Рубин Земон, член на Извршниот одбор на СДСМ, поднесе оставка од партиската функција по серија реакции во јавноста поврзани со неговите изјави за Гоце Делчев и средбата во Софија со Виктор Стојанов, претседател на „Фондација Македонија“.
Земон преку објава на Фејсбук соопшти дека се повлекува за да го заштити угледот на СДСМ и да не биде товар за партијата.
„Сакајќи да го заштитам угледот на СДСМ од непринципиелните напади кон мене, а со тоа не бирајќи средства да го инволвираат и моето семејство, а со цел да не бидам терет на борбата на партијата кон уривањето на оваа власт, поднесувам оставка од местото член ИО на СДСМ“, напиша Земон.
Оставката доаѓа по неговата изјава во поткаст, во која рече дека од Гоце Делчев е направен мит и дека тој „ништо не напишал“ и „ниедна битка не извојувал“. Земон подоцна се извини и тврдеше дека неговите зборови биле извадени од контекст и погрешно протолкувани.
Дополнителни реакции предизвика фотографија од Софија, каде Земон бил во друштво на Виктор Стојанов. Стојанов има забрана за влез во Северна Македонија и против него претходно беше поднесена кривична пријава за ширење говор на омраза кон македонската држава и македонскиот народ.
Земон изјави дека средбата била случајна и дека првично не знаел дека станува збор за луѓе од фондацијата.
„Со мојот син седевме во трговски центар во Софија кога ми пријдоа луѓето, ми кажаа дека ме препознале кој сум и прашаа дали може да седнат со нас на кафе и да направат фотографија. Првично не знаев дека станува збор за луѓе од фондацијата“, напиша Земон.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека оставката на Земон е доказ дека и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, сфатил дека партијата претерала.
„Дали Венко Филипче се оградува од ставовите на членот на ИО Рубин Земон, кој тврдеше дека Гоце Делчев не направил ништо за Македонија и не е битен за македонскиот идентитет?“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија оценија дека Филипче е опкружен со луѓе кои, според нив, не се дистанцираат од политики што ја навредуваат Македонија.
„Како што тргнал Филипче, на крај ќе остане сам со кланот Заеви“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Рубин Земон претходно беше посебен советник за развој на мултикултурно општество во кабинетот на поранешниот премиер Зоран Заев. Во 2019 година влезе во Собранието како пратеник, заменувајќи го Томислав Тунтев, со што стана првиот претставник на египќанската заедница избран за пратеник во македонскиот парламент.

