Шпанија дозволи луксузниот крузер „МВ Хондиус“, погоден од смртоносна појава на хантавирус, да се закотви на Канарските Острови, откако Зеленортските Острови не биле во можност да ги примат 147 патници и членови на екипажот.
Шпанското Министерство за здравство соопшти дека одлуката е донесена по консултации со Светската здравствена организација (СЗО), која оценила дека Канарските Острови се најблиската локација со капацитет за медицински третман и евакуација.
„Шпанија има морална и правна обврска да им помогне на овие луѓе, меѓу кои има и шпански државјани“, соопшти Министерството.
Од почетокот на епидемијата во април починаа холандска брачна двојка и германски државјанин, додека британски патник, кој претходно бил евакуиран од бродот, се наоѓа на интензивна нега во Јужна Африка.
Според операторот на бродот „Oceanwide Expeditions“, уште двајца членови на екипажот имаат потреба од итна медицинска помош, а едно лице со сомнителен случај има блага температура.
Бродот, кој плови под холандско знаме, ќе продолжи кон Канарските Острови по евакуацијата на критичните пациенти. Патувањето треба да трае околу три дена, а бродот ќе се закотви во Гран Канарија или Тенерифе.
Шпанските власти најавија дека сите патници и членови на екипажот ќе бидат прегледани, третирани и репатрирани во координација со Европскиот центар за превенција и контрола на болести и СЗО.
СЗО соопшти дека постои сомневање за ограничен пренос на вирусот меѓу блиски контакти на бродот, што е ретка појава кај одредени видови на хантавирус.
„Веруваме дека можеби има одреден пренос меѓу блиски контакти, сопружници и луѓе што делеле кабини“, изјави Марија Ван Керхове, директорка за подготвеност и превенција од епидемии во СЗО.
Таа додаде дека ризикот за пошироката јавност останува низок и нагласи дека според информациите „нема стаорци на бродот“.
Според СЗО, се верува дека холандската двојка се заразила уште пред качувањето на бродот, за време на престој во Аргентина, додека други случаи можеби се поврзани со посети на острови населени со птици и глодари.
Крузерот испловил од Ушуаја во Аргентина на 1 април и патувал кон Зеленортските Острови, посетувајќи го Антарктичкиот Полуостров, Јужна Џорџија и неколку од најоддалечените острови во светот.
Патувањето било рекламирано како луксузна експедиција на Антарктикот, со цени од 14.000 до 22.000 евра по лице.

