19.8 C
Скопје
28 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ЗА ШТО СЛУЖАТ ЗАКОНИТЕ?

Уредби, законски дупки, дискрециски права… Еден случај открива како секој го земал од „полицата“ само тоа што му одговора.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) при постапувањето по анонимна претставка заради сомневање за начинот на кој Барлет Џафери, син на Талат Џафери, конкурирал во Академијата за судии и јавни обвинители, не го најде одговорот на тоа прашања, ама отвори многу други. Една од пречките поради кои ДКСК не можела да утврди дали младиот Џафери имал соодветно образование според Националната рамка на квалификации, односно дали ги исполнил условите да полага правосуден испит, е одговорот од Министерството за правда дека рокот за чување на барањата и другата пропратна документација на кандидатите за полагање правосуден испит изнесува една година.

„Министерството за правда ја извести  ДКСК дека врз основа на член 27 од Уредбата за канцелариско и архивско работење („Службен весник на РМ“, бр.01/14) министерот за правда секоја година носи листа на документиран материјал со рокови за негово чување за потребите на министерството. Во дописот се укажува дека рокот за чување на барањата и другата пропратна документација на кандидатите за полагање правосуден испит изнесува една година. Поради наведеното ДКСК не е во можност да утврди кога кандидатот го поднел барањето за полагање, дали ги исполнувал условите за полагање и кое службено лице го издало решението дека кандидатот ги исполнува истите“, образложи ДКСК.

Уредбата како покритие

Што предвидува Уредбата за канцелариско и архивско работење, од трети јануари 2014 година? Според член 26 „имателот врши тековно одбирање на архивскиот од документарниот материјал“, што значи дека Министерство за правда ја прави селекцијата.

Според член 27 „заради класифицирање и одбирање на архивскиот материјал и издвојување на документарниот материјал, имателот донесува План на архивски знаци, Листа на архивски материјал и Листа на документарен материјал со рокови за негово чување“, кои (став 2) со рокови за негово чување се изготвуваат комисиски со учество на  службени лица од организационите единици на имателот“. Токму на овој член се повикале и оправдале од ресорот правда.

Според член 28, Планот на архивски знаци, Листата на архивски материјал и Листата на документарен материјал со рокови за негово чување се доставуваат до Државниот архив до 30-ти ноември во тековната година, а се применуваат во наредната година, што значи дека на посочените документи не би требало да им биде изгубена трагата. Особено, што член 46 став од Уредбата предвидува и „имателот да го чува и заштитува архивскиот и документарниот материјал во неконвенционален облик на начин што обезбедува заштита на интегритетот, автентичноста, веродостојноста и континуитетот на материјалот“.

Кои документи и на колкав рок се чуваат?
Кои документи и на колкав рок се чуваат?Фотографија: chromorange/picture alliance

Ревизија на испити во последните пет години 

Сега излегува дека таков континуитет во овој случај не постои. Од друга страна, во Законот за правосуден испит од 2013 година е предвидено право на ревизија на правосудните испити, која би била невозможна ако комплетната документација се чува кратко.

Во член 27 став 2 од тој Закон се вели: „Материјалите од одржаните испити, особено хартиените верзии од тестовите и студиите на случај за полагање на правосудниот испит и специмените за проверка на точноста на одговорите на тестот и студиите на случај, како и снимките од одржаните испити се чуваат во Министерството за правда“.

За таа цел, министерот за правда формира Комисија за ревизија на одржаните испити, во која, покрај другите членови членуваат и претставник од Владата и и информатичар од МИОА определен од Владата. Според став 4, Комисијата се состанува најмалку еднаш годишно и врши ревизија на начинот на спроведување на најмалку две сесии одржани во тековната година. Според став 5, Комисијата има право да изврши ревизија и на начинот на спроведување на испитите одржани во последните пет години до денот на одржувањето на состанокот на комисијата. А доколку утврди нерегуларности во спроведувањето на испитот, предлага одземање на уверението за положен правосуден испит.

А, ако се има предвид дека според член 12 став 1 „министерот за правда, или од него овластено лице, со решение утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот“, тогаш документите за степенот на образование и други докази за исполнети услови за полагање на правосуден испит, се неодвоив дел од ревизијата за начинот на кој кандидатот се стекнал со уверение за положен правосуден испит, што значи дека било нужно сите податоци да се чуваат многу повеќе од една година. А клучни податоци за исполнетоста на условите морало да има, бидејќи според член 11 став 2 „со барањето за полагање на испитот кандидатот е должен да поднесе докази за исполнување на условите за полагање на испитот, пропишани со овој закон“.

Сите овие законски одредби биле во сила во периодот кога Барлет Џафери се пријавил да полага и го положил правосудниот испит.

Во новиот Закон за правосуден испит од септември 2019, а со примена од 1-ви јануари 2020 година, според член 19 Секретарот на Комисијата е должен да води записник за текот на полагањето на секој предмет за секој кандидат во кој задолжително се внесуваат сите податоци за кандидатот, состав и присутни членови на Комисијата, датум, времето и местото на полагање, испитни и дополнителни прашања, и други поважни забелешки за текот на испитот. Со законот е предвидено  Министерството за правда  да води евиденција за полагањето на испитот која се чува трајно./DW

Related posts

Се тресе владата на Курти, министерот за одбрана поднесе оставка

admin

Словенија распореди полиција на границите со Хрватска и Унгарија

admin

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО МНОЗИНСТВО – ДВЕ НАПРЕД ЕДНО НАЗАД

ninja

Расмусен: Безбедносен интерес на САД е Русија да биде поразена

admin

ЗА ДЕВЕТ МЕСЕЦИ 669 ЖЕНИ ПРИЈАВИЛЕ СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

ninja

КОЈ ЌЕ БИДЕ ПРОГЛАСЕН ЗА ПЕРСОНА НОН ГРАТА НА 4 ФЕВРУАРИ?

ninja