12.8 C
Скопје
1 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСПОРТ

Се враќаат со медал од олимпијади, но дома не им се вреднува талентот

Реформите во образованието се честа флоскула во обраќањата на министрите кои доаѓаат на чело на овој ресор согласно политичко-партиските договарања.

Образованието како една од почетните точки на „калемење“ на генерациите на кои останува иднината, е исправено пред низа предизвици чие решавање значи подобар развој на нашите ученици. Дел од нив ја претставуваат државата во најдобро светло на меѓународната научна сцена, ги освојуваат победите на меѓународните натпревари, а кога ќе дојдат дома, тие и нивните родители добиваат ветувања кои не се реализираат. Образованието во теорија постојано се реформира и унапредува, но дали е навистина така?

Пишува: Вања Мицевска

Актуелниот министер, Јетон Шаќири лани изјави дека поддршката за талентираните и надарените ученици почнува со нивно идентификување, но и дека нивниот труд се вреднува преку сет политики, мерки и активности. Какви се ставовите на спротивната страна, дали македонскиот образовен систем има механизми за идентификација на овие деца и како истиот ги стимулира наставниците и професорите за да работат дополнително со нив – се дел од прашањата на кои бараме одговори во денешната анализа.

Професорот Ристо Малчески вели дека луѓето кои реформираат воопшто не се едуцирани за тоа како да обезбедат правилен развој на надарените и талентирани деца. И покрај постојаното споменување на некакви реформи од министрите, Малчески смета дека актуелните наставни програми не исполнуваат ни 25 до 30 проценти од потребните стандарди за учество на меѓународните натпревари.

-Кога вие „на глава“ ќе го поставите од почеток образовниот систем, тогаш ви е целосно „на глава“ поставен. Еве на пример, на Институтот за педагогија еден ист човек предава Методика на математика, на мајчин јазик, на физичко образование и што уште не. Дали е тоа можно? Одговорот е не. Значи во старт имаме огромен проблем со поставеноста на системот. Дали вие сметате дека професорот е доволно награден иако е предвиден еден час работа со надарени ученици. Дали може професорот тоа да го реализира квалитетно? Јас мислам дека не и тоа е првиот момент – забележува проф. д-р Малчески.

Проф. д-р Ристо Малчески / Приватна архива

Паралелно со ова, кадарот кој ги подготвува децата за натпревари не добива дополнителен надоместок за својата дополнителна работа.

Па така, професори од ПМФ бесплатно ги подготвуваа шестмината ученици кои нè претставуваа на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2022) во Богота. Четворица од нив се вратија со бронзени медали и оваа вест со која ја заокруживме минатата година наиде на позитивни реакции кај целата јавност, но за да стигнат овие ученици до таму, поради недоволната финансиската поддршка од Агенцијата за млади и спорт, нивните родители мораа да бараат финансии и од општествено одговорни компании.

Христова: Успехот на учениците е најголема награда за наставниците, но финансиската поддршка би била мотив за оние кои не сакаат бесплатно да работат дополнително

Еден од наградените е средношколецот, Даниел Христов чија мајка Катерина вели дека идентификувањето и препознавањето на надарените и талентирани деца зависи од наставникот кој треба да го препознае потенцијалот кај детето.

-Би можело да има некаква стратегија за овие деца, но сепак секое дете е индивидуално. Не се сите по ист „терк“. Најголема улога овде игра наставникот што ќе го препознае тоа кај детето. Тој треба да препознае  за што е детето предодредено и што му лежи за да може да се „форсира“ во тој правец. Значи може да изготват некоја брошура да се раководиме по неа, но може да се јави некој случај кој не е даден во книга и наставникот е тој што одлучува што ќе се прави – вели Катерина, која е одделенски наставник во едно од основните училишта во Штип.

Ја прашавме на кој начин наставникот треба да работи со учениците кои имаат исклучители потенцијали, дали се доволни дополнителните часови или на тие деца треба да им се даде и дополнителна литература.

