Косовскиот премиер Албин Курти синоќа присуствуваше на претставата „Надвор од решетките“ во Албанскиот театар во Скопје, заедно со лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити и Биљал Касами, во пресрет на конгресот за обединување на коалицијата најавен за 9 мај.
Меџити соопшти дека заедно со Курти, неговите колеги од ВЛЕН и љубители на уметноста ја следеле претставата, која, како што рече, ја поставила публиката пред вистината дека „слободата и мислата не се затвораат зад решетки“.
„На сцената се сретнаа Исмаил Кадаре и Укшин Хоти, едниот преку литературата, другиот преку својот живот, за повторно да ја вратат во фокус тежината на зборот и нескршливоста“, напиша Меџити.
Тој оцени дека претставата го надминала обичното раскажување и се претворила во „огледало на нашето сеќавање“, додавајќи дека ликот на Укшин Хоти не е само историја, туку „отворено прашање што продолжува да нè следи и денес“.
Според Меџити, во духот на Исмаил Кадаре, Укшин Хоти бил претставен како човек што не се скршил и како мисла што не била поразена.
„Една фигура што ја надминува личната судбина и се издигнува во симбол на поголема национална драма, интелектуалец кој и во тишина зборува посилно од вревата на времето“, наведе Меџити.
Касами, пак, соопшти дека со Курти ја следеле претставата „Надвор од решетките“, која, според него, на сцената го оживеала едно од најважните политички дела во современата албанска историја – размената на писма меѓу Исмаил Кадаре и Укшин Хоти.
„Покрај тоа што уживавме во ова ремек-дело на уметноста, со премиерот Курти разговаравме и за Конгресот на обединување на ВЛЕН на 9 мај“, напиша Касами.
Тој најави „многу добри работи“ и плодна соработка меѓу двете партии и двете влади, како што рече, „во добро на нашиот народ од двете страни на границата“.
Присуството на Курти во Скопје доаѓа во период кога ВЛЕН најавува формално обединување во една политичка партија, со конгрес закажан за 9 мај.

