„Неприфатлив, тотално неразумен и дополнително ги загрозува позициите на Македонија кон ЕУ“. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го оцени текстот на предлог-иницијативата за уставни измени, кој Владата го испрати за натамошна постапка во Собранието.
„Владата дополнително го усложнува процесот со тоа што дефинираше текст за уставните измени кој не само што не е прифатлив, туку можам да кажам дека е тотално неразумен, и ваков каков што е дополнително ги загрозува позициите на Македонија во рамките на напредокот кон полноправно членството во ЕУ. И баш би сакал сега да го слушнам оправдувањето од Владата– во кој дел од заклучоците од Советот на ЕУ, во кој дел на преговарачката рамка, и во кој дел на протоколот, овој текст на овие уставни измени е содржан“, рече Мицкоски.
ДВ побара од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да објасни попрецизно на што конкретно се однесуваат тие оценки.
„Причините зошто таквите измени се неприфатливи се повеќеслојни, и пред сѐ, врзани со непостоењето на никакви гаранции дека ова ќе биде последната отстапка на патот кон ЕУ што Македонија треба да ја направи и отсуството на механизми за заштита на идентитетските прашања, како и понатамошни други теми кои може да се отворат со прифаќањето на измените, особено во делот на активната работа на Комитетот за односите меѓу заедниците. Се чини дека доколку и оваа брана се пробие, утре нема ништо да го запре источниот сосед, врз основа на имагинарни бројки да бара и квоти за вработување на Бугарите, соодветна и правична застапеност и ред други барања кои ќе бидат производ на политиката, а не на реалните потреби“, вели Мицкоски.
Ни консултации, ни барања
Тој оценува дека со актуелната Влада разградувањето на политичкиот и националниот супстрат на Македонците започнува од внатре. „Клучната грешка на оваа Влада е што презема обврски во овие процеси кои подоцна не може да ги реализира, поточно тие потпишаа документи без да постигнат консензус со опозицијата, и сосема природно и очекувано е тој процес да не` однесе во слепа улица. И ова не го велам од суетни причини затоа што не нѐ консултирале, туку поради суштински и практични причини: затоа што консултирањето на ВМРО-ДПМНЕ за процесите можеше само да издејствува подобро и правично решение за Македонија. Не може Бугарија да отвора процес за уставни измени во Македонија, а македонската Влада да не побара од Бугарија – барем 3 од вкупно 14 пресуди на Судот за човекови права во Стразбур да се реализираат во корист на тамошните Македонци.Не може Македонија да менува Устав, а да нема никаква конкретна помош за Македонија, ниту пак гаранција за нашите идентитетски обележја“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во низата од забелешки потсетува и дека секоја нивна добра намера за фер решение, била минирана со ситно политиканство на другата страна.
„Кога го велам ова мислам, пред сѐ, на последната лидерска средба, каде наместо Владата сериозно да ги разгледа аргументите и предлозите кои ги нудевме, тие излегоа и решија да прават спинови и да ја лажат јавноста дека сѐ сме прифатиле,во состојба кога не прифативме ништо.На тој начин тие ја закопаа секоја шанса заеднички да го отрфлиме бугарскиот диктат и заедно да се избориме за подобри позиции за Македонија и постигнување на решение кое нема да значи повреда на идентитетските обележја. Исто така, еве помина година дена како лажат и манипулираат дека само што не обезбедиле мнозинство за уставни измени. Совршено јасно е деканема таква поддршка, ниту гласови за прифаќање на бугарскиот диктат. Тоа е само за евтин маркетинг и дефокусирање на јавноста.
Затоа единственото оддржливо решение во овој момент се изборите кои се излез од политичката и економската криза. Да не се губи време и уште оваа есен тие да се организираат и да се внесе нова енергија за придвижување на процесите важни за граѓаните“, порачува Мицкоски.
Што очекуваат во Бугарија?
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера како „прв важен чекор“ ја оцени одлуката на македонската Влада да го прифати предлогот за измени на Уставот,со кои во него ќе бидат запишани и граѓаните во РСМ кои се определуваат како Бугари. Тој потсети дека лично го покренал ова прашање пред две години, пред европските институции и лидерите на европските земји.
„Ова е првиот многу важен и задолжителен чекор, но не и последен. Очекувам од бугарската влада да се исполнат барањата во двата потпишани протоколи, кои се дел од преговарачката рамка“, нагласил Радев.
Како што објави БНР, Радев изразил загриженост поради тоа што бугарскиот парламент и влада не реагирале на резолуцијата усвоена од Бундестагот, која признава македонски јазик и идентитет.
„Јавно со помош на лобирање од Република Северна Македонија, е подготвена една таква декларација. Морав јас да испраќам писма до сите европски лидери, одново во одбрана на нашиот став. Навистина, владата мора да ги вложи сите напори, бидејќи во овие протоколи се следните чекори. Тоа се јазикот на омразата, медиумите, учебниците, натписите во музеите, отворањето на архивите на УДБА и рехабилитацијата на сите репресирани“, изјвил бугарскиот претседател.
Професорот Иван Илчев, член на заедничката македонска- бугарска комисија за историски и образовни прашања, не верува дека ќе се реализираат уставните измени.
„Ништо нема да се случи, Македонците немаат никакви намери да прават промени. Бугарите беа замаглени меѓу 6 други националности во Уставот на РСМ, за да не се разбере дека има Бугари. 3.500 луѓе се осмелија да се изјаснат дека се Бугари. Се восхитувам на нивната храброст“, изјавил Илчев на „Нова њуз“.
„Наоѓам огромни грешки во бугарската дипломатија и таа продолжува да се придржува до нив“, оценил историчарот Илчев.
Според него, имињата на бугарските клубови во РСМ биле грешка и пристапот кон именувањето раѓал омраза и конфликт.
Илчев навел дека можело да се прифати како знак на добра волја ако Министерството за образование на РСМ испратело допис до училиштата: „оваа комисија (бугарско-македонската комисија за историски прашања) стигна до одреден заклучок, препорачуваме наставниците да се придржуваат до него“.
Според него, Македонците гледале дека порано или подоцна ќе влезат во Европа и немале поттик да ги менуваат невистините во нивните учебници.