Учество на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки / Приватна архива

Христова преку пример објасни како таа работи со нејзините ученици кои одат на натпревари.

„Лани пратив на натпревар тројца ученици кај кои препознав потенцијал за природни науки, јас ги спремав тие деца. Тие беа скептични дали да одат, а јас имав право да одберам само три деца од класот и не погрешив во изборот. Јас со нив работев на тој начин што им дадов литература надвор од материјалите кои беа предвидени за учење во редовната настава. Ако одевме само по тоа што беше предвидено за учење децата немаше да имаат резултати, а мене децата ми стигнаа до државен натпревар“, вели Катерина.

Според неа, наставникот треба да се потруди, да даде нешто надвор од тоа што се учи редовно на часовите.

„Тие деца тоа го совладуваат без проблем, а кога ќе се даде нешто дополнително тие се љубопитни, се интересираат и повеќе совладуваат тогаш“, смета нашата соговорничка.

Сепак, таа има забелешки за новата концепција во чии рамки сите деца мора да останат на дополнителните часови, за разлика од порано кога наставникот одлучувал кој ќе остане за да може да им посвети повеќе внимание на оние кои имаат надареност или се талентирани во одредена област.

„Според мене, новата концепција не е добра кога станува збор за задолжителниот престој. Во тој задолжителен престој мора сите деца да седат. Ако имаме талентирани деца кои треба да одат по натпревари,  цело одделение треба да седи на тој час. На пример, ако според распоред имаат три, четири или пет часа, по завршување на тие часови има уште еден час кој се вика задолжителен престој. На прва смена до 12, на втора до 18 часот. Во тој дел ние сами треба да смислиме што ќе правиме за сите деца да бидат инволвирани во тоа и тој дел не чини за талентираните и надарени деца. А концепцијата не дозволува да ги пуштиме дома да си одат.  На талентираните и надарени деца со ова им се скратува можноста да учат плус“, смета Христова.

Токму поради тоа, таа со своите ученици работела и онлајн надвор од редовната настава. Вели дека за таквата работа наставниците не добиваат поголема плата, но успехот на децата е најголемата награда.

-Нема денар за тоа, иста плата имаме сите. Мислам дека доколку тие наставници ги наградат, тоа ќе биде повеќе мотив за тие што не работат дополнително и можеби ќе се заинтересираат.  Сите тргнуваат од тоа дека не се платени да работат дополнително, си велат „зошто да се замарам“. Јас не сум од тие затоа што дома имам надарено дете и тргнувам од тоа. Значи да биле неговите наставници од тие што не се замараат, моето дете немало да биде на тоа ниво каде што е сега – вели мајката на Даниел.

Генерирање нови проблеми, наместо премостување – клучен проблем во образованието

Професорот Малчески пак, кој учествувал во организацијата на низа натпревари за ученици, забележува дека во македонското образование проблемите од година во година се генерираат, наместо да се премостат.

Фото: Вангел Тануровски

-Некогашните креатори на образовниот систем имаа предвидено дополнителна настава и за среќа, тоа сè уште е останато во образовниот систем и тоа се нормирани часови во работното време на наставниците. Од таа гледна точка, навидум проблемот е решен. Но имаме една ваква ситуација – нашиот народ вели „колку пари толку музика“. Вие имате ситуација во која во некои од овие регулаторни тела, агенции и така натаму, некој со средно има стотина илјади денари плата. Нашиот наставник, нашиот професор со завршена Математика, да не говорам за другите струки, може да стигне најмногу до плата од 32.000 или 33.000 денари – вели Малчески.

Тој смета дека секогаш кога ќе се јави некој проблем, кај нас се носи некаков закон. Сепак, потенцира дека законот треба да биде последна фаза, а не прва.

