22.8 C
Скопје
21 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Градоначалниците забораваат на ветените „брда и долини“ за заштита на Охридскиот регион

Меѓународен експертски тим од 25 до 27-ми април ја „скенираше“ состојбата во Охридскиот регион, а заклучоците од посетата ќе влијаат на одлуката која треба да биде донесена во септември во Ријад. Токму тогаш Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ќе треба да одлучи дали овој регион ќе биде ставен на листата на загрозени подрачја.

Познавачите се скептични дека Охридскиот регион и овој пат ќе куртули од впишување на ваквата листа и обвинуваат дека секој нов градоначалник со одлуките кои ги носи само го продлабочува проблемот.

Пишува: Вања Мицевска

Фото: Вангел Тануровски

Правилен урбанизам, зачувување на природното и културното наследство, заштита на животната средина – се само дел од ветувањата што со години се провлекуваат низ изборните програми на политичарите кои претендираат да ја освојат власта во општините во Охридскиот регион.

Овие ветувања кои високо котираат во предизборните агенди на кандидатите, речиси воопшто не го здогледуваат „светлото на денот“. И покрај разликата во ставовите која е очигледна кај политичарите од различни партии, се чини, ветувањата за исполнување на препораките на УНЕСКО се заеднички за политичките опоненти. Дури и на митинзите од пред неполни две години, ги даваа истите ветувања завиени во различни фрази – додека едни тврдеа дека ќе стават крај на урбанизмот, други најавуваа дека ќе го заштитат природното и културното наследство од закани и опасности.

Дали тие го реализирале она што го ветиле со цел Охридскиот регион повторно да се „спаси“ од тоа да биде ставен на листата на светско наследство во опасност, ќе треба да проценат меѓународните експерти кои престојуваа од 25-ти април.

Ветуваат „брда и долини“ а забораваат на нив кога ќе седнат во фотелја – археологот Киселинов за однесувањето на градоначалниците

Меѓународниот експертски тим составен од претставници на УНЕСКО,  на Бернската конвенција и на Рамсарскиот секретаријат ја скенираше состојбата која експертите и активистите ја оценуваат како разочарувачка. Во меѓувреме „топката“ за одговорноста постојано се префрла од локалната на централната власт и обратно.

„Овие мисии ќе направат извештај на лице место за тоа што и како се случува. Реалната состојба на лице место е многу загрозувачка. Имаме уништување и загрозување и на природното и на културното наследство, особено на локално ниво“, смета археологот Никола Киселинов од Туристичката асоцијација на Македонија „Билјана“, членка на УНЕСКО.

Тој потсетува дека Македонија доби 19 препораки од УНЕСКО, од чие исполнување зависи статусот на Охридскиот регион кој ги опфаќа Охрид, Струга и Дебарца од македонска страна, и еден дел од албанска страна.

Фото: Приватна архива

Сепак, Киселинов вели дека само две од препораките се комплетно завршени, а две се во процедура.

„Останатите не се почитуваат, се прекршуваат. Особено се прекршуваат од локалната самоуправа која намерно го турка Охрид да биде влезен во листата на загрозени подрачја“, додава Киселинов. Овој негов став го аргументира со неодамнешната одлука на Советот на Општина Охрид за изнајмување на плажите од крајбрежјето на Охридскиот регион.

„Имено, УНЕСКО вели не смее да се загрозува тоа природно наследство, а Советот носи одлука за издавање на шанкови и концесии за плажите на крајбрежието“, нагласува Киселинов.

Од невладината организација Фронт 21/42 објаснуваат дека претставниците на Бернската конвенција по нивната посета идната недела ќе треба да изработат извештај со конкретни препораки за државата, кои се очекува да бидат усвоени на 43-та сесија на Постојниот комитет на Бернската конвенција која ќе се одржи во периодот од 28.11 до 01.12.2023.

-Со усвојувањето, препораките ќе станат обврзувачки за државата со оглед на тоа дека таа е потписник на Бернската конвенција од 1997 година, со што оваа конвенција е дел од внатрешниот правен поредок – велат од оваа невладина организација.

Оттаму сметаат дека состојбата во регионот кој е под заштита на УНЕСКО од година во година се влошува. Меѓутоа, велат евентуалната одлука тој биде да прогласен за светско наследство во опасност, сама по себе нема ништо да смени ако централните и локалните власти не ги спроведат неопходните мерки.

Според археологот Киселинов, тоа е така затоа што политичките одлуки се испреплетуваат со интересите на бизнисмените, а граѓаните тоа го трпат 30 години наназад.

