31.8 C
Скопје
12 јуни, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ДЕНОТ НА ЖЕНАТА: ПОМАЛКУ ЛИЦЕМЕРИЕ, ПОГОЛЕМА СОЛИДАРНОСТ

Во обид да ги избегнат трошоците поврзани со обезбедувањето законски потребни бенефиции, работодавците на фабриките често ги отпуштаат работниците кои остануваат бремени, понекогаш дури и ги принудуваат сите вработени жени да направат тестови за бременост пред да бидат ангажирани. Дури и ако на бремените жени им е дозволено да продолжат да работат, честопати им се ускратени бенефициите, вклучително и породилното отсуство, грижата за децата и времето за доење. А да не говориме и за вербалната злоупотреба, која најчесто преминува во родова! Заклучок од сето ова: Јазикот на жените навикнати на насилство е – тишина и лага.

Пишува: Катерина Топалова

Додека го славиме Меѓународниот ден на жената, секогаш ја прифаќаме идејата за „колективен индивидуализам“ или кажано со други зборови идејата дека поединците кои се здружуваат можат да го променат начинот на кој што функционира светот?! Но за жал, кај нас во Македонија ваквите сфаќања и појави се бледи, несуштински, периферно орнаментални, судејќи според општата замисла и напливот на  реакции од осмомартовскиот партиски марш на жените кој се одржа во Прилеп, насловен како „Еднакви и моќни“. Визионерски пароли во прв план, чиниш се секогаш пред времето, го измаршираа на петти март, како се кога започна во Њујорк на 8 март 1857 година, кога текстилните работнички маршираа во знак на протест против неправедните работни услови и нееднаквите права на жените. Тоа беше еден од првите организирани штрајкови на работниците, за време на кој тие повикаа на пократок работен ден и пристојни плати! Мала дигресија…

Животот, работата и правата на жената се далеку од она што го замислуваме, поимаме и конзумираме секојдневно! Се прашувам по незнам кој пат, каква е сликата за жената, женските права и слободи во Македонија? Одговорите ги знаеме, а сликите ги игнорираме… Од година во година се сѐ полоши!

Парада од политички говори, синдикални „смс“ маршови и за фајронт „свадба без невеста“ – полни кафеани и ресторани! Не, ништо конкретно не доаѓа до жените кои седат лишени и на милост и немилост на самиот систем со целокупното општествено структурирање. Се прашувам колку чини сета таа организација и парада, со транспорт, бини и озвучување и сето тоа задоволство да се прослави нешто однапред, за кое денес особено женскиот дел од светот е со прилично поделени мислења и сфаќања околу егзистенцијалниот статус на Денот на жената, имајќи ја во предвид лошата визура на истиот денес?!

Дури и на не толку затворените меѓу нас, гледајќи ги ваквите слики им е сè потешко да ги конзумираат нивоата на лицемерие и двојни говори и аршини кои достигнуваат се поголема кулминација од ден на ден! Зошто го велам сето ова?

70 текстилни работнички од Кавадарци тужеле за неисплатени три плати, а кавадаречкиот суд го одбил барањето и досудил да платат 20.000 евра за судски трошоци. Како сега да не ги одбијам сите можни покани за сите оние настани за прослава на Денот на жената?! Не знам што има тука за славење или што би можело да има за славење во догледно време?! Која е поентата од ваквото хипокризно парадирање, раскошни приеми или кафански лумпувања кога визијата очигледно ни е поматена.

Се „бориме“ за некакво елементарно достоинство, рамноправност и можност да бидеме гордо исправени, земајќи ја во предвид сета родова дискриминација, семејно насилство, сексуален напад или вознемирување и мизогинија кое владее во светот. И сета борба на жената и се удира од глава кога ги гледа овие политички маршови наспроти сиот јад и болка на жените од соседниот град. Никаква емпатија и грижа кон најранливите категории, олицетворени во ликот на жената. Или што би рекле дежурните критичари по социјалните мрежи – барем со парите од организацијата на маршот да им ги платија судските трошоци на текстилните работнички!

Кај нас очигледно права имаат единствено жените – политичарки, додека жените работници се соочуваат со посебни предизвици покрај оние со кои се соочуваат останатите работници. Во обид да ги избегнат трошоците поврзани со обезбедувањето законски потребни бенефиции, работодавците на фабриките често ги отпуштаат работниците кои остануваат бремени, понекогаш дури и ги принудуваат сите вработени жени да направат тестови за бременост пред да бидат ангажирани. Дури и ако на бремените жени им е дозволено да продолжат да работат, честопати им се ускратени бенефициите, вклучително и породилното отсуство, грижата за децата и времето за доење. А да не говориме и за вербалната злоупотреба, која најчесто преминува во родова! Заклучок од сето ова: Јазикот на жените навикнати на насилство е – тишина и лага.

Затоа во иднина, доколку сакаме нештата да врват во правилна насока – хумана, алтруистичка и пред се човечка, не треба да заборавиме дека никој не е бескорисен на овој свет кој го олеснува товарот на другиот. Никој не може да размислува и да удри некого во исто времe. Затоа, со жалење ќе констатирам дека борбата на жената кај нас сѐ уште не е започната, па затоа и не гледам причина за славење!

 

 

 

 

 

Related posts

ЧЕТИРИ ПРИОРИТЕТИ ЗА ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА

admin

УЧЕСТВОТО НА МЛАДИТЕ ВО ПОЛИТИЧКИОТ И ЈАВНИОТ ЖИВОТ САМО ДЕКЛАРАТИВНО

admin

Нуклеарен армагедон: Земјата ќе биде запалена а бетонот ќе се топи

admin

ЗАВРШИ ВРЕМЕТО НА ЕФТИНА ХРАНА

admin

РЕПРОГРАМ НА ЈАВНИОТ ДОЛГ И ФИНАНСИРАЊЕ НА РАСТОТ ЗА ВРЕМЕ НА КРИЗИ

admin

Штетни надворешни влијанија се присутни и во медиумите во Северна Македонија

admin