7 октомври, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Македонските приоритети треба да се третираат како државен, а не партиски интерес

Автор: Дрaган Тилев

 

Разбирањето на геополитичките движења е клучно за донесување на правилни и навремени одлуки

После Втората светска војна и политиката на блоковска поделеност и конфронтации, по распадот на источниот блок, следеше со период на доминација на САД, кобиниран со огромниот успех на политиката на Проширување на ЕУ и политиката на глобализација. Од регионален аспект, за нас историски е важна дезинтеграцијата на ех-Југославија, за жал со крвави расплети на Балканскиот полустров, токму во срцето на Европа. Геополитичката слабост на ЕУ и високата енергетска зависност од Русија, директно и посредно доведоа до агресивен економски раст на Кина и ветер во грбот на автократската агаресивна политика на Русија, што резултираче со анексација на Крим од Украина (2014) и воена агресија на Украина (2022) со цел уништување на една суверена држава. Ваквиот расплет доведе до нагла делинеација на геополитичката карта, до процес на деглобализација и воспоставување на нови конфронтирачки односи помеѓу НАТО и Русија, САД и Кина, со директно учество и на ЕУ. Геополитичките интереси проработеа по скратени патеки, што резултираше со апликација за членство во НАТО на Финска (веќе е во НАТО) и Шведска (со вето од страна на Турција), додека ЕУ им додели кандидатски статус со молневита брзина на Украина и Молдавија, како и на Босна и Херцеговина, а во очекување е и Грузија. Геополитичката карта добива нови и многу појасни контури, за нредните две-три декади.

Токму новите геополитички случувања имаат одраз и на нашите регионални односи, пресликани преку аспирациите на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ, поделеност во пристапот кон надворешно-политичките прашања, како и разлики кон афилијацијата и приклучувањето кон Евро-Атлантскиот НАТО сојуз. Отвореното статусно и територијално прашање помеѓу Србија и Косово, за кое се прави обид за решавање со посредство на ЕУ и Квинта групата, е само едно од низата отворени територијални и гранични прашања во регионот, комбинирани со нерасчистени имотно правни односи на разместените лица и бегалците, до расчистување на случаите на воени злосторства и реконсилијација или помирување со минатото, преку взаемни и одржливи решенија и компромиси. Новата геополитичка реалност вели дека САД, НАТО и ЕУ бараат брзи решенија и одлуки кои мора да се донесат сега, веднаш, за отворените прашања да не станат камен околу вратот за засегнатите земји, но и за целиот регион, кој плива во многу немирни води. Наш есенцијален интерес е одлуките кои се очекуваат и од Македонија, да се донесат со здрав резон и да не се во спротивност со интересите на нашите Евро-Атлантски стратешки партнери. Се дуго е прашање на политичка умешност и дипломатска способност.

Светот се менува незапирливо, глобалната слика за неколку години ќе биде сосема различна, ЕУ се прилагодува кон новонастанатата ситуација, стои цврсто во Евро-Атлантскиот блок и дава силна подршка на Украина во одбраната на својот територијален интегритет и унитарност. Македонија оддамна ја одбра вистинската страна, веќе е активна членка на НАТО, контрибутор во поддршката и помошта на Украина, со целосно услогласена надворешна политика со таа на ЕУ (ЗНБП). Од 19 јули 2022 ги започнавме пристапните преговори со отворањето на Меѓувладината конференција и скрининг процедурите, но за жал и со наметната политичка одредница во Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 Јули 2022  и Заедничката изјава (на сите 27 земји членки) на Политичката меѓувладина конференција. Имено, на самиот почеток на пристапните преговори, дел од преговарачкиот процес и предуслов за продолжување на преговорите, е вметнување на Бугарите во уставната преамбула, како заедница која живее на територијата на Македонија и е дел од Бугарскиот народ. За потсетување, Преговарачката рамка е усвоена од страна на Советот на ЕУ на 18 Јули, откако беше одобрена од страна на Бугарија, по потпишувањето на билатералниот Протокол на 17 јули 2022 помеѓу Бугарија и Македонија.

Станува се појасно дека процесот на проширување веќе не е само политика за градење на мир и благосостојба на континентот, туку е и прашање на опстанок на самата Европска Унија. ЕУ ќе мора да го издржи притисокот од воено агресивната Русија и се помоќната и (за сега само) економски агресивната Кина, при тоа синхронизирајќи ја својата надворешна политика и политиката на санкции и заштита на јавниот ред и безбедноста на своите граѓани, со таа на САД. НАТО алијансата никогаш не била порелевантна, а ЕУ заедничката надворешна и безбедносна политика никогаш не била поважна. Повлекување од поддршката на Украина не е опција, односно токму спротивното. Само преку процесот на проширување ЕУ може да ја амортизира агресивноста на Русија, со брз прием на Украина и Молдавија прво во ЕУ, а потоа и во НАТО во вистинскиот момент. Со ваквата логика, интересот на ЕУ за вклучување и на земјите од Западниот Балкан во ЕУ станува приоритет и отвора можност за брз прием на сите, или некои земји од нашиот регион.

