Бугарија очигледно почна да сфаќа дека претходната стратегија со наметнување на бугарскиот наратив на читањето на историјата, не вродува со плод. Кај нас очекувано, но и меѓу земјите членки на ЕУ, што претставуваше неочекувано изненадување за Софија.
Пишува: Катерина Топалова
Iam Vidimus или во груб превод од латински јазик – „веќе видено“ е благо – иронична фраза која се однесува на недоволно и квалитетно промислено дејство, со кое се иницира одржувањето некаква тензична врска меѓу две „завојувани“ страни, во форма на некаков изговор. И сето ова во недостиг на зрелост која ќе понуди решение за надминување на недоразбирањата. Во наш контекст, употребата на оваа кратка фраза одговара како опис за затегнатите македонско – бугарски односи, чија суштина е многу добро позната, со менлива форма и нови играчи, во игра која е „веќе видена!“
Историската приказна на Репблика Бугарија, со која се негира постоењето на македонскиот идентитет пред 1944 година, како и политичкото толкување дека основата на македонскиот јазик е бугарска, остана неразбрана пред европските институции. Па така, во игра влета добро проверената тактика, но за среќа „веќе видена“, морам да потврдам, на малцински права или кажано со наш речник „невидлива“ дискриминација на македонските Бугари од страна на властите во Скопје. Но зошто се прави сето ова? И која е крајната цел на ваквата игра?
Бугарија очигледно почна да сфаќа дека претходната стратегија со наметнување на бугарскиот наратив на читањето на историјата, не вродува со плод. Кај нас очекувано, но и меѓу земјите членки на ЕУ, што претставуваше неочекувано изненадување за Софија. Па така, во прв план, испливаа сите матни игри на бугарската политика, од отворање клубови со контроверзни и спорни имиња, физички пресметки, преку иницирани празнични инциденти, до испраќање жалбени конвои на бугарските здруженија во Македонија низ европските институции. И сето ова со една единствена цел, успешно да се продаде приказната за наводна дискриминиација на бугарското малцинство во Македонија. А резултатот од ваквата валкана политика е да се направат нови притисоци и нови отстапки кон официјална Софија.
Очигледно испадна залудна сета оваа бугарска кампања… Одлуката на Комитетот на Министри при Советот на Европа, ги оцени како неосновани тврдењата на Бугарија за наводната институционална омраза и системска дискриминација на бугарското малцинство во Македонија. Имено, запрашаните први луѓе на бугарските здруженија во Македонија, каде ја гледаат дискриминацијата врз нив, на којашто континуирано се жалат, истите одговараат „нит сте ми свештеник, нит сте ми психијатар!“ за да се исповедаат кај вас за нивниот проблем. А во случај пак да инсистирате на некаков одговор за ваквите обвинувања, тогаш инстантно следува бајковита приказна за некоја непозната принцеза која живее далеку во непозната и безимена земја, зад толку и толку ридови и долини, која пак не можела да се запише или вработи во определени инстутуции, бидејќи семејството и било бугарско?! За иронијата да биде поголема, ако инсистирате да ја пронајдете наводната принцеза за да проговори за дискриминирачкиот проблем, ќе добиете одговор дека принцезата не може да говори пред камерите затоа што била глувонема! Вака изгледа борбата со ветерници, особено кога противникот кој „сее ветер и магла“ низ македонскиот етер за наводна дискриминација по етничка основа, како македонски Бугарин бил на прилично високи државни функции и позиции, дел од македонската Влада и Парламент.
Иако Европската Унија е свесна и го знае сето ова, сепак за да и удоволи на својата земја членка, упорно ќе се задржи на барањето Бугарите да се внесат во македонскиот устав. Колку – толку да и се понуди решение на Софија. И во една ваква состојба, во исчекување на пререгистрација на имињата на бугарските клубови во земјава, што е она што можеме да го очекуваме во периодот кој следува?
Отсуството на стратегија и визија за ваквата „веќе видена“ политичка пропагандна доктрина, која пак на македонските политички субјекти и во иднина ќе им нанесува огромна главоболка, имајќи го во предвид констатираното дека не умееме да учиме од историјата – како точно да се спротиствиме на ваквите маневри и напади, по се изгледа ќе резултира со „разумен компромис“, кој ќе им се удри од глава и на власта и на опозицијата.