„Законот треба да произлезе од креиран образовен систем и треба потоа да ги пропише и етичките и законските норми за функционирање на тој систем. Вие не можете со закон да креирате систем. Ние што имаме? Промени во законот со ад хок решенија без при тоа да го менувате системот. Има нешто што се вика ентропија, таквото упаѓање во системот со ад хок законски решенија само го зголемува хаосот на образовниот систем и во еден момент тој ќе пукне. Ние сме на прагот да престанат да ни ги признаваат факултетските и дипломите за средно образование надвор од Македонија. До таа мера е паднат образовниот систем, а тоа е многу опасно“, алармира Малчески.

Правејќи паралела со образованието од пред неколку децении и сега, Малчески посочува дека образовниот систем во Југославија го креирал Павле Савиќ како поранешен студент на двојната нобеловка Марија Кири.

За жал, вели Малчески, советниците во институциите денес се носат од партиските штабови.

„Можете да замислите, која разлика е такви луѓе да креираат такво образование и ова што сега ни се случува – партизирано политичко креирање на образовниот систем од луѓе кои се тотални анонимуси до моментот кога ќе станат министри. Тука исто повторно доаѓа до израз партизацијата на образовниот систем којашто беше направена во деведесеттите“, додава професорот.

Според него, проблемите се длабоки и наталожени во последните 30 години, а како аргумент за односот на државата, се потсетува на искуството со учениците кои нè претставувале на Светската олимпијада по математика во 1995 година.

„Нашата екипа се врати со три бронзени медали и една пофалба. Само еден ученик не освои ништо. Српската организација беше нешто подобра од нас, словенечката и хрватската беа нешто послаби. Тогашните претседатели на Хрватска и на Словенија за по една освоена пофалба, нивните екипи ги пречекаа на аеродром. Нашиот претседател Киро Глигоров со премиерот Црвенковски и министерот за образование Димитар Бајалџиев и Стојан Андов не сакаа децата да ги примаат децата во кабинетите, а камоли да појдат на аеродром да ја повикаат екипата. Кога ќе поставите „на глава“ една работа многу тешко е да се поправи наопаку. Овие проблеми не се вчерашни“, додава Малчески.

Акредитации за натпревари, без покривање на финансиските потреби за нивна организација

Тој реагира дека државата прави маркетинг со надарените и талентирани деца додека политичарите се фотографираат нив, но наместо тоа, треба да посвети повеќе внимание на акредитациите за организирањето на самите натпревари.

„Ако државата акредитира натпревари односно здруженија, ако некому му дава право да организира натпревар и ако стои зад тие натпревари со самото тоа што дава акредитација, таа мора да ги реши финансиските потреби за тие натпревари. Не може да дозволите здруженијата што се акредитирани самоволно да наплаќаат таканаречени котизации. Државата со самата постапка на акредитација, со давање права, но и финансиско непокривање на натпреварите и необезбедување на повратна информација за квалитетот на истите, фактички го руинира системот на натпревари и ја руинира работата со надарените ученици“, забележува професорот.

Тој додава дека има професори и здруженија кои без надомест прават напори да обезбедат литература и доволно информации за тие деца да напредуваатн, но тоа не е доволно.

– Потребна е потемелна и посеопфатна работа која мора да тргне од реформа на сегашниот реформиран образовен систем која ќе ја направат квалитетни луѓе – порачува Малчески.

Фото: Архива

Единствено, тој вели дека за разлика од порано, сега се обезбедува поголема финансиска поддршка за учениците кои одат на меѓународни натпревари.

„Последниве години, Агенцијата за млади и спорт презеде обврска и ги плаќа картите за патување на екипите. Претходно зa нашите екипи од 1995 до пред неколку години, Сојузот на математичарите обезбедуваше пари, а помагаа и родителите. Сега картите се платени, сместувањето е обезбедено. Тој дел од проблемот не постои“, истакнува професорот.

МОН контра експертскиот став: Го вреднуваме трудот на учениците и ги стимулираме за уште подобри резултати

Го прашавме и Министерството за образование и наука, што прават како надлежна институција за поддршка на надарените и талентирани ученици, на што ни одговорија дека преземаат повеќе активности за стимулирање на овие деца.