Значи не само перспектива за прием, туку брз прием, токму каква што беше и стратегијата и политиката на проширување на почетоткот на овој век при големото проширување 2004-2007, кога преговорите траеа 5-6 години. Брзи преговори, без непотребни политички затегнувања, со вклучување на нови земји членки преку новата методологија, со стратешка ориентација и размислување и постепено динамизирано и фазно приклучување, но со јасна крајна цел, полноправно членство. Сигурен сум дека Украина нема да прифати ништо помалку од тоа, после сите жртви кои ги дава на браникот на ЕУ, а не треба и не смее ниту ние да прифатиме ништо помалку од полноправно членство. Украина го заслужува тоа, а и ние исто така.

Се разбира секоја земја од нашиот регион ќе одлучува самата за себе, но силно сум на позиција дека за нас друга опција не смее да има, освен полноправно членство, токму како што стои и во Заедничката отворачка позиција на ЕУ при политичката Меѓувладина конференција и токму како што стои во Преговарачката рамка, започнуваме преговори кои треба да резултираат со полноправно членство. Не смееме да ја преспиеме и оваа геополитичка одлука на ЕУ, не смееме да не ја разбереме тежината и гравитацијата на случувањата околу нас и да се зачауриме во нашите внатре-политички битки и идеолошки разлики за кои ќе има други времиња и натаму ќе се бијат, но надвор од стратешката цел, брзо приклучување во групата на земји кои ќе се придружат кон ЕУ во наредните 3-5 години. Зборуваме за брза постапка, под палката на методологијата за преговори, и под ударот и притисокот на новата геополитичка реалност. Или сме консензуално за членство во ЕУ и остварување на нашиот највисок државен приоритет  и преку исполнување на бараните предуслови, уставните промени, или ќе останеме на периферијата на случувањата. Уставните промени, такви какви што се предложени, не задираат во унитарноста на државата, ниту во нејзниот балансиран мултиетнички и мултиконфесионален карактер. Во овој момент тоа е најважно и тоа е доволно. Да се фокусираме наредните 3-5 години консензуално, кон остварување на клучниот државен приоритет, никакви политички или партиски, или лични приоритети и цели не се поважни од тоа. Само со остварување на таа цел, може да сметаме на забрзан развој, останување на младите дома и столче околу масата на која се одлучува, наместо во соседната соба со увото потпрено на зидот за да чуеме што се случува внатре. Долго сме во таа позиција, и воопшто не е пријатна ниту е достоинствена.

Било кој политичар од нашево време кој не ја разбира гравитацијата на случувањата, насоките на геополитиката и пораките од нашите стратешки партнери, но и последиците доколку насоките не се следат и пораките не се разберат, го/ја промашил/а времето и професијата.

Без имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија (2017) и Преспанскиот договор со Грција (2018), напредокот во пристапните преговори ќе биде невозможен

Секоја генерација го носи својот „товар“ на успешност и го остава во наследство на следната генерација и таа по неа. Нема да се навраќам на пишаната историја, онаа за која веќе нема живи сведоци. Но, поновата историја, онаа по Втората светска војна, за која се уште има живи сведоци, онаа историја чии актери сме ние и нашите генерации, по распадот на Југославија и за прв пат во нашата историја, формирањето на унитарна, суверена и независна држава (1991), но и Охридскиот договор (2001) и ревидирањето на меѓуетничките односи, и компромисните билатерални договори со нашиот источен (2017) и јужен сосед (2018) кој допираат до нашите идентитетски корени и обележја, се наш „товар“ и наша одговорност. Тие одлуки не може да му ги припишеме на никој друг, освен на нашите политички лидери и елити, секоја во своето време на владеење и моќ (и способност) за одлучување.

Добрососедските односи, кои како предуслов се дел од Процесот за стабилизација и асоцијација, а од Загребскиот Самит (2020) наваму се дел и од заклучоците на сите Самити на ЕУ со Западен Балкан поврзани со процесот на Проширување, се клучен елемент и од Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули, Заедничката изјава на сите земји членки на Политичката Меѓувладина конференција од 19 јули 2022 година и од Преговарачката рамка (усвоена на 18 јули 2022) со која се дефинирани условите под кои Македонија ќе биде примена како полноправна земја членка во ЕУ. Дел од мозаикот е и Протоколот помеѓу Бугарија и Македонија од 17 Јули 2022 година, во кој се дефинирани меѓусебни обврски, сега поврзани со преговарачкиот процес, како и Политичката транзиција дефинирана со Преспанскиот договор, исто така директно поврзана со преговарачкиот процес.

