Замрзнувањето на цените е задоцнето, велат синдикатите кои сметаат дека заради тоа е незначително. Со новата владина мерка, цените се враќаат на ниво од септември минатата година, кога инфлацијата веќе беше висока.
Додека власта се рекламира дека се бори против високата инфлација во земјава, последната владина мерка за замрзнување на цените наиде на критики од синдикатите кои сметаат дека овој потег е задоцнет.
Нивниот став е дека последното замрзнување на цените на основните прехранбени производи, нема да значи намалување на месечните трошоци на граѓаните, во услови кога инфлацијата во земјава е меѓу највисоките во Европа.
Државата требаше да реагира порано и да не дозволи цените на лебот, брашното, млекото и зејтинот да пораснат за 120 проценти, смета Трпе Деаноски – претседател на Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Затоа, додава тој, последното замрзнување на цените нема да влијае позитивно врз буџетите на граѓаните.
„Доцниме со мерката. Требаше да предвиди порано и да се замрзнат цените како што тоа го направија скоро сите земји во регионот: Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, а ние сега се решивме на тоа. Заштедата со купување на шпагети, леб, млеко и млечни производи ќе биде околу 200 денари во текот на еден месец. Меѓутоа кога ќе ги видите другите цени, на месото, овошјето и зеленчукот, според нас нема да има никакво ублажување“, вели Деаноски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Синдикатите бараа цените да бидат замрзнати уште минатата година на почетоците на инфлацијата и затоа сметаат дека со сегашниот потег државата нема да ги ублажи животните трошоци на граѓаните.
Инфлацијата во земјава февруари годинава изнесуваше 16,7 отсто, во однос на истиот месец лани. Во Европа, повисока инфлација од Македонија имаат само балтичките земји, Полска и Унгарија.
Просечната годишна инфлација во 2022 година во Македонија изнесувала 14,2 отсто, додека индексот на цените на мало бил зголемен за 12,6 проценти, според податоците на Државниот завод за статистика.
Најголем раст на индексот на трошоците е забележан току кај храната и безалкохолните пијалаци, кои за една година поскапеле за 20,9 проценти.
И покрај ваквите бројки, власта смета дека новата мерка ќе значи заштеди во семејните буџети на граѓаните.
Премиерот Димитар Ковачевски дури објавува спонзорирани постови на социјалните мрежи каде ја промовира мерката и зборува дека за намалена цена на тестенините од 51 на 43 денари.
„Намалувањето на цените на овие производи битно ќе влијае врз џебот на граѓаните“, вели Ковачевски кои тврди дека производителите ја почитуваат мерката и ги намалиле цените.
Од 16 март тестенините во маркетите се продаваат со пониски цени за 10 проценти, а млечните производи за 15 отсто.
Претходно, владата ја замрзна и цената на белиот леб и полубелиот леб до 33 денари, а идната недела се очекува одлука дали ќе се замрзне цената и на други основни прехранбени производи.
Одлуката за замрзнати цени ќе важи до 31 мај. Владата најави продолжување на мерката ако има нелогичности во цените.
Производителите се противат на мерката за замрзнување на цените, бидејќи сметаат дека таа само привремено ќе им помогне на потрошувачите, а ќе му наштети на бизнисот.
Мерките за цените на основните производи треба да бидат балансирани, вели Дрилон Исеини од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Тој на мерката за замрзнување гледа како на ад-хок мерка која само привремено ќе им помогне на потрошувачите, а на долг рок може да им наштети на бизнисмените како најголеми работодавачи.
„Затоа во иднина, при донесување на клучни одлуки Владата треба да ги има предвид двете страни: потрошувачот како важна компонента на економијата, а друга страна и бизнисот како најголем работодавач во земјата. Не треба да им штети ниту на едните, ниту на другите. Да не ги доведеме бизнисите во ситуација да отстранат некои производи, бидејќи нема да им биде финансиски исплатливо. За да стигнеме до цена која ќе биде прифатлива и за граѓаните, може државата да се откаже од дел од своите средства што ги добива врз база на даноци и на царина“, вели Исеини.
Иако цените на храната на меѓународниот пазар веќе цела година се намалуваа, тој тренд не го следеа македонските производители, па Владата донесе одлука за замрзнување на цените.