Упатството на министерот за правда Кренар Лога, со кое беше вметната графа за етничка припадност во изводите, привремено нема да важи. Причината е што не бил запазен рокот за објавување на одлуката во „Службен весник“.
Упатството на министерот за правда Кренар Лога, со кое беше вметната графа за етничка припадност во изводите од матичната книга, привремено нема да важи. Ваква одлука донесоа уставните судии на денешната расправа за иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за водење матични евиденции коешто неодамна го донесе Министерството за правда. Со ова упатство, во изводите на родените беше предвидено да се додаде графа националност.
Со одлуката на уставните судии, се носи времена мерка за неиздавање на овие документи. Како причина за поведување на постапката беше наведено пречекорувањето на рокот за објавување на подзаконски акти во „Службен весник“. Министерот Кренар Лога Упатството го потпишал на 29 мај, а во Службен весник е објавено на 15 јуни.
Лога на прес-конференција рече дека времената мерка на Уставниот суд ќе биде беспредметна и наскоро ќе биде изработен прочистен текст. Тој, одлуката на Уставен ја оцени како „купување време“.
„Ја почитувам нивната одука за времена мерка и најавувам дека ќе има нов прочистен текст на упатството кој ќе биде деновиве пуштен за објавување. Со тоа времената мерка ќе биде беспредметна“, рече Лога.
Пандорина кутија
„Уставниот суд ја отвори Пандорина кутија“, реагираше министерот за правда, Кренар Лога. Според него, во многу наврати не бил почитуван уставниот рок за објавување на подзаконски акти во Службен весник, а не за вметнување на графа за етничка припадност.
Министерот за правда присуствуваше на седницата на Уставниот суд на која се расправаше за Упатството со кое како задолжителна се утврдува графата за националност во изводите на родени, на венчани и на умрени.
,,Ме радува оваа иницијатива, но изненаден сум од фактот што Уставниот суд досега не покренал постапка и за други подзаконски акти кај кои не се почитува уставниот рок за објавување во Службен весник. Уставниот суд ја отвори Пандорината кутија. Најавувам дека во иднина јас лично ќе поднесувам иницијативи до судот за непочитување на уставните рокови. Вината не е во министерството, туку во Секретаријатот за законодавство во рамките на Владата”, изјави Лога.
Спорно упатство
Експертите и дел од партиите јавно го оспорија упатството, со кое се воведува нова графа „националност“ во изводот од матична книга на родените, венчани и умрени, што според експертите задира во „сензитивните“ заштитени податоци. Измената создаде можност македонски граѓани кои немаат бугарско државјанство да се охрабрат да обезбедат нов извод во кој ќе се декларираат како Бугари, со што без никакви други докази за потекло ќе може лесно да стигнат до бугарски пасош.
Во пресрет на седницата, поранешната министерка за правда Рената Дескоска го охрабри Уставниот суд да го поништи новото упатство и да го укине спорниот дел од Законот за матична евиденција. „Одлуката на Уставен суд да почне постапка е добра вест, а законот е испочитуван бидејќи тој предвидува националност во матичните книги, а не во изводот. Изводот не мора да ги содржи сите податоци од матичната книга“, вели Дескоска во објава на социјалните мрежи.
Ставот на министерот за правда, Кренар Лога е дека графата за националност е задолжителна, а упатството не се коси со законите. „Напротив, донесувањето на Упатството и внесувањето на националност во изводите се заснова токму со Законот за матична евиденција. Националност во матичната книга на родените се предвидува во членот 4, на венчаните во членот 11, и на умрените во член 13 од Законот за матична евиденција кој е на сила од 1995 година. Секое непочитување на Законот е кривично дело“, е ставот на Министерството за правда. /DW