14.8 C
Скопје
13 октомври, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Што бараат граѓаните, а што им нудиме ние?

Но, факторите од јавната сфера кои го обликуваат јавното мислење, главно политиката и медиумите, како да тврдоглаво чуваат теми кои се споредни или терцијални за граѓаните, но кои се дел од нивната дива кампања за оцрнување на „другиот“.

Пишува: Џелал Незири

Минатата година граѓаните покажаа рекордно ниво песимизам одговарајќи на прашањето – дали земјата оди во добра насока. Ова го покажа истражувањето на ИРИ спроведено во октомври 2022 година. Во најновото истражување објавено вчера, само еден процент повеќе сметаат дека земјата е на добар пат. Иако ова може да биде показател за почеток на враќање на оптимизмот, останува голем процентот на луѓе кои мислат дека земјата оди во погрешна насока.

Ако почнуваме да го бараме изворот на овој песимизам, тогаш анкетата ни го дава одговорот од резултатите од првите прашања. Таму испитаниците одговараат кои се главните проблеми со кои се соочуваат, а кои се чини дека власта не е во состојба да ги реши. Сиромаштијата, нискиот животен стандард, високите цени, ниските плати, општата економска состојба, невработеноста, бегството на младите и корупцијата се главните проблеми кои биле нагласени од 75 отсто од испитаниците. Владеењето на правото и правната држава, интеграцијата во ЕУ, притисокот на Бугарија за интеграција во ЕУ или работата на актуелната влада се проблем за помалку од 10 отсто од граѓаните.

Значи, во првата група се проблемите за кои граѓаните бараат решенија и примарен третман, додека во втората група се проблемите кои не им изгледаат толку големи. Иако решението на некои проблеми од втората група значи и решавање на оние од првата, сепак така мисли граѓанинот. За него не се многу важни процесот на интеграција во ЕУ, компромисот со Бугарија, судирот власт-опозиција или други големи национални или етнички каузи. Намалување на сиромаштијата, подобрување на животниот стандард, намалување на невработеноста и задржување на младите дома – ова го бара граѓанинот. Ни повеќе, ни помалку.

Сепак, факторите од јавната сфера кои го обликуваат јавното мислење, главно политиката и медиумите, се чини дека тврдоглаво ги држат високо на агендата темите кои се споредни за граѓаните. Омразата кон Бугарија која ни ја блокира интеграцијата во ЕУ, албанските партии кои ни ги „узурпираа“ институциите и борбата против  „ветерниците на корупцијата“ – се главните теми што им се наметнуваат на граѓаните. Посебно во последниот период има тенденција за враќање на големите етнонационалистички теми, но завиткани во целофанот на борбата против корупцијата. Како да постои трка „другиот“, т.е. другиот етникум, да биде прикажан како покриминоген, покорумпиран, покриминализиран или канцер за општеството. На пример, во реакција на компанијата „Фероинвест“, – која ги изгради модуларни болници за време на пандемијата COVID-19, – против организацијата ИРЛ – која го истражува пожарот во една од нив во Тетово во кој загинаа 14 пациенти, – јавно се поставува прашањето зошто новинарите ги истражуваат „македонските фирми“: „По повеќето такви случаи настанати во текот на изминатата година, иако не сакаме, сепак се наметнува неопходност јавно да го поставиме прашањето пред целата македонска јавност: зошто постојано се на мета само компании во сопственост на македонски бизнисмени? Дали пораката е дека македонскиот ментален склоп е криминоген?“.

Покрај наметнувањето споредни и терциерни теми, одредени политики и медиуми ја инструментализираат борбата против корупцијата претворајќи ја во меѓуетнички судир. Наместо документиран и професионален третман на случаите за сомнеж за корупција, се објавуваат имиња на лица и фирми кои со закон не се категоризирани како „политички експонирани лица“. Иако не е покажана или докажана никаква законска повреда, сепак, нивните имиња се контекстуализирани за да бидат прогласени за виновни пред јавниот суд, да бидат оцрнети и жигосани, ситуација која може да се одрази на нивните животи и бизниси. Истражување кое не документира никакво прекршување на закони не е истражување, туку кампања за оцрнување во режија на одредени центри на политичка или економска моќ.

Related posts

САМОУНИШТУВАЊЕ

admin

Нема промена на Уставот под американски и европски диктат!

admin

Трамп: Ќе и ставам крај на војната за 24 часа

admin

„Терористи“, „херои“, „Срби“

admin

Белград го блокира пристапот во ЕУ за Западен Балкан

admin

Каква дестабилизација не очекува?

admin