24.8 C
Скопје
20 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Владата штеди на здравјето на работниците и на „африкански температури“

„Најголемиот данок“ од екстремните горештини го плаќаат оние кои најмалку се способни да се справат со нивните последици, а меѓу нив, се и луѓето со хронични болести – предупреди Светската здравствена организација. Сепак, домашните препораки за ослободување од работа ги опфаќаат само бремените жени и лицата над 60 години, додека хронично болните се жалат на тегоби од високите температури.

Познавачите сугерираат – потребна е прецизна регулатива која ќе ги заштити работниците, а истовремено и ќе спречи работодавачите да бидат изманипулирани.

Екстремно високите температури ги ставија повторно „на маса“ дискусиите за работничките права, но и за капацитетите на здравствените системи ширум светот.

Светската здравствена организација веќе предупреди дека тие најтешко ги погодуваат оние кои најмалку се способни да се справат, а посебна загриженост предизвикуваат лицата со кардиоваскуларни болести, дијабетес и астма. И покрај ова, македонските граѓани со вакви, но и останати хронични болести и на овие жештини не се ослободени од нивните работни обврски. До следната среда Македонија ќе биде во портокалово ниво на опасност од високи температури, но хронично болните не се опфатени во препораките за ослободување од работа, иако изложеноста на прекумерна топлина може да ги засили постоечките состојби кои веќе ги имаат.

Една од нив е и скопјанката, Маја Трајковиќ која пред неколку години била дијагностицирана со рак на дојка. Таа смета дека со тоа што се изоставени од препораките, на лицата со хронични болести вклучувајќи ги и онколошките пациенти, им е нанесена неправда.

Во изјава за ММС, Маја вели дека поради високите температури има намален апетит, нагон за повраќање и вртоглавици.

„За разлика од минатите години кога МЗ заедно со Владата донесоа препораки според кои ние, хронично болните сме ослободени од работните обврски, оваа година нè изоставија. Донесоа препораки само за брмемените жени и за лицата над 60 години да останат во своите домови и на тој начин се направија неправди во однос на нас“, вели Трајковиќ апелирајќи дека треба да се преиспитаат препораките и да се заштитат и другите ранливи категории.

„Жешкото време предизвикува дополнителни тешкотии во одвивањето на постојаните работни обврски. Сите ние сме со тешки терапии, кои и без надворешната топлина ни предизвикуваат несоница, тегоби и болка. Апелирам до сите здруженија за канцер да преземат иницијативи и да остварат средби со надлежните органи, да ни помогнат препораките да се однесуваат и на нас како во изминатите години“, додава Трајковиќ.

„Треба“ ги збунува работодавачите – Немаме регулатива за задолжително ослободување од работа

Препораките за ослободување од работа се однесуваат на бремените жени и граѓаните над 60 години, а ќе траат до 25 јули, па ги прашавме познавачите дали Владата има правни механизми со кои тие би станале задолжителни, но и како би се заштитиле работодавачите од евентуални злоупотреби.

Адвокатот Јован Најденовски вели дека на Македонија ѝ е потребна регулатива која правно ќе определи во кои ситуации би било задолжително прекинувањето на работниот процес, но и во кои индустрии и за кои категории на вработени. Според Најденовски, кој е правен консултант, Владата може тоа да го направи со измени и дополнувања на Законот за работни односи, или на Законот за безбедност и здравје при работа.

Сепак, вели дека од оваа проблематика не би требало да се исклучат ни колективните договори.

„Ги споменувам колективните договори затоа што условите за работа на работно место не се исти во различни индустрии. Има работа во канцелариски простор, па во затворен простор од големи димензии како океански простории, работа во фабрички хали каде што најчесто има и машини кои дополнително зрачат топлина, а на крајот на краиштата имаме и работа на отворено. Така што,  би требало да се интервенира во закон, па нека е и посебен закон кој би се донел, но попрецизно би требало со гранските синдикати да се договорат условите. Дали тие би биле во колективни договори или директно ставени во вид на закон, тоа е веќе работа на оценување каков пристап би бил попрактичен од аспект на уредување“, објаснува тој за ММС.

