4 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Паѓа довербата во Собранието, граѓаните не гледат дека се претставени од пратениците

На скалата од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, во 2023 година граѓаните ја оценија работата на Собранието со средна оценка 2,2 која бележи пад на скалата, споредено со изминатите четири години. Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја користи докрај својата уставна надлежност за контрола над Владата, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието, покажува најновото истражување на Институт за демократија, прнесува Инбокс7.

Дополнително, скоро половина (46%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо спротивниот ефект. Имајќи ги предвид пратеничките прашања како една од алатките на Собранието за надзор над извршната власт, граѓаните се поделени во однос на тоа дали тие се користат соодветно или служат за критика или реклама.

Иако најголем дел од граѓаните имаат перцепција дека пратениците имаат влијание врз квалитетот на законите, сепак тие не се задоволни од нивниот квалитет и сметаат дека тие се менуваат често. Токму донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието од страна на најголем дел од граѓаните. Сепак, нивното извршување од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани.

Телевизијата останува најпопуларен канал за информирање меѓу граѓаните кога станува збор за работата на Собранието, додека Собранискиот канал и веб-страницата на Собранието, како официјални алатки за информирање на Собранието, остануваат малку искористени.

Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, најголем дел од испитаниците сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, а пратениците не ги земаат предвид забелешките на јавноста при изработката на законите.

Мнозинството граѓани, исто така, сметаат и дека пратениците од нивните изборни единици не се достапни за средби со граѓаните и не ги информираат доволно граѓаните за својата работа, а не се запознаени ни со пратеничките канцеларии.

Граѓаните забележуваат и дека пратениците недоволно се осврнуваат на проблемите на општините и локалните заедници.

За разлика од минатата година, граѓаните се помалку запознаени со тоа кои се пратениците од нивните изборни единици. Доминантен дел од граѓаните изјавија дека не се информирани како може да учествуваат во работата на Собранието, што резултира со фактот дека значително мал дел од испитаниците се обиделе да учествуваат во работата на Собранието.

Испитаниците се релативно поделени околу впечатокот во која мерка пратениците ги претставуваат интересите на граѓаните во Собранието. Од друга страна, најголем дел од нив сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат интересите на нивните лични интереси, интересите на политичките партии, како и бизнис-интересите. Доминантен дел од анкетираните граѓани, исто така, сметаат и дека пратениците до некоја мерка се зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните. Дополнително, половина сметаат дека излагањата на пратениците се малку или воопшто не се аргументирани. Анкетираните граѓани, исто така, сметаат и дека на здруженијата на граѓаните треба да им се овозможи поголема вклученост во работата на Собранието. Кога станува збор за односот помеѓу пратениците, најголем дел од граѓаните го опишале како непријателски и натпреварувачки. Дополнително, граѓаните имаат впечаток дека пратениците на седниците често или секогаш користат говор со кој ги омаловажуваат и ги деградираат своите колеги од други политички партии. Во поглед на тоа колку секоја од парламентарните партии придонесува кон поквалитетна работа на Собранието, перцепцијата на граѓаните е негативна (целосно или делумно не придонесува) во однос на сите коалиции и партии.

Во однос на реформските процеси на државата, граѓаните се генерално поделени во впечатокот за подготвеноста на Собранието да спроведе реформи со кои ќе се нормализира политичката состојба. Мнозинството граѓани не го поддржуваат бојкотот на работата на Собранието ниту развлекување и одолговлекување на дебата за да не се донесе некој закон или одлука како исправни начини за искажување политички ставови во работата на Собранието. Граѓаните се согласни со тоа дека политичките кризи треба да се решаваат во Собранието, наместо на затворени средби меѓу раководствата на политичките партии. Постои генерална конфузност кај испитаниците за придобивките од изборните реформи како воведувањето отворени листи или една изборна единица. Најголем дел од испитаниците сметаат дека промената на изборниот модел ќе доведе до намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери. Испитаниците не идентификуваа доминантна маргинализирана група чии интереси пратениците најмногу ги застапуваат.

Истражувањето е спроведено во периодот февруари – април 2023 година, и е во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ППП). Како методи се комбинирани теренска анкета и девет фокус-групи, со цел подобро да се истражи јавната перцепција за работата на Собранието и политичките партии, квалитетот на живот, политичките прашања и довербата во Северна Македонија.

 

Related posts

БОРЕЛ: ВУЧИЌ ГО ПРИФАТИ ПРЕДЛОГОТ НА ЕУ, НО НЕ И КУРТИ

ninja

НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБА ВОДСТВО А НЕ РЕФЕРЕНДУМ

admin

Лидерите на ЕУ не се договорија за челниците на институциите на Унијата

admin

СТАТИСТИКА: Многу мал број на обвинети докажуваат дека се невини

admin

ЕУ се подготвува за војна – и овој француски брод е врвот на копјето

admin

Многу бабици, неизвесни реформи

admin