24.8 C
Скопје
15 октомври, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО 2023 ГОДИНА?

Дали власта ќе биде принудена да ја прифати понудата на опозицијата – гласање за уставни измени по распишување на предвремени избори?

 

Пишува: Џелал Незири

Движењето БЕСА неодамна излезе со нов предлог за компромис со владата: ќе поддржат уставни измени за вклучување на етничките Бугари во преамбулата, како дел од обврските од Францускиот предлог, под услов претходно да се распишат предвремени избори. Не се знае дали ВМРО-ДПМНЕ ќе застане зад ваквиот предлог, но со оглед на притисокот да не се блокираат овие измени, можно е и да го прифати како добар компромис со власта.

Врз основа на договорот Скопје-Софија постигнат годинава во форма на француски предлог, Северна Македонија ги започна долгоочекуваните преговори под услов до крајот на скрининг-процесот да се направат уставни измени. За ова владата ги нема бројките и треба некаде околу 4 пратеници за да стигне до две третини од гласовите во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време бара предвремени избори, бидејќи анкетите ја прикажуваат како прва партија меѓу Македонците, далеку од СДСМ на премиерот Димитар Ковачевски.

Од 2006 година, земјата нема редовни избори. Првите предвремени избори беа распишани во 2008 година, потоа повторно во 2011, 2014, 2016 година и конечно во 2020 година. Овој циклус на чести, вонредни избори е показател за тековната политичка криза во Северна Македонија, која трае веќе 14 години. Започна со грчкото вето за членство на Северна Македонија во НАТО, употребено на Самитот во Букурешт во 2008 година, по што следеше француското вето на Самитот на Советот на ЕУ во 2019 година, што ја спречи земјата да започне преговори за членство со Брисел и е заокружена со бугарското вето.

Дали власта ќе биде принудена да ја прифати понудата на опозицијата – гласање за уставни измени по распишување на предвремени избори?

Сето тоа ќе зависи од времетраењето на процесот на скрининг. Овој процес, започнат во јули оваа година, значи детална анализа за секоја област на политика (поглавје), за да се утврди колку добро земјата е подготвена. Ова испитување веќе го спроведува Европската комисија заедно со Владата на Скопје. Резултатите од скринингот според поглавјата ќе им бидат презентирани на земјите-членки на ЕУ во форма на извештај. Извештајот на крајот препорачува или отворање на преговорите или исполнување на одредени услови или одредници. Овој процес обично трае од шест месеци до две години. Србија го започна процесот на скрининг на 21 јануари 2014 година и заврши на 14 декември 2015 година, кога ги отвори првите две поглавја. Црна Гора, пак, ги започнува преговорите по шестмесечниот скрининг во 2012 година.

Доколку скрининг-процесот за Северна Македонија заврши во септември или октомври 2023 година, тогаш уставните измени ќе бидат наметнати како услов да се продолжи понатаму со отворањето на првите поглавја. Доколку владата не најде начин да обезбеди две третини од гласовите, тогаш земјата би западнала во нова политичка криза бидејќи би се активирало бугарското вето, што би го спречило продолжувањето на преговорите за членство во ЕУ. Но, во овој период предвремените избори би биле бесмислени бидејќи би се одржале неколку месеци пред редовните претседателски избори, закажани за април 2024 година. Заедно со овие избори се очекува да се одржат и редовните парламентарни избори. Експертска или широка владина коалиција може да биде уште едно решение за управување со државата до редовните избори.

Сепак, 2023 година ќе биде година исполнета со неизвесност и недостаток на политичка стабилност. Коалициите и прегрупациите се одамна во тек, секогаш водени од расположението на граѓаните, мерено во анкети. Конечно, земјата може да има два идеолошки блока, формирани како предизборни коалиции, кои ќе се натпреваруваат за преземање или продолжување на власта.

Related posts

Зошто власта и опозицијата не можат да договорат изборни датуми?

admin

ПАРЛАМЕНТАРНИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ НА ИСТ ДЕН?!

admin

Опасна политичка апатија

admin

КАКО ДО ДОЛГОРОЧЕН МИР ВО РЕГИОНОТ?

admin

Адвокатот на Брејвик

admin

НОВИНАРИТЕ НЕ СЕ БОКСЕРСКА ВРЕЌА

admin