Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика иранските дипломати ширум светот да побараат азил и да помогнат во создавање „нов и подобар Иран“, додека САД и Израел продолжуваат со воените операции против Иран.
Трамп ја упати пораката за време на настан во Белата куќа во четвртокот навечер, каде што беа примени фудбалерите на Интер Мајами, шампиони во американската МЛС лига. Играчите, меѓу кои и капитенот Лионел Меси, стоеја зад претседателот додека тој се обраќаше.
„Ги повикуваме иранските дипломати ширум светот да побараат азил и да ни помогнат да создадеме нов и подобар Иран“, рече Трамп.
Тој изјави дека американската воена операција, наречена „Epic Fury“, спроведена заедно со „израелските партнери“, ги уништува иранските капацитети за беспилотни летала и ракети.
„Штом ќе лансираат ракета, за четири минути се погодува лансирната рампа“, рече Трамп, додавајќи дека значителен дел од иранската воена инфраструктура е веќе уништен.
Според него, околу 60% од иранските ракети и 64% од лансирните системи се уништени, додека комуникациските системи и воздушната одбрана се сериозно ослабени.
Трамп ги повика и припадниците на Иранската револуционерна гарда, како и полицијата и армијата, „да го положат оружјето“.
„Само ќе бидете убиени. Сега е време да станете и да помогнете да ја вратите вашата земја“, рече тој.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој во четвртокот говореше во седиштето на Централната команда на САД (CENTCOM) во Тампа, Флорида, изјави дека Иран прави „сериозна погрешна пресметка“ ако мисли дека Вашингтон нема капацитет да ја одржи војната.
„Иран се надева дека не можеме да ја издржиме оваа операција, што е многу лоша проценка“, изјави Хегсет пред новинарите.
Тој додаде дека САД не ги прошируваат своите воени цели во Иран.
„Нема проширување на нашите цели. Точно знаеме што сакаме да постигнеме“, рече тој.
Началникот на CENTCOM, адмирал Бред Купер, изјави дека балистичките напади од страна на Иран се намалиле за околу 90% од почетокот на операцијата.
Американската војска соопшти дека досега потопила повеќе од 30 ирански бродови, меѓу кои и брод за беспилотни летала.
Во меѓувреме, Претставничкиот дом на САД во четвртокот ја отфрли резолуцијата со која се бараше прекин на воените операции против Иран без одобрение од Конгресот.
Предлогот беше одбиен со 219 гласа „против“ и 212 „за“, главно по партиска линија, со што пратениците му дадоа поддршка на Трамп за продолжување на воената кампања.
Трамп исто така изјави дека неговата администрација работи на стабилизирање на цените на нафтата поради стравувањата дека Иран би можел да го затвори Ормутскиот теснец, клучна рута за глобалната трговија со енергенси.
Според него, Техеран веќе стапил во контакт со Вашингтон во обид да постигне договор.
„Ми се јавуваат и прашуваат: ‘Како да направиме договор?’ Им реков дека доаѓаат малку предоцна“, рече Трамп.

