26.8 C
Скопје
15 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

АМНЕСТИЈА ВО ПРЕСРЕТ НА УСТАВНИ ИЗМЕНИ?

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог закон за амнестија на осудените за насилниот упад во Собранието на 27 април. Овој предлог доаѓа пред пратениците во исто време кога се подготвуваат и уставни измени. Јавна поддршка за амнестија веќе даде владиниот коалициски партнер Стојанче Ангелов.

Судбината на дел од осудените за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година повторно се актуелизира. Тајмингот кога тоа се случува, непосредно пред Парламентот да ја отпочне постапката за изготвување на уставни измени со кои би се вметнале Бугарите во Преамбулата за да продолжат пристапните преговори, отвори дилеми во јавноста и во медиумите за можна „реприза“ на периодот околу Преспанскиот договор. Тогаш се случи првата амнестија на осудени за крвавиот четврток, меѓу кои, петмина пратеници.

На маса се две опции. Eдната е амнестија преку носење закон во Собрание, а втората одлука на Врховниот суд со која може да се укине или потврди пресудата. Овие две опции се однесуваат на луѓето кои се осудени за кривичното дело „тероризам“ затоа што со фантомки упаднаа во собраниската прес сала и ги нападнаа пратениците, на денот кога мнозинството пратеници во тензична атмосфера го назначија Талат Џафери за претседател на Собранието.

Да нема селективна правда

За првиот предмет кој се однесува на „крвавиот четврток“ во 2017 година беа обвинети 33 лица од кои во пресрет на потпишувањето на Преспанскиот договор со закон за амнестија беа помилувани 15 лица меѓу кои и петмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

За 16 осудени за „тероризам“ судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор. Вториот предмет се однесуваше на организатори на упадот во 2021 година заврши со пресуди за обвинетите од вкупно 25 години затвор.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески денеска објави дека го поднесува предлог законот за амнестија со очекување да се докаже дека нема селективна правда.

„Многу важно е да се напомене дека овој Предлог на закон е само продолжение на претходниот Закон за амнестија кој е донесен во декември 2018-та година, но со една голема и суштинска исправка, а тоа е надминување на селективноста и селективната правда која што произлегуваше од законот донесен во 2018та година. Напоменувам, со овој закон ќе бидат опфатени сите осудени лица за настаните од 27ми април, без исклучок“, изјави Мицески.

Единствениот политичар од власта кој досега јавно даде поддршка за иницијативата за амнестија, што најпрво ја најавија двајца адвокати на осудените е владиниот коалициски партнер Стојанче Ангелов. Тој не го оправдува насилниот упад во Собранието, но смета дека откако по конфликтот во 2001 имаше амнестија за припадници на ОНА и помирување на Македонците и Албанците, сега е време за надминување на нетрпеливоста меѓу Македонците. Тој не гледа тука простор за пазар со уставните измени.

„Кога видовме дека постои таков предлог закон, ние само дадовме поддршка, ние како Достоинство не го одбравме тајмингот, тајмингот го одбраа адвокатите. Ако има некаква скриена намера ќе треба да се обратите до адвокатите, но јас лично не гледам таква намера, ниту гледам простор за пазар. Ставот на (Христијан) Мицкоски е јасен дека во ниту еден случај нема да ги подржи уставните измени, додека ставот на Достоинство е дека иако на почетокот бевме многу огорчени, свесни сме дека со влезот на Бугарите во Уставот ќе се откочат евроинтеграциите на државата и ќе ги започнеме поглавјата и затоа го омекнавме нашиот став“, вели Ангелов.

Пратениците на ВМРО – ДПМНЕ амнестијата или ослободување на осудените не ја поврзуваат со бројката од 80 пратеници потребни „за“ уставни измени. Пратеникот Антонио Милошоски вели дека поминало времето кога СДСМ можела да уценува, да притиска и да се заканува.

