Пишува: Џелал Незири
Од осамостојувањето, Република северна Македонија живее во две различни, паралелни етнички реалности. Постојано се зборува за реалноста на етничките Македонци, која е различна од таа на етничките Албанци. Овие паралелни универзуми создадоа држава, која личи на автобус со два ката, каде секоја етничка заедница има по еден кат и имаат различни последни станици.
Овие реалности, секако, не се производ на општеството сама по себе. Тие се исконструирани намерно од страна на политички, но економски центри на моќ. Тие две паралелни универзуми се производ на медиумите, кои создадоа две вистини за еден настан или појава. Од една иста прес-конференција се известуваше различно. Стереотипите беа поважни од фактите.
Овие медиуми, кои беа под диктат на горенаведените центри на моќ, секако, дека имаа за цел да создадат два општества, кои живеат во две различни реалности и кои имаат две целосно спротивни вистини. Едно вакво поделено општество, без сомневање, е рај за популистите. Ако се навраќаме наназад и ги анализираме предизборните кампањи од оваа временска дистанца, ќе видиме во каква заблуда сме живееле. Правата на едните се гледани како опасност за другите. Правата на другите, пак, се промовирани како удар или одмазда врз првите.
Една ваква општествена поделеност по етничка основа се знаеше каде води. Кон решавање на проблемите на граѓаните, секако не. Водеше кон конфликт кој се случи во 2001 година. Запреа зборовите, проговори оружјето. Разумот беше ставен настрана, емоциите го имаа главниот збор. Деструктивниот нагон зафати голем дел од општеството. Мислам дека сме имале среќа што во тој период меѓународната заедница се нафати да го решава навреме конфликтот, пред да прерасне во цивилна војна. Поучени од војните во Босна и Херцеговина, Хрватска и Косово, дипломатите од Вашингтон, Брисел, Берлин и Лондон делуваа превентивно и обединето. Ваквиот пристап вроди со плод – во септември 2001 беше потпишан мировниот Рамковен договор, кој стави крај на конфликтот и отвори нови можности за мир и развој.
Дали во овој период покажавме дека знаеме да ја искористиме дадената втора шанса? Јас би рекол делумно. И после конфликтот државата продолжи да функционира врз основа етнички принципи, а не идеолошки или граѓански. Оваа политичко организирање и делување беше реприза на тоа што го имавме пред конфликтот. Реално, како земја излезена од конфликт не се очекуваше брза промена со оглед на влошените меѓуетнички односи и разнишаната доверба. Но, беше реално да се очекува партиите да не ги користат (меѓу)етничките прашања како средство за мобилизација на гласачите. Јас од одамна велам дека национализмот во Северна Македонија е опасен луксуз за политичките партии, кој не треба да си дозволуваат да го имаат. Со сите пречки и несогласувања околу исполнувањето на Рамковниот договор, со сите можни одолговлекувања (поголемиот дел од договорот требаше да се заокружи во 2004 година), овој документ и ден денес претставува успешна приказна за западната дипломатија и визионерството на некои од политичките лидери и општествени чинители.
Дали денеска имаме една реалност, создадена од една вистина? Секако дека не. Но, сме на добар пат тоа да се постигне. Медиумите се скоро ослободени од стереотипи за другиот, а политичките партии сега имаат друг светоглед кон политиката, ослободена од етничките наративи. Првиот, срамежлив чекор беше направен на локалните избори во 2017, кога СДСМ и ДУИ одлучија да настапат заедно во неколку општини. Се покажа како успешна формула, која потоа продолжи и во претседателските избори во 2018 и на парламентарните избори во 2020 година, кога СДСМ настапи со заеднички листи со БЕСА. На последните локални избори имавме два политички блока – тој на власта и на опозицијата. За прв пат и ВМРО-ДПМНЕ настапи со предизборна коалиција со партии на етнички Албанци – Алијанса на Албанците и Алтернатива. Овој нов моментум во политиката доаѓа како резултат на процесот на демократизирање на државата преку инсталирање на европските вредности, како: човекови права, дигнитет, еднаквост, демократија и правна држава.