8.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Пендаровски: Не сум безгрешен, но мојата совест е мирна

По изборите, следната година, две работи се клучни за државата – одржување на стабилни меѓуетнички односи и продолжување на европската интеграција, порача шефот на државата Стево Пендаровски во обраќањето пред Собранието. За опозицијата говорот бил празен, а власта застана зад претседателот.

 

Ставови за „евергрин теми“, како евроинтеграциите, уставните измени, војната во Украина, иселувањето на младите, судството и корупцијата и за нешто „ново“ – војната меѓу Израел и Хамас, доминираа во говорот на претседателот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање во Парламентот на 19 декември.

Зборувајќи за својот мандат, рече дека можел и поинаку да постапи носејќи некои одлуки, дека не бил безгрешен, но како што рече, немал лоша намера.

„Никогаш во мојот мандат не сум учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако од нив не бев поштеден, ниту јас, ниту моето семејство, никогаш не договарав тендери и провизии, не вработував роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските немам побарано посебен третман. Како за сите, така и за мене“, оцени претседателот.

Ова беше петто по ред годишно обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски и последно во овој мандат како шеф на државата.

Пендаровски е претседател од мај 2019, а мандатот му истекува во мај 2024. Изборите за претседател на државата се планирани за мај следната година.

Пендаровски, иако јавно не најави дека би побарал втор мандат, не ја исклучува таквата можност.

Претседателот говореше околу половина час, а започна со академско доцнење од 15 минути.

Во својот мандат, вели Пендаровски, се трудел да не биде затворен во канцеларија и да биде достапен за сите, да ги чуе маките на граѓаните и каде може да помогне.

„Мојата совест е мирна“, рече Пендаровски во последниот годишен говор како претседател на државата.

Двете клучни работи

По изборите, без оглед како ќе одлучат македонските граѓани, две работи се клучни за државата, вели тој, а тоа се одржување на стабилни меѓуетнички односи и западната ориентација во надворешната политика, односно продолжување на европската интеграција.

Неспорно е дека не си ја завршивме домашната задача, вели претседателот, кој потсети на последните одлуки на Европскиот совет, кој порача Северна Македонија да ги усвои уставните измени, со кои Бугарите треба да влезат во Уставот.

Државата мора да остане на европскиот пат

Но, како што вели, и покрај тоа, државата мора да остане на патот на европските интеграции, без разлика кој и да ја раководи државата.

Ако евроинтеграциите забават или евентуално запрат, тоа нема да биде добро за ниту една сфера во општеството, заклучува претседателот.

А, за уставните измени, вели тој, следниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност.

„Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија“, рече Пендаровски.

Во својот говор, тој го повтори ставот од пред две години кажан во годишното обраќање дека „доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да одиме за да стигнеме до Унијата, не познавам некој кој е подготвен да чекори по тој пат“.

„Малку нè има во нашата држава“

Иселувањето е исто така една од темите за која претседателот говорел и во претходните годишни обраќања. Тој потсети на резултатите од Пописот во 2021 и на тоа што го покажаа дека „малку нè има во нашата држава“.

Итно е потреба демографска стратегија, поддржана и од власта и од опозицијата, но таа би почнала да дава резултати за некоја деценија, а дотогаш треба да се соочиме со реалноста – дека има помалку ученици и вработени, а многу пензионери, додава претседателот.

Странските санкции не се доволни

Зборуваше и за реформите во правосудниот систем, лоцирајќи дека отпорот тој да се реформира лежи во спрегата меѓу политичката и бизнис заедница со дел од судиите и обвинителите, која во изминатите децении, како што вели, создаде атмосфера во која се разви ендемска корупција која ја загрозува виталноста на државата.

Претседателот вели дека се стекнува впечаток дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции.

САД годинава ја ажурираат „црната“ листа со луѓе од Северна Македонија и луѓе кои имаат бизниси тука. А меѓународните партнери често критикуваат дека борбата со корупцијата не е на задоволително ниво, а правосудниот систем е еродиран, па со свои извештаи, оценски мисии и парична помош даваат свој придонес за зацврстување на овие системи.

„Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува“, додава Пендаровски.

Со тоа што процесите против корупција се бавни и неизвесни, граѓаните добиваат впечаток дека правдата е бавна и недостижна, па тоа фрла сенка и на малубројните успешно завршени судски процеси. Па затоа,

Пендаровски предлага „веднаш по изборите да се спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите“. Тоа би значело дека за секој, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка, додава претседателот.