-Ние како граѓани ја трпиме оваа политика на секој градоначалник што ќе дојде, без разлика од која политичка партија е. Тие пред избори ветуваат „брда и долини“, симнуваат „ѕвезди од небо“, а кога ќе седнат на фотелјата го забораваат сето тоа и гледаат само свои лични и партиски интереси. Во националниот парк Галичица од лани до годинава имаме нови дивоизградени објекти, значи во национален парк кој е строго заштитена зона – додава нашиот соговорник.

Фронт 21/42: За политичарите, природното богатство не е вредност која треба да се зачува

Со сличен став се и од Фронт 21/42, од каде велат дека сите носители на одлуки на современа независна Македонија, највредното природно богатство на државата, не го перцепираат како вредност која заслужува и треба да се зачува.

-При секоја посета на Охридскиот регион нè изненадуваат нови градби и/или расчистувања на терен. Тоа што во последно време особено нè загрижува е расчистувања и градби во самото Студенчишко блато, а за кое во моментов важи Решение за привремена заштита кое ги забранува ваквите активности; нè загрижува и фокусот на урбанизирање на брегот на струшката страна на езерото; поставување на плочи кај Извидничкиот центар во Далјан кои се наоѓаат на околу 10 метри од езеро и така натаму – реагираат активистите од оваа организација.

Токму поради ваквата состојба, археологот Киселинов предлага со закон да ѝ се одземат ингеренциите на локалната самоуправа, барем кога станува збор за урбанизацијата, па наместо градоначалниците и советниците, одлуките да ги носат стручњаците.

-Охрид е град на светлината, а ние дозволивме урбаната мафија да ја диктира политиката на развој – реагира Киселинов.

Расте отпорот кон УНЕСКО – вели градоначалникот на Охрид, Пецаков

Во пресрет на доаѓањето на меѓународните експерти, охридскиот градоначалник Кирил Пецаков ги оцени како строги критериумите на УНЕСКО. Во изјава за дел од медиумите, тој укажа дека Охрид мора од нешто да живее.

Според Пецаков, исполнувањето на одредени препораки од УНЕСКО бара сериозни средства, па затоа не е можно тоа да биде направено само од општина Охрид. Тој истакна дека постојат подрачја и во други држави кои исто така се под заштита на УНЕСКО,  но со нив се постапува различно.

Коментирајќи на оваа негова изјава, од Фронт 21/42 велат дека критериумите се исти за сите држави.

-Да, високи се, што е нормално да се очекува за вредност од највисок светски ранг, за која човештвото одлучило дека мора да се зачува за следните генерации. Доколку е вистина дека граѓаните даваат отпор кон УНЕСКО, таквата состојба според нас е тажна. Ако населението не е свесно за посебноста на нивната околина на глобално ниво, тогаш тоа упатува на потреба за едукација и подигнување на свеста на локалното население за овие вредности како и можностите за развој кои ги обезбедуваат, а кои ги нема ниту една друга локална заедница во државата – додаваат од невладината организација.

Од општина Охрид не одговорија на нашите прашања кои поточно се тие тешки и превисоки критериуми и што е она кое го отежнува подобрувањето на состојбата во регионот. Оттаму не го коментираа ниту барањето на дел од активистите да ѝ се одземат ингеренциите на локалната самоуправа.

Претходно во изјава за медиумите, градоначалникот Пецаков укажа дека доколку Охридскиот регион се најде на листата на загрозени подрачја, тоа ќе биде сериозен удар за економијата и ќе донесе стопирање на неговиот развој. Од невладиниот сектор исто така наведуваат дека тоа би било неповолно за нашите институции бидејќи ќе значи откривање на сите слабости на нефункционалноста на системот.

Доколку се најдеме на листата на светско наследство во опасност, тоа ќе значи дека би добиле стручна помош и асистенција од меѓународните организации. Дали ќе биде така ќе се знае по одлуката која Комитетот за светско наследство на УНЕСКО  треба да ја донесе на 45-тата сесија во септември годинава. Овој регион веќе два пати се спаси од тоа да се најде на ваквата листа, но според експертите и активистите, континуираната урбанизација и дивоградбите придонесуваат да биде сè поизвесно дека овој пат тоа нема да се случи.

 

Related posts

НАТО се подготвува за напад од Русија, започнува најголемата воена вежба

admin

ДУИ се изјасни за уставните измени

admin

Сликите на косовски борци на УЧК доминираат во Музејот во Сопот претставен дека е во чест на селаните убиени во 1944 година

admin

Блинкeн во посета на Кина, има ли простор за смирување на тензиите во односите помеѓу двете држави?

admin

ЕУ го губи трпