6.8 C
Скопје
11 ноември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

И ХОЛОКАУСТОТ ПОВОД ЗА МАКЕДОНСКО – БУГАРСКИ ТЕНЗИИ

Софија го обвини Скопје дека ја искористил депортацијата на македонските Евреи за „злонамерни цели“, со цел да ги претстават Бугарите како „фашисти“. Претседателот Стево Пендаровски, пак, нема намера да коментира или да се извинува, како што тоа го бараат некои во соседна Бугарија, откако претходно побара извинување од Бугарија за да има помирување меѓу двете земји. Несогласувања има и меѓу историчарите.

Обвинувањето на Бугарија за депортацијата на македонските Евреи во 1943 година е дел од севкупната злонамерна политика на владетелите во Северна Македонија, која има за цел да го претстави бугарскиот народ како „фашисти“. Ова се наведува во ставот на Министерството за надворешни работи на Бугарија, испратен како одговор на прашања на Слободна Европа на бугарски јазик.

Министерството за надворешни работи наведува дека Бугарија отсекогаш го разгледувала периодот на Втората светска војна „со особена тага за сите шест милиони Евреи кои загинаа во холокаустот, вклучително и 11.000 Евреи убиени во нацистичките логори на смртта“, кои живееле во територии на денешна Грција и Северна Македонија, тогаш окупирани од Бугарија.

„Овие трагични настани немаат никаква врска со државата Република Северна Македонија, која никогаш не постоела пред 1992 година како предмет на меѓународното право и меѓународните односи“, се наведува во ставот на МНР испратен до Слободна Европа.

Во одговорот се додава дека властите во Северна Македонија не се придржуваат до „објективни историски факти и продолжуваат да ја користат темата на холокаустот за пропаганда и злонамерни политички цели кои немаат никаква врска со сеќавањето на жртвите, научното проучување на холокаустот и борбата против антисемитизмот“.

Реакциите доаѓаат по изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски во која побара извинување од Бугарија за да има помирување меѓу двете земји.

На одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка, Пендаровски побара од Бугарија да се извини за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија во депортацијата на македонските Евреи во Треблинка.

На 13 март, пак, од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека претседателот нема намера да коментира или пак да се извинува, како што тоа го бараат некои во соседна Бугарија. Од Кабинетот велат дека и гостите кои беа на комеморативниот настан, меѓу кои и од Светскиот Еврејски Конгрес, Европскиот Еврејски Конгрес, Еврејската заедница во Република Северна Македонија и „Симон Визентал“ центарот од Виена ги потврдија наводите изнесени во обраќањето на претседателот.

Ѓоргиев – Бугарија треба да ја преземе одговорноста за соучеството во ликвидацијата на македонските Евреи

На иста линија со претседателот е и Драги Ѓоргиев, копретседател на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања. Во изјава за Радио Слободна Европа тој вели дека токму Бугарија треба да ја преземе одговорноста за соучеството во ликвидацијата на македонските Евреи во Треблинка и секој обид тоа да се протолкува поразлично е „затворање очи пред реалноста“.

„Бугарската влада за време на Втората светска војна несомнено носи најголем дел од одговорноста за организацијата и спроведувањето на депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, во март 1943 г. Тоа е непобитен факт, кој, се чини, денешната бугарска држава се обидува да го толкува како чин со кој тогашна Бугарија немала никаква врска, што не значи ништо друго освен затворање очи пред реалноста. Како што денешна Бугарија со право се гордее со спасувањето на близу 50. 000 Евреи од својата територија, така треба да ја преземе и одговорноста за соучеството во ликвидацијата во Треблинка на 7.144 Евреи од Македонија. Прифаќањето на таа одговорност ќе биде морален чин кој ќе му овозможи на бугарското општество да се соочи и да го прифати тоа свое мрачно минато“, изјави Ѓоргиев за РСЕ.

Димитров – Да се припишува вина на Бугарија е несериозно

Изјавата на претседателот Пендаровски пак, го налути бугарскиот копретседавач со Комисијата, историчарот Ангел Димитров, кој за агенцијата БТА изјави дека е „крајно несериозно и неточно така да се зборува за Бугарија од страна на политичар со огромна одговорност, чија цел треба да биде воспоставување добри дипломатски односи меѓу нашите две земји“.

Димитров смета дека Бугарија е единствената земја во Европа која, од една страна, била сојузник со нацистичка Германија, но не потпаднала под нејзиниот притисок и ги спасила сите свои Евреи. Тој вели дека над 10 000 Евреи со помош на бугарските дипломатски претставништва во Европа успеале да добијат документи и преку Бугарија да добијат спас.

„Да се припишува вина на Бугарија е несериозно, бидејќи депортацијата се случи на настојување и под контрола на претставници на нацистичка Германија. Тогаш нема македонска држава, тие се државјани на Југославија. А Југославија не само што ги депортира своите Евреи, туку се фалеше дека е првата земја што го решила еврејското прашање. На територијата на Србија има концентрациони логори во кои масовно биле истребувани локални Евреи“, вели Димитров.

Но, неговиот македонски колега Ѓоргиев смета дека фактите поврзани со Холокаустот не треба да се обликуваат според тоа како им одговараат на двете земји посебно.

„Од друга страна, фактот за ликвидацијата на македонските Евреи ќе биде изедначен со фактот на спасување на бугарските Евреи и на тој начин ќе се избегне политизацијата на Холокаустот, која, се чини, се прави во двете држави со потенцирање само на еден од тие два несомнени факта. И секако, тие треба да бидат неизоставен сегмент, кој во однос на ова прашање, ќе ја обликува историската критичка свест во јавноста и во образованието во двете држави“, вели Ѓоргиев.

Историските факти зборуваат дека на 11 март 1943 година од дворот на скопски Монопол, 7 144 мажи и жени, деца и старци, во три конвои биле спроведени до железничката станица, натоварени на сточни вагони и депортирани во логорот на смртта, од страна на бугарските окупациска власти.

Денеска нема реакција од бугарскиот претседател Румен Радев. Тој вчера учествуваше во комеморативните активности на спасените Евреи и во својот говор рече дека „обидите да се припише вина се манифестација на непочитување кон спасените Евреи и кон моралниот подвиг на малата Бугарија за време на Втората светска војна“.

Токму бришење на терминот „бугарски фашистички окупатор“ од македонските учебници по историја е едно од барањата на кое инсистираат бугарските членови од заедничката комисија за историски и образовни прашања.

Односите меѓу Македонија и Бугарија станаа тензични откако пред речиси два месеца во Охрид беше претепан генералниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков. Во изминатиот период токму бугарските клубови во земјава и македонскиот во Благоевград беа мета на вандализам. По отворањето на бугарски здруженија и клубови во Македонија кои носат имиња на спорни историски личности, Собранието донесе законски измени со кои се осудува промовирањето фашизам и нацизам.

Тензично беше и на чествувањето на 151 годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Чествувањето беше беше проследено со големо полициско обезбедување, со затворени улици околу местото на настанот и падот на системот на граничниот премин Деве Баир поради што поголем број бугарски граѓани не можеа, или се откажаа од патот кон Скопје.

Инаку Македонија и Бугарија имаат нарушени односи по двегодишното бугарско вето за Македонија да почне преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во Македонија.

Бугарија пред неколку месеци го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Во јули годинава документот го одобри и македонскиот Парламент, кој значи внесување на Бугарите во Преамбулата, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.

За внесување на Бугарите во македонскиот устав потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, кое се уште не е обезбедено. Ако тоа не се направи, можна е повторна блокада на преговорите за влез на земјава во ЕУ.

Related posts

ВКЛУЧЕН АЛАРМОТ ЗА ЗАГАДЕН ВОЗДУХ ВО СКОПЈЕ, ИСКЛУЧЕН ВО ТЕТОВО

ninja

Како германската рецесија ќе се одрази на Македонија?

admin

Бајден ја продолжи вонредната состојба на Западен Балкан, ќе бидат санкционирани сите кои го попречуваат мирот и демократијата

admin

КРАЈНИОТ РОК ЗА ВИЗНА ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА ЗА КОСОВО ПОМЕСТЕН ЗА 1 ДЕКЕМВРИ 2023

ninja

„Фуриозни“ сто дена на Влада, граѓаните чекаат резултати

admin

Северна Македонија се повлече од трката за Оскар 2025 година

admin