Додека експлозиите одекнуваат низ Иран, а дипломатските линии во Њујорк и Брисел се вжештуваат, едно тврдење ја засени секоја друга вест: израелски официјални лица, повикувајќи се на извори цитирани од Ројтерс и израелски медиуми, соопштија дека иранскиот врховен лидер, Али Хаменеи, е убиен во заеднички американско-израелски напади.
Техеран брзо возврати – не со ракети, туку со демант. Полуофицијалните агенции Тасним и Мехр објавија дека Хамнеи е „цврст и истраен во раководењето со теренот“, нарекувајќи ги извештаите за неговата смрт „психолошка војна“. Од неговиот кабинет порачуваа дека станува збор за „ментална операција“ насочена кон дестабилизација.
Но утрово иранските државни медиуми призна дека нивниот водач загинал.
Сценариото што до пред неколку недели изгледаше како академска хипотеза – што ако Иран го загуби својот врховен лидер? – одеднаш стана итно геополитичко прашање.
Војна што веќе е во тек
Смртта на Хамнеи доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран, по претходни израелски ракетни напади. Според иранските медиуми, повикувајќи се на Црвената полумесечина, најмалку 201 лице загинале во 24 провинции.
Портпаролот на израелската војска соопшти дека се убиени неколку високи ирански функционери и дека биле погодени ракетни лансирни позиции и други стратешки цели. Колку долго ќе траат операциите – не прецизираше.
Во меѓувреме, секретарот на иранскиот Врховен совет за национална безбедност Али Лариџани изјави дека Техеран ќе возврати, ветувајќи „незаборавна лекција“.
Ако лидерот падне, дали системот паѓа?
Иранскиот устав предвидува механизам за итен трансфер на власта. Во случај на смрт на врховниот лидер, се активира привремен совет составен од претседателот, шефот на правосудството и претставник од Советот на чуварите. Собранието на експерти потоа избира нов лидер.
Но правната процедура е само дел од приказната. Реалната моќ во Иран не е концентрирана во еден кабинет. Таа е распоредена – особено во рамките на Исламската револуционерна гарда (Islamic Revolutionary Guard Corps IRGC), институција што функционира како паралелна држава со сопствена економија, разузнавачка мрежа и регионално влијание.
По смртта на Хамнеи, IRGC најверојатно нема да чека политичка консолидација. Системот е изграден да преживее „удар со обезглавување“. Воените одговори може да бидат автоматизирани, претходно планирани и активирани без долга јавна дебата.
Регион под притисок
Тензијата веќе се прелева надвор од иранските граници. Амбасадата на САД во Бахреин предупреди за напади со беспилотни летала врз високи згради и ги повика американските државјани да избегнуваат одредени области.
Советот за безбедност на ОН свикува итна седница на барање на Кина и Русија. Се очекува со седницата да претседава генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Иран и Израел ќе учествуваат, додека останува неизвесно дали земјите од Заливот ќе се приклучат.
Турција понуди посредување за прекин на огнот, предупредувајќи дека конфликтот може да прерасне во поширока регионална војна со глобални економски последици.
Трамп: Долго или кратко
Во телефонско интервју за американски медиум, Трамп изјави дека војната може „да трае долго“ или да заврши за неколку дена, посочувајќи дека постојат повеќе „излезни стратегии“. Тој додаде дека Иран ќе има потреба од години за да се опорави од нападите и дека одлуката за акција ја донел и покрај тековните нуклеарни разговори.
Изјавите отвораат простор за дипломатија – но и за ескалација.
Повеќе од еден човек
Сега кога тврдењата за смртта на Хамнеи се покажаа како точни, се открива суштината на моментот: Иран е под најголем притисок во последните децении.
Ако лидерот преживееше, режимот ќе се обидеше да го претвори демантот во симбол на издржливост. Сега кога е мртов, системот ќе се обиде да докаже дека државата е повеќе од една личност.
Во двата случаи, прашањето не е дали Иран може да возврати. Прашањето е колку далеку е подготвен да оди – и дали регионалниот судир веќе ја надмина точката од која нема лесно враќање.