„ Ова се две различни проблематики, по однос на пресудите за 27 април за целата јавност и е јасно дека пресудите се политички и дека правдата е на страна на осудените. Порано или подоцна ќе дојде време и за корекција на овие неправедно изречени пресуди и мислам дека власта треба да е загрижена кога ќе се случи тој момент. А ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи и стимулира праведно преразгледување на овие пресуди, да има политички осуденици, да бидат осудени за тероризам, а тоа што го направиле да нема допирна точка со тероризам“, вели Милошоски.

 

Ангелов како лидер на „Достоинство“ кој ги осудува насилствата на “крвавиот четврток“ вели и дека ако државата ги прости воените злосторствата од 2001 година, зошто да не им прости и на тие што насилно влегоа во Собранието.

„Не го оправдувам упадот во Собранието, тоа за мене не е херојство, тие за мене не се уставобранители ама не се ни терористи, тие не убија никого, не нанесоа никому тешка телесна повреда“, вели Ангелов.

Но, сепак, при упадот во Собранието на 27 април, имаше повредени, меѓу кои, лидерот на СДСМ Зоран Заев, а најтешко, тогашниот лидер на Алијансата на Албанците Зијадин Села.

Собранието или Врховниот суд?

Во меѓувреме и Врховниот суд треба да донесе одлука по жалбата на одбраната поднесена во септември со која бара вонредно преиспитување на правосилната пресуда. Во рацете на Врховниот суд засега се можни три правни сценарија и тоа потврдување на пресудата од Апелација, нејзино укинување и повторно враќање на судскиот процес од почеток или да ја преиначи правосилната пресуда.

„ Врховниот суд на Република Северна Македонија постапува ажурно по предметот „27 Април“ веднаш по добивањето на мислењето од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на ден 20.01.2023 година. Претходно, Врховниот суд ги презеде сите законски активности предметот експедитивно да се достави од страна на Јавното обвинителство на РСМ во Врховниот суд на РСМ. Донесувањето на одлуката за предметот од страна на Кривичниот совет ќе биде донесена во согласност со начелата на ажурност и ефикасност, имајќи ги предвид комплексноста на предметот и јавниот интерес за предметот“, се вели во одговорот од Врховниот суд.

Одбраната на дел од осудените испрати жалба и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур од каде се очекува одлука, дали е се прекршени правата на сега веќе осудените во судскиот процес.

<iframe src=”https://www.slobodnaevropa.mk/embed/player/0/28941468.html?type=video” frameborder=”0″ scrolling=”no” width=”640″ height=”360″ allowfullscreen></iframe>

Со законот за делумна амнестија за случајот за „крвавиот четврток“ во 2018 година беа опфатени пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и тоа Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски. Со амнестијата беа опфатени и лидерите на протестите кои се одвиваа под името „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески и Владо Јовановски. Оперскиот пеач Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која ја потврди и Апелацискиот суд.

Од 16-те осуденици за првиот случај најголема казна затвор доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, на кој Апелација од 18 години затвор му ја намали казната на 16 години затвор. Останатите се осудени на затворски казни од 6 до 14 години.

На 27 април 2017 година, новинарите беа спречени да ја извршуваат својата работа во Собранието, откако во институцијата беше извршен насилен упад од демонстранти, кои протестираа против избор на нова влада. Во меѓувреме, новинарите кои известуваа за овие инциденти изгубија на суд. Нивните тужби и жалби беа отфрлени од судовите како неосновани.

Related posts

СТУДЕНТСКИ ОТПОР: МОН ГИ ПРИМОРУВА СТУДЕНТИТЕ ПАК ДА СЕ РАДИКАЛИЗИРААТ

ninja

Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш под лупа на Брисел

admin

Експерти од САД по изборите во Северна Македонија: Власт, значи одговорност и почитување на меѓународните договори

admin

Една четвртина од Собранието на апанажа

admin

ЈА ГУБИ ЛИ МАКЕДОНИЈА БОРБАТА ПРОТИВ РАКОТ?

ninja

Османи со писмо до пратениците: Европската иднина е во ваши раце

admin