Родителите на жртвите од трагедијата „Пулс“ реагираа на изречените условни казни за злоупотреба на службена должност, оценувајќи дека судската одлука не ја одразува тежината на последиците и испраќа порака за неказнивост.
Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ соопшти дека ваквата судска пракса е спротивна на законските одредби, кои предвидуваат казни затвор од шест месеци до десет години, во зависност од тежината на делото.
И покрај утврдената вина, судот во конкретниот случај изрекол условни казни, без ефективно издржување затвор.
„Станува збор за систем што со години дозволувал незаконитости, чие непостапување создало услови за трагедија во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени“, наведуваат од здружението.
Тие посочуваат дека постои сериозен несразмер меѓу утврдената вина и изречената санкција, што, според нив, претставува минимизирање на одговорноста.
„Ова не е правда, туку формалност. Испратен е јасен сигнал дека системот се штити сам себе, наместо да се соочи со сопствените пропусти“, додаваат од „16-ти Март 2025“.
Во пораката се наведува и дека долгорочните пропусти во системот создале услови за трагедијата, при што се поставува прашањето за институционалната одговорност.
Здружението апелира до повисоките судски инстанци да ја преиспитаат пресудата и да обезбедат санкции што ќе бидат во согласност со тежината на последиците.
„Бараме одговорност без компромис – за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле кон вакви последици. Без тоа, правдата останува само збор“, се наведува во реакцијата.

