го види на бетонскиот постамент. Ова е донација за манастирската црква Свети „Наум Охридски Чудотворец“, која е изградена во 1993 година. Но, 15 метарскиот крст за албанските политички партии е провокација и побараа да видат дали е законски поставен.

„Бараме на вонредната седница да присуствува и првиот човек на општината за да ни даде образложение како е поставен тој крст таму“, рече советникот од ДУИ, Лиридон Диша.

Вонредната седница беше свикана на 17 ноември, доцна попладнето на православниот празник Свети Архангел Михаил, што пак за советниците на македонските партии беше оценето како провокација.

„Сакам да изразам една фрапантност, бидејќи бевме свикани на оваа вонредна седница како да се работи за некој земјотрес, пожар или некоја друга катастрофа. Ова е работа на институциите, кажа Анита Бошкоска-Јованоска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Советникот Диша побара објаснување од општинскиот Инспекторат за градежништво да објасни дали крстот ги има потребните документи и е законски поставен.

„Направивме увид, направивме записник за платформата и прашавме дали имаат дозвола или немаат, немаат. Потоа бил поставен и втор објект. Следните чекори се праќање на записникот и доколку немаат дозвола се носи решение за уривање. Многу е едноставно“, рече Седат Сулејмани, раководител на општинскиот Инспекторат.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека од Инспекторатот ќе бара информација за сите верски објекти на територија на општината.

„Со самото ставање на дневен ред на ваква точка е под секое достоинство. Нарушени се нашите верски чувства, а воедно ви кажаа дека денеска е голем празник и во една ваква атмосфера, ние ќе ја напуштиме седницата. Ве информирам на некоја од наредните седници, исто на вонредна седница, ќе бараме информација за сите одобренија за градба на верски објекти во општина Тетово, најавија од ВМРО ДПМНЕ.

Прашањето за легалноста на верските објекти на Шапка му беше поставено и на градоначалникот Билал Касами. Тој одговори дека ќе се легализираат сите верски објекти и нивните придружни објекти. Сепак, Касами не прецизира дали и новопоставениот крст е дел од оваа најавена легализација.

-Во урбанистичкиот план е предвидено верските објекти, црквата, џамијата и верувам дека ќе се среди ова прашање во врска со легализацијата на овие верски објекти. Зборувам за верските и придружните објекти од православната вера џамијата како целина како верски објекти на муслиманите, рече Касами.

Што е крстот – објект или урбана опрема?   

На Попова Шапка според Планот за управување со националниот парк, има џамија и црква, што заедно зафаќаат површина од 1,45 хектари. Џамијата е изградена во 2017 година. Општината Тетово не одговори на нашиот повик за ова прашање дали е легално граден објект, но само ни даде известување за статусот со крстот на црквата:

„Веднаш по поставувањето на крстот на Попова Шапка, Општинскиот инспекторат изврши увид на лице место. Констатирано е дека земјиштето на кое е поставен крстот е во сопственост на црквата, но оттаму немаат побарано дозвола за поставување на крстот. Целата процедура продолжува во рамки на законите“, одговорија од Општина Тетово.

Проблемот настана со толкувањето на статусот на поставениот крст. Црковниот совет смета дека е тоа урбана опрема за што не треба дозвола, а вакво толкување добивме и од Министерството за транспорт и врски.

„Крстот е урбана опрема и не потпаѓа под Законот за легализација, одговорија од Министерството.

Закон за градење ги регулира условите и постапките за градење, како и дефиниција на објектите. Во делот за урбана опрема се наведени неколку десетици објекти, како опрема за продажба на билети за јавен превоз, весници, сувенири, цвеќиња, храна, сладолед, телефонски говорници, автобуски постојки, типски објекти за обезбедување кои се во функција на обезбедување и други.

Во Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група во Член 19 е регулирана изградбата на верски објект, но не и на придружните како што е случај со крстот. „Верски објект се гради врз основа на барање за издавање на одобрение за градба“, пишува во Член 14 од Законот.

Национален парк полн дивоградби

Поставувањето на крстот предизвика политичките расправии, кои ги забарикадира во посебни ровови македонските и албанските партии доведувајќи на раб на меѓуетнички тензии.

Од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи побараа од граѓаните внимателност и воздржаност, додека од општина Тетово неселективно и принципиелно постапување.

„Имајќи ја сензитивноста во предвид апелираме политиката и на неа сродните интереси да не се вмешуваат во меѓучовековите односи. Во однос на изградбата на профани или религиозни објекти, како и поставување на нивни обележја на туристичкиот центар Попова Шапка упатуваме на неселективна и принципиелна поставеност на општина Тетово“ порачуваа од Комисијата.

Со прогласувањето на Шар планина за национален парк утврден е големиот број на дивоградби, особено во СРЦ Попова Шапка.

Со Планот за управување со националниот парк  е утврдена намената на просторот: Примарната намена на просторот кој е предмет на овој УПВНМ е времено сместување во викенд-куќи, како и хотелски комплекси. Дневното снабдување е организирано во најголем дел во состав на хотелските комплекси, а постои и мал маркет. Од јавните институции постојат амбуланта, метеоролошка станица, комплекс објекти во сопственост на МВР и АРМ на РМ и верски објекти – црква и џамија. Од производствените објекти постојат магацини кои не се во употреба, додека пак од објектите на комуналната супраструктура постојат-објектот на жичарата што го поврзува центарот со градот Тетово.“, пишува во Планот.

Но, колку од овие објекти се законски градени, ќе треба да утврдат инспекторите и потоа да постапуваат. Според некои пресметки има 300 па и 400 дивоградби на овој простор.

Законот предвидува покрај градежната дозвола, да се побара и мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање, бидејќи се работи за заштитено подрачје. /В.К.

Related posts

Истражување на РСЕ: Руси поврзани со Кремљ вработени во највисокото европско безбедносно тело

admin

МАКЕДОНСКИТЕ И БУГАРСКИТЕ ИСТОРИЧАРИ БЕЗ ДОГОВОР ЗА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА

ninja

Ахмети по средбата со Ескобар: ДУИ е подготвена да го води процесот

admin

ПРОСЕЧНО СЕМЕЈСТВО СО ПОТПРОСЕЧЕН ЖИВОТ

ninja

Аеродромот во Хамбург останува затворен, полицијата се справува со „заложничката ситуација“

admin

АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА „ТАРГЕТ -ТВРДИНА“

ninja