Иако измените на Законот за работни односи предвидуваат еднаква плата и еднаков третман во вработувањето, жените во Северна Македонија и натаму заработуваат помалку од мажите, покажуваат податоците на Алијансата за родова еднаквост на работното место (ГЕА), јави ДВ.
Според нив, во 2022 година родовиот јаз во платите изнесувал 13,5 отсто. Просечната годишна бруто-заработувачка на мажите била 615.725 денари, додека жените во просек заработиле 532.625 денари. Најголем јаз се забележува кај вработените на возраст од 45 до 49 години и кај лицата со високо образование.
Глобално, жените заработуваат околу 20 отсто помалку од мажите, односно за секој долар заработен од маж, жената добива околу 80 центи, наведуваат од ГЕА. Во Европската Унија, според Еуростат, просечниот родов јаз во платите во 2023 година бил 12,7 отсто, со најголем јаз во Латвија (19%), додека во Луксембург жените заработуваат повеќе од мажите со родов јаз од 0,9 отсто.
ГЕА посочува дека разликите се резултат на повеќе фактори, меѓу кои помала застапеност на жените на раководни позиции, дискриминација на пазарот на трудот, концентрација во сектори со пониско вреднуван труд, како и фактот дека 80–90 отсто од работниците што примаат минимална плата се жени. Дополнително, постои хоризонтална сегрегација – недоволно вреднување на „женските“ професии, и вертикална – помала можност за унапредување и раководни позиции.
Слични трендови се забележуваат и во Европската Унија. Во Германија, три четвртини од жените со полно работно време заработуваат помалку од мажите, при што 40% од нив земаат плата најмалку 30% пониска од машките колеги. Разликата е видлива и во заработката за час, при што мажите заработуваат просечно 26,63 евра, а жените 22,54 евра.
Според правилата на ЕУ, иста работа треба да носи иста плата. Насоките за транспарентност на платите, донесени во 2023 година, имаат за цел да ја намалат разликата во заработката помеѓу жените и мажите.

