16.8 C
Скопје
6 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ВЕТИНГ ТРЕБА, АМА КОЈ ДА ГО НАПРАВИ?

Најавите за ветинг и изјавите на политичарите за негова поддршка во борбата против корупцијата не се доволни за негово успешно спороведување, оценува стручната јавност. И меѓународната заедница се сомнева во капацитетите на државата, но и во искреноста на политичката волја за таква реформа.

Една од реформите која може да донесе видливи резултати во борбата против корупцијата и криминалот е ветингот, но за да се спроведе, потребни се човечки ресурси. Ова е ставот на францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер, околу тоа дали проверката на судии, на полициски службеници, на административци инт. би донела подобри резултати во борбата против корупцијата, за што пак во последниот период, државата доби доста критики од меѓународниот фактор.

Амбасадорот Бомгартнер вели дека во однос на одредени афери од последно време, таква реформа може да има смисла, но сепак додава дека пред да се почне со тој процес потребно е да се видат искуствата од соседна Албанија, во која се спроведува ветингот.

„Она што сакам да го кажам е дека се уште има работи коишто треба да се променат во рамки на системот. Закони на пример, коишто може да бидат предложени за да се постигне поголема ефикасност и транспарентност во судството, но на крајот повторно ќе кажам дека, ако го промениме системот, ако ги смениме процедурите, секогаш ќе треба да најдете човечки ресурси да ги спроведат тие. Затоа многу е важно акцентот да се стави на човечкиот фактор. И ќе кажам дека има низа на активности коишто може да се спроведат, на пример обуки итн, но прашањето поврзано со промоција, унапредување и вреднување според заслугите е суштинската работа“, вели во интервјуто, амбасадорот Бомгартнер.

По дефиниција ветингот претставува проверка на одредена личност пред преземањето на нова функција. Но, за да се имплементира ветинг системот и за да се прочистат сите институции, потребни се стандарди и услови кои тоа треба да го овозможат.

Ветингот во правосудството деновиве повторно стана актуелно прашање, иако беше најавуван и во изминатите неколку години, но никогаш не се реализира.

Критиките на американската амбасадорка Анѓела Агелер која изјави дека е збунета од изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поради одредени индиции за негови врски со претставници на ДУИ, повторно ја вратија идејата за ветинг во правосудството.

Набрзо потоа следеа декларативни изјави за тоа дека без ветинг нема успех во борбата против криминалот, токму од првите луѓе во ДУИ, Али Ахмети и првиот виепремиер, Артан Груби. Политичка заложба и изјави за ветинг слушавме и од СДСМ во 2019 и 2020 година, но процесот никогаш не започна.

И премиерот Димитар Ковачевски деновиве изјави дека се поготвува нов предлог закон за ветинг, но според стручната јавност, тој би требало да се изработи врз основа на проверени искуства и да има механизми против евентуални злоупотреби.

Во регионот само Албанија имаше храброст да спроведе ветинг во редовите на судскиот систем. Ово порцес почна во 2016 година и исфрли на на површина голем процент на корупција помеѓу судиите и јавните обвинители. Над 60 проценти од судиите беа сменети, а голем дел од нив си дадоа оставки уште пред да почне ветингот.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнал Македонија“ вели дека најверојатно исто како и Албанија и Македонија ќе се соочи со многу испразнети столчиња во правосудниот сектор доколку се направи оваа реформа. Но, таа уверува дека овој процес мора да се спроведе, бидејќи како што вели, долгорочните ефекти ќе бидат многу поголеми, од краткорочниот застој на предмети во фиоки.

„Јас мислам дека нас ќе ни се појави истата ситуација како во Албанија. Таму останаа судовите без судии. И сега имаме ситуација на застој на решавање предмети. Ние кај нас секако имаме застој во решавање на предмети, но поарно еднаш засекогаш да го решиме проблемот. Еве да видиме што било проблем од албанското искуство, па да најдеме решенија како тоа може да се превенира и да го пресретнеме проблемот,“ вели Тасева.

Дека државата нема капацитет за спроведување на ветингот признава и шефот на државата Стево Пендаровски.

„Ќе го спроведуваат овој ветинг истите тие што се во државата. Не зборувам за претседателот, премиерот конкретно, туку кој ќе го спроведува ветингот?! Кој орган? Ќе пишуваме во закон, но нели е тоа истиот човечки материјал, дали е во правосудството или е во политиката кој доведе до овие 8 отсто доверба и 92 отсто недоверба?! Истиот!“, рече Пендаровски во интервју за телевизија Алсат.

И антикорупционерите се на иста линија. Горан Трепеноски од ДКСК смета дека најлесно е сега да се бара закон за ветинг, но најосновното прашање е кој човечки фактор ќе го спроведе ветингот, оти како што вели, земјава нема капацитет за спроведување на оваа реформа.

Покрај човечкиот фактор, стручната фела укажува на тоа дека се ќе зависи од искреноста на политичката волја и умешноста. Според експертите, несаканите последици од оваа постапка можат да бидат политички злоупотреби, временска дупка во функционирањето на институциите поради отстранување на некомпетентни вработени, па дури и дестабилизација на државата.

На 31-ви јануари 2020 година пратеничката група на ДУИ до парламентот поднесе предлог-закон за ветинг за лица кои се носители на јавни функции во законодавната, извршната и судската власт. Со овој закон се предвидуваше формирање на Агенција што ќе ги контролира сите актуелни носители на јавни функции, но и сите тие што ќе се кандидираат. Законот не помина, а десет дена подоцна Собранието се распушти поради закажаните избори.

Related posts

Таравари најбогат, Пендаровски најмалку транспарентен од претседателските номинации

admin

Борел: Гласачите, од страв, би можеле да ја поддржат десницата во ЕУ

admin

РСЕ: Синови и блиски на политичари во бизнисот со брзи кредити

admin

Владата и невладините во клинч – соработка на „стаклени нозе“

admin

Британскиот амбасадор порача: Негувајте го вашиот јазик и вашата култура/ВИДЕО

ninja

ДЕЦАТА НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ – ТРН ВО ОКО ЗА ЈАВНОСТА

ninja