Како одговорна земја членка на меѓународната заедница, во ООН и во речиси сите меѓународни организации, вклучително и членка на НАТО и земја со започнати пристапни преговори за членство во ЕУ, нема друга опција освен почитување и имплементација на договорите и обврските преземени со истите. Всушност, потемелно пречитување на договорите ќе не донесе до заклучок дека, покрај отстапките направени од наша страна со намера за фер компромис и потребниот баланс во взаемното разбирање на политичката и правната дикција на договорите, во истите има и огромен потенцијал за позитивен развој на добрососедските односи и преку поблизок политички дијалог, проширување на инфраструктурната мрежа, зголемена економско-трговска размена, продлабочени реалации меѓу граѓаните и бизнис заедницата со потенцијал на инвестициски циклус кој може да ги втемели односите на долгорочна цврста основа.

Потребно е разбирање за важноста од имплементацијата на билатералните договори и на највисоко ниво кај сите политички чинители, но и приближување на содржината, разбирањето и неискористениот потенцијал до јавноста, медиумите и граќаните. Тоа е приоритет од државен интерес и не е и не треба да се гледа, сосема погрешно, само како работа на Министерството за надворешни работи, туку како на сеопфатен меѓу-институционален и бизнис интерес со потенцијал за забрзан развој.

На ниво на преговарачки структури, односно на институционално ниво, треба да се разбере и соодветно да се подготви целокупната координативна структура, како и фактот дека елементите од билатералните договори ќе бидат вградени во пристапните преговори, како дел од преговарачкиот процес. Од нивната имплементација ќе зависи и ншаиот напредок и динамиката на преговорите.

Но, на тоа не треба и не смее да се гледа дефетистички и со резистентност, туку токму обратно, со спремност за брзи преговори, но и со јасно дефинирани улоги, надлежности, стратешки план и цврсто и аргументирано дефинирани преговарачки позиции кои нема да ги поминат црвените линии дефинирани со Резолуцијата на нашето Собрание од 2021 година, Заклучоците на Собранието од 2022 година и Отворачката Изјава на Владата од Политичката меѓувладина конференција од 19 јули 2023 година. Секој поинаков пристап со априори дефанзивна политика и прејудицирање на преговарачките позиции на ЕУ (значи не на Бугарија или Грција, туку на ЕУ) е наивно погрешно и покажува недостаток на зрелост или и доверба во сопствените позиции, способност и капацитет да се бранат и одбранат државните интереси и националните чувства и идентитетски посебности на Македонскиот народ.

Затоа стратешкиот правец и позиција треба да биде, и имплементација на билатералните договори и одбрана на државните интереси и брз напредок во пристпаните преговори. Дали ќе биде лесно? Секако не. Дали ќе бидеме предизвикувани од страна на соседите на разни нивоа од договорните обврски? Секако да. Дали треба да влеземе во процесот свесни за овие предизвици? Се разбира дека одговорот е и мора да биде да, доколку има здраво ниво на политичко разбирање за геополитичките движења и последиците кои тие ги носат со себе, дури и независно од тоа дали ние ќе се придружиме кон нив или не.

Креирањето на лажни надежи засновани на митови, а не реалната геополитика, е круцијална грешка која не смееме и немаме луксуз да си ја дозволиме, оти поправен испит нема да има. Колебањето остава простор за навлегување на трети страни, кои секако ќе се обидат да го пополнат просторот преку лажни вести, искривени вистини и кофликтни перспективи. Всушност, сведочиме и живееме во време на хибридни војни и сајбер закани кои претпоставуваат збивање на редовите со нашите стратешки партнери и брзи правилни одлуки, кои мора да обезбедат прво, опстанок на унитарноста на државата, второ, безбедност од влијанија од трети страни и зачувување на јавниот ред и мир, трето, извесна перспектива за полноправно членство во Европската Унија, и четврто, стабилна економија и значително подобрено образование, пред се заради задржување на младите дома, за и тие да бидат дел од овој историски процес, свои на своето.

 

(ставовите се лични и не одразуваат официјална позиција на институцијата во која авторот е вработен)

Related posts

Писмото е наш универзум, прославата во различни галаксии

admin

Метастаза на умот

admin

ЧЕТИРИ ПРИОРИТЕТИ ЗА ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА

admin

ЈА ДОБИВМЕ БИКТАТА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

admin

Анализа на Дојче веле / „Обама момент”: Првиот премиер Албанец во Македонија

admin

Грција: Нов политички пејзаж

admin