Најденовски укажува дека препораките се донесуваат врз основа на Акцискиот план за справување со последици од топлотни бранови, каде се наведени мерките кои треба да се почитуваат, а тоа е она кое всушност ги збунува работодавачите.

„Работодавачите се обраќаат кај своите правни консултанти или вртат кај Трудовиот инспекторат да им истолкуваат што значи зборот „треба“. Значи дескриптивноста, односно начинот на којшто се составуваат препораките внесуваат збунетост“, забележува Најденовски.

Тој потсетува дека хронично болните граѓани вообичаено секоја година се ослободени од работни обврски и ако некој се обрати за ова до Трудовиот инспекторат, поради необврзувачката природа на препораката, би добил „поука“ дека може да отвори боледување. Во тој случај, вели адвокатот, тоа ќе се рефлектира врз месечните примања на вработениот.

Министерката за труд и социјална политика пак, Јованка Тренчевска во понеделникот информираше дека од извршени 164 надзори најчесто во дејности каде што изложеноста на топлинската енергија е најголема, кај 30 работодавачи трудовите инспектори издале решение за забрана за вршење на дејноста.

Според Милан Петковски од Здружението за безбедност и здравје при работа, ваквите препораки се „комични“ и се наметнува прашањето – како може да биде казнет некој врз основа на препорака?

И колабирањето на пат накај работа или обратно, може да се смета за повреда на работно место

Петковски објаснува дека работниците на кои нема да им бидат обезбедени соодветни услови за работа или намерно се доведени до ситуација на загрозеност, имаат право да одбијат да дојдат на работно место. Сепак тој додава и дека, доколку Владата ги обврзе работодавачите да ослободат конкретни категории вработени, тогаш бизнис секторот има право да побара надомест на штета произлезена од ваквото неработење.

Според него, не е важно само во какви услови работат работниците, туку и како доаѓаат или си одат од работното место.

„Доколку работодавачот ги има обезбедено безбедните и здрави работни услови, а тоа значи контролирана работна средина во однос на температура, на влажност и струење на воздух, тогаш работниците може да доаѓаат на работните места. Уште повеќе, доколку има организирано и климатизиран превоз од домот до работното место, тоа го намалува ризикот било кој од овие работници да дојде до ситуација да биде изложен на штетното влијае на интензивното сончево зрачење. Од една кондиционирана просторија каде што температурата е 25 степени, работникот ако излезе на четириесетина степени, може да се случи температурен шок. Затоа сакам да предочам дека е потребно не само во работните простории, туку и според Закон, да го оценат тој ризик“, вели Петковски.

Тој додава и доколку се случи одредена повреда, работникот колабира на патот од работа до дома, тоа исто така се смета за повреда на работно место и треба да биде така третирано и пријавено во Трудовиот инспекторат.

„Зошто, затоа што работникот, кој ги претрпел овие влијанија врз своето здравје и потребно да остане одреден период на лекување заради последиците од интензивното сончево зрачење, потребно е да добие сто проценти од својата плата додека закрепнува. Доколку не се пријави тоа како повреда на работното место, тој ќе биде класифициран како да е на боледување и ќе земе седумдесетина проценти од својата плата“, забележува Петковски.

Тој укажува и дека кога се работи за организираниот превоз, институциите „си ја префрлаат“ топката во однос на тоа кој е надлежен за да ги контролира условите кои ги обезбедува работодавачот.

