Стоп на негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министри, директори и политичари. Стоп за агресивниот државен ПР, што ја зема работата на новинарите“ – порачаа денеска медиумските работници на маршот кој што го организираа Здружението на новинари и Синдикатот (ССНМ).
Тие изразија незадоволство бидејќи законите коишто се важни за медиумите не се спроведуваат, а се пожалија и дека јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите.
„Државниот ПР ја зема работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите. Владата создаде најголема редакција во земјата, а државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате ПР памфлет за објава. Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување. Безбедноста на новинарите не е на ниво на кое треба да биде“, порача претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ) Младен Чадиковски, на маршот кој започна пред Владата и заврши пред Собранието.
План со пет точки
ЗНМ и ССНМ побараа брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите, како и поддршка за колегите од внатрешноста. Тие доставија до Владата акциски план со точки и рокови за реализација.
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски истакна дека работничките права, дури и оние најосновните на медиумските работници не се почитуваат се заобиколуваат.
„Мораме заедно сплотени како што сме на овој марш да продолжиме да ги бараме и да се бориме за она што ни следува според законот. Овие состојби може да се подобрат пред се само со потпишување на колективни договори со што далеку попрецизно ќе се утврдат условите за работа, како и обврските и задолженијата на двете страни“, рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
На маршот беше порачано дека нападите врз новинарите и медиумските работници мора да престанат, затоа што тие се напад врз јавноста, врз правото на граѓаните да бидат информирани.