22.5 C
Скопје
24 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Предвремени избори на повидок? Политичката сцена зовре по изјавата на премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „наскоро ќе има избори“, со што повторно ја отвори можноста за предвремено гласање, иако досега тврдеше дека парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2028 година.

Мицкоски рече дека жали што СДСМ, според него, повторно избрал „да клекне пред туѓи интереси“, наместо да застане со Владата.

„Добрата вест е дека наскоро ќе има избори и по тие избори партијата што ја води тој, Венко Филипче, ќе биде маргинализирана. Се надевам дека тој и тие како него засекогаш ќе исчезнат од политиката, а ќе дојдат луѓе што ја сакаат татковината и што ќе се борат за оваа земја заедно со оваа влада и со мене“, рече Мицкоски.

На изјавата реагираше лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека не знае на какви избори мисли премиерот, но претпоставува дека станува збор за парламентарни избори.

Според Филипче, тоа е логично бидејќи, како што рече, „на државата ѝ снемува пари“, а начинот на владеење на актуелната власт не може долго да функционира.

„Ние сме подготвени за избори кога и да се случат и ќе ѝ ставиме крај на оваа власт, затоа што е криминална, најкорумпирана во цела Европа и антинародна“, изјави Филипче.

По најавата на Мицкоски реагираше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој рече дека е подготвен за предвремени избори.

„Јас уште од првиот ден побарав предвремени избори. Не е изненадување. И утре да има избори, јас сум подготвен“, изјави Ахмети.

Реакција пристигна и од министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кој на социјалните мрежи сподели објава со фотографија од Мицкоски и наслов дека парламентарните избори ќе се одржат наскоро.

Под фотографијата стои пораката: „Со Фатмир Лимани сакавте војна, сега покажете колку вредите. Наскоро ќе ви овозможам да се покажете“.

Објавата се толкува како дел од серијата реакции на Лимани по неговите несогласувања со раководството на коалицијата ВЛЕН, во која тој беше дел преку Движењето Беса на Биљал Касами.

Касами неодамна изјави дека Лимани повеќе не е дел од политичките комбинации на ВЛЕН.

„Господинот Фатмир Лимани одамна ја прекина комуникацијата со Движењето Беса и не гледам дека во нашето патување во рамки на ВЛЕН тој е дел од политичката комбинаторика“, рече Касами во интервју за ТВ Алсат.

ВЛЕН треба официјално да се обедини во една политичка партија во сабота, на 9 мај. Според најавите, партијата ќе има копретседатели – Изет Меџити и Биљал Касами, двајца потпретседатели – Мимоза Муса и Беким Ќоку, како и секретар – Беким Сали.

 

Related posts

Тестовите ПИСА се аларм за итни реформи во образованието

admin

Државата го доби арбитражниот спор за „Казандол“, заштедени 115 милиони евра

admin

СПОРНИ МЕРЕЊА – КОЈЗНАЕ КОЛКУ Е ЗАГАДЕН ВОЗДУХОТ

ninja

САД ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ДА ВОВЕДУВААТ САНКЦИИ НА БАЛКАНОТ

ninja

ЕУ и земјите од Персискиот Залив ги осудија иранските напади, повикаа на итен прекин

admin

Во ЕВН пристигнаа 1.385 поплаки за сметките за струја

admin