Северна Македонија да ја прогласи Хамас за терористичка организација

Посочи и дека земјава треба да биде подготвена и за геостратешките предизвици. За агресијата на Русија врз Украина, вели дека „иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион.“

„Во кој има украински бегалци, руски државјани и фирми формирани од нив, зголемен интензитет на сајбер напади, а свој потенцијал имаат и старите, фрагилни точки во регионот: северот на Република Косово и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина каде што клучна стабилизирачка улога имаат меѓународните мисии во кои и ние учествуваме“, вели Пендаровски.

Дојдено е времето Северна Македонија и со формална одлука да потврди дека Хамас е терористичка организација, рече претседателот. Тој во својот говор посвети внимание на најактуелниот светски конфликт, меѓу Израел и Хамас, за кој, вели дека сите политички субјекти во државата треба да се многу внимателни, за да не се продлабочат поделбите во општеството.

Претседателот вели дека Израел, според сите меѓународни акти има право на самоодбрана, но според истите тие меѓународни документи, мора да води сметка не за терористите на Хамас, туку, за човековите права на Палестинците.

Годишно обраќање на Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски во Собранието, 19.12.2023
Годишно обраќање на Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски во Собранието, 19.12.2023

Празен говор или сè убаво си кажа – Реакции од партиите

Говорот на претседателот пред Собранието, освен пратениците го следеа и поранешните шефови на држави, други избрани и назначени функционери, религиозни челници, дипломатски кор. А по говорот, оценки стигнаа од партиите, и од тие од власт и од опозицијата.

Антонио Милошоски, пратеник на партијата во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ, оцени дека обраќањето на претседателот било „празно и полно со флоскули“.

„Се согласуваме само со еден факт во обраќањето на Пендаровски, а тоа е дека е ова неговото последно обраќање во Собранието на Република Македонија“, рече Милошоски.

За СДСМ, партија на власт, обраќањето на Пендаровски било државничко, како претседател на сите граѓани.

„СДСМ го поздравува фактот што претседателот Пендаровски цврсто стои на ставот дека државата мора да опстои на европскиот пат и на прозападната ориентација, затоа што е единствената алтернатива“, рече пратеникот Мартин Костовски од СДСМ.

Од владиниот коалиционен партнер ДУИ, велат дека претседателот ги опфатил сите главни теми.

„Тоа што треба да се истакне во оваа прилика се две прашања – Одржување добри меѓуетнички односи и одржување на европскиот курс на државата. Всушност ова се теми за кои се залага ДУИ од своето формирање, па се до денеска“, вели Арбер Адеми од ДУИ.

Од Алијансата за Албанците, која исто така е дел од власта, велат дека во претседателот гледаат свој сојузник, а особено мил им е апелот за „ветинг“ во правосудството и политиката. Го поздравуваат и делот во говорот за зацврстување на меѓуетничката доверба и меѓуетничката односи, но имаат и забелешки.

„Мислам дека требаше да застане претседателот со апел и да го каже неговиот став за отстранување на процентот 20 отсто со кој се дефинира албанскиот јазик, бидејќи тоа би ја зајакнало кохезијата и би допринело многу силно за зајакнување на меѓуетничката доверба во државата“, рече пратеникот од Алијансата за Албанците Халил Снопче.

Фадил Зендели, од Беса, партија во опозиција. вели дека во обраќањето на Пендаровски немало ништо ново.

„Тие точки што тој ги повтори во Собранието тие се јасни проблеми што ги има општеството и државата, но во никој случај не даде јасна насока како да се надминат, а од претседателот на државата би требало некогаш во вакви обраќања да има и насоки, во која насока работите треба да течат“, вели Зендели.

Пендаровски е петтиот по ред претседател на Северна Македонија од независноста.

Извор: РСЕ

Related posts

Деветти антикризен пакет: Мерките како „сламка за спас“ за најранливите, а причина за контрирање на партиите

admin

ВУЧИЌ И КУРТИ ГО ПРИФАТИЛЕ ЕВРОПСКИОТ ПЛАН ЗА НОРМАЛИЗАЦИЈА

ninja

Втор ден од министерскиот совет на ОБСЕ, Лавров “нон грата”

admin

СДСМ во Приштина, ЕСП во Вашингтон

admin

БОРЕЛ – РУСИЈА ЈА ЗАГРОЗИ НУКЛЕАРНАТА БЕЗБЕДНОСТ

ninja

Анкетата на ИРИ во Северна Македонија покажува зголемување на руското и кинеското влијание

ninja