„Си ја префрлаат топката за превозот, дали е под ингеренција на сообраќајната полиција или трудовата инспекција. Но бидејќи ова е нешто што работодавачот го организира, не зборуваме за исправност на автобусот. Тоа си го дефинира Законот за сообраќајот. Ние зборуваме за ингеренции на трудовиот инспекторат. Превозот од дома до работа и обратно спаѓа во делот на она што го организира работодавачот и тој е буквално должен да им обезбеди на тие вработени човечни услови. Непромислено е да ги донесе работниците на кои им треба еден час да се опорават од топлотниот шок. Секое влијание врз здравјето ќе значи за него директно грешки во работа, немање концентрација, грешки во производство и ќе го чинат пари“, порачува претставникот на Здружението за безбедност и здравје при работа.

Адвокатот Најденовски пак, вели дека доаѓањето до работа и заминувањето е подеднаков проблем како и условите за работа.

-Последните неколку години сме се соочиле со навистина „ненормални“ услови за доаѓање и заминување. На работните места ќе се обезбедат услови, но најголем проблем е доаѓањето и заминувањето од работните места. При сето тоа треба да има и некаков исклучок во којшто ќе бидат опфатени индустрии каде што процесот на работење од било кои причини е непрекинлив – заклучува тој.

Оттука, потреба е регулатива која ќе овозможи не само работниците да го остварат своето право туку и работодавачите да не бидат изманипулирани.

„Ова особено се однесува на дефинирањето  на здравствениот или на возрасниот статус. Во возрасниот статус или се вклопувате или не сте во него, но во поглед на хроничните дијагнози тука треба струката односно специјалистите по трудова медицина да кажат кои хронични дијагнози потпаѓаат под оние кои бараат ослободување или посебни услови за работа при топлотен бран, односно и генерално некои посебни бенефиции со кои ќе им се овозможи работење или неработење за време на топлотни бранови“, смета Најденовски.

При тоа тој објаснува какво е искуството во дел од другите држави:

„Верувале или не, иако често се угледуваме на други понапредни јурисдикции на ниво на ЕУ, ни таму не постојат задолжителни одредби. Не постојат ниту прецизни параметри на основа на тоа кога и како да се ослободи. Дури ќе ви кажам дека во појасот Португалија-Шпанија-Франција и Италија има некоја регулатива. На пример, во Италија е предвидено дека ако е многу топло на работникот треба да му се обезбедат три литри вода дневно. Значи се дефинира – кога ќе се обезбедат дополнителни услови за работење, а кога ќе настапат услови за прекин на работењето за определени работни места и кога се определени категории на вработени“.

Понатаму, тој објаснува дека ова прашање Британија го има решено преку колективен договор, но сепак во повеќето случаи на регулација се зборува за максимална температура на работно место, а не се зборува за температура на воздухот надвор иако дел од проблемот е доаѓањето, но и заминувањето од работното место.

„Еве и Британија да ја споменеме како поранешна членка на ЕУ со поинаков правен систем од континенталниот во Европа,  каде што пак тоа е делумно уредено со еден вид на колективен договор односно договор постигнат помеѓу најголемиот  генерален синдикат и самата држава“, додава Најденовски.

Оттука, тој појаснува дека е потребна прецизна регулатива бидејќи ова е ретка ситуација во која не можеме да се потпреме на туѓите искуства, имајќи предвид дека ваквото прашање не е регулирано до крај и во другите држави.

Во моментот, според препораките кои не се обврзувачки, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

– Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници. Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот – соопштија од Владата.

Вања Мицевска

Related posts

ОТКУПОТ ЗА САЈБЕР НАПАДОТ ВРЗ ФЗО НЕ БИЛ МИЛИОНСКИ

ninja

Продолжуваат неправилностите во болниците, Обвинителството со нов предмет

admin

Случај „Онкологија“: Протестите ќе станат масовни, Обвинителството не сака брзоплета истрага

admin

Стано: Косово ќе се соочи со други рестриктивни мерки доколку Курти не ги исполни меѓународните барања

admin

Осум Македонци се изјасниле како Албанци за да добијат работа во општината

admin

Орбан: Украина се уште не ги исполнила критериумите за влез во ЕУ

admin