-Освен што талентираните ученици на предлог на одделенски наставник односно одделенски раководител, а со одлука на Наставнички совет можат да напредуваат и забрзано, но најмногу до два пати за време на школувањето да преминат во наредно одделение, за учениците со натпросечна интелигенција се организираат и додатни активности, односно следуваат дополнителни бенефиции – велат од МОН во писмениот одговор до ММС.

Оттаму потенцираат дека секоја година доделуваат стипендии за талентирани ученици од средните училишта и тоа одделно по 100 стипендии за талентирани ученици спортисти и 100 стипендии за талентирани ученици во други области.

Дополнително, МОН доделува и еднократен паричен надомест за ученици кои ќе освојат прво место на државен натпревар по било кој предмет организиран од акредитирано здружение на наставници ( износот е 50% од просечната нето плата во земјата), како и еднократни парични надоместоци за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки (100%, 80% односно 60% од просечната нето плата во земјата, зависно од освоеното место).

-Исто така, се доделува и месечен паричен надомест за освоен медал на меѓународна научна олимпијада ( 12 месеци во годината по 12.000 денари за освоен златен медал, 10.000 за сребрен и 8.000 денари за бронзен медал) – потенцираат од ресорното министерство.

Додаваат и дека учениците кои ќе го освојат првото место во рамки на државниот натпревар – Лидер  на струка (натпревар помеѓу ученици од средни стручни училишта), исто така добиваат еднократен паричен надоместок во висина од 50% од просечната плата.

Во однос на идентификацијата на афинитетите, предиспозициите и талентите на децата, посочуваат дека со воведувањето на повеќе изборни предмети во основните училишта се дава шанса секој ученик да го одбере тоа што му е најинтересно и каде што постигнува најдобри резултати. Ова овозможува ран почеток на следењето на детето и се дава потребната поддршка за да напредува, велат надлежните.

Од МОН тврдат дека сè повеќе ученици се вклучуваат и во програмите на Фондот за иновации, како и програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации како што е UPSHIFT програмата создадена во соработка со УНИЦЕФ, каде се поддржува нивната креативност и се стимулира заложбата за напредок, преку понуда на некое решение на секојдневен предизвик од кој е засегнато општеството во областа на екологијата, енергетиката и слично.

Фото: Вангел Тануровски

Фондот за иновации и технолошки развој ја уницираше програмата за талентирани и надарени деца „Фонд за млади умови“ во 2019 година, а за да се постигне најдоброто решение, беа побарани мислења и од родители, наставници, студенти и средношколци.

Од ФИТР тогаш истакнаа дека со програмата ќе се мотивираат сите деца и дека за таа цел, таа ќе содржи утврдени критериуми и мерки.

Го прашавме Фондот за иновации, на кој начин функционира во пракса она што е пропишано во Стратегијата и какви решенија се инкорпорирани во овој документ неколку години по иницијативата за негово однесување, но не добивме објаснување.

Експертскиот тим на УНИЦЕФ кој учествување во подготовката на концептот за оваа програма тогаш најави и анализа која ќе ги лоцира потребите и евентуалните празнини. ММС праша што покажала оваа анализа и до каков заклучок дошол тимот – каде и како државата би можела да ги пополни празнините во образовниот систем.

Иако од Фондот беше најавено, до моментот на објава нема одговори на новинарските прашања за улогата на оваа институција во системскиот пристап за поддршка на децата со висок потенцијал.

 

Related posts

МАКЕДОНИЈА УВЕЗЕ 40 МИЛИОНИ ЕВРА СТРУЈА – КОЈ СЕ ОФАЈДИ?

ninja

Фолксваген објави огромен профит

admin

ПРОПУСТИТЕ ЗА СКАНДАЛОТ ОНИШЧЕНКО СЕ ДРЖАВНА ТАЈНА

ninja

Спасовски за АЛСАТ: Околу 180.000 парчиња регистрирано оружје во државава

admin

Групата од Грчец имала соработници во разни институции!

admin

Рама предложи план за формирање на Асоцијација, Курти нервозен

admin