Неколку населби во Скопје, Кочани и повеќе села во општина Теарце веќе неколку часа се без електрична енергија, јавија жители на овие населени места.
Компанијата за дистрибуција на електрична енергија ЕВН не објави претходно известување за прекинот, а причините засега не се познати. Граѓанитеu велат дека морале да плаќаат телефонски повици до ЕВН за да пријават дефект или да добијат дополнителни информации.
ЕВН е сопственик и оператор на дистрибутивната мрежа за електрична енергија во Северна Македонија, откако австриската компанија во 2006 година го презеде дистрибутивниот бизнис во рамки на процесот на либерализација и приватизација на енергетскиот сектор.
Државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), поранешен ЕЛЕМ, остана во државна сопственост и е одговорна за производство на електрична енергија, додека дистрибуцијата и снабдувањето беа издвоени и приватизирани. Овој модел со години е предмет на јавни и политички дебати, особено во периоди на прекини во снабдувањето и раст на цените на електричната енергија.
Во изминатите години, ЕВН беше предмет на повеќе контроверзии и критики во јавноста, вклучително и обвинувања за недоволна транспарентност, начинот на пресметка на сметките, квалитетот на услугите и односот кон потрошувачите. Компанијата во повеќе наврати ги отфрлаше обвинувањата, наведувајќи дека работи во согласност со законите и регулативите и дека инвестициите во мрежата се во тек.
Регулаторната комисија за енергетика досега повеќепати најавуваше надзор и постапки поврзани со работењето на енергетските компании, додека прекините во снабдувањето со струја редовно предизвикуваат реакции кај граѓаните и опозицијата.

