Медиумите ги префрлија затворениците од т.н. Кумановска група од Идризово на доиздржување на казната во Kосово, додека Министерството за правда потврдува дека постапката за трансфер во институциите не е ниту започната.
Пишува: Весна К.
Токму на осумгодишнината од настаните во Диво Насеље во Куманово, повторно се актуализира прашањето околу трансферот на 13 осудени од т.н. Кумановска група, тие да бидат префрлени од скопскиот затвор „Идризово“ на доиздржување на затворските казни во Косово.
Барањата им се доставени уште минатата година.
Пред само еден месец новиот министер за правда, Кренар Лога кажа дека го разгледал досието на Кумановската група и посочи дека осудените првин ќе треба ја доуредат документацијата за да можат нивните барања да бидат согласно законот.
Деновиве во интервју за Радио Слободна Европа, за Косовскиот сервис повторно беше прашан дали документацијата е подготвена, всушност до каде е целата постапка.
Според она што го пренесоа некои од медиумите, се добива впечаток дека префрлувањето на овие затвореници е веќе завршена работа, иако министерот во интервјуто потенцира дека дел од барањата не се целосни. Бил започнат процесот на комплетирање на документацијата, но дури потоа една по една ќе течат фазите до нивно конечно префрлање. Како што потенцира министерот, динамиката на целиот процес сепак ќе зависи од подготвеноста и брзината на судовите и другите надлежни институции.
Дека моменталната состојба не е таква каква што е пренесено во медиумите, посочуваат и од Министерството за правда, од каде побаравме објаснување, до каде се постапките
„Косовските власти прво треба да ги признаат пресудите на нашите судови. Документацијата се уште не е комплетирана. Откако ќе се комплетира ќе се размислува за можните варијанти. Во координација со МВР и косовските власти ќе се утврдува дали постои можност за такво нешто,“ посочија од Министерството за правда.
Можно р ваков трансфер воопшто и да не се случи, како што објаснија од Министерството.
Основа за трансферот има. Меѓу Македонија и Република Косово имаат потпишано договор за трансфер на осудени лица, (Службен весник број 178/2011, 24 Јуни 2012).
Според Член 96 од националниот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја, трансфер може да се изврши само доколку:
– осуденото лице е државјанин на државата во која ќе се доиздржи казната;
– пресудата е правосилна
– во времето на приемот на барањето за трансфер, осуденото лице има за доиздржување најмалку уште шест месеци од изречената казна и доколку дало согласност за тоа;
– осуденото лице или негов законски застапник или старател поради неговата возраст или психофизичка состојба даде согласност за трансфер;
– делата поради кои лицето е осудено претставуваат кривично дело во државата во кој се извршува казната (= двоен криминалитет) и
– земјата корисничка и странската држава се договараат за трансферот.
За настаните од Диво Насеље со затворски казни осудени се вкупно 33 лица, а ослободителни пресуди добија четири лица, 17 лица се со косовско државјанство. Судскиот процес се водеше за кривичните дела тероризам и терористичка организација. Првично, во постапката беа опфатени 29 лица, а подоцна случајот се спои со предметот „Молња“ каде имаше уште осум лица кои се гонеа како помагачи на вооружената група.
Од 33 лица кои беа прогласени за виновни седум добија доживотен затвор; 13 се осудени по 40 години затвор; шестмина по 20 години; еден 18 години; двајца 14 години; двајца 13 години; двајца 12 години затвор.
Од осудените, како што пренесоа дел од медиумите, минатата година, 17 имаат косовски државјанства, додека еден барал но не успеал да го добие.
Настаните во кумановско Диво Насеље се случија на 9 и 10 мај 2015 година во кои загинаа осум припадници на полицијата.
фото: Сузана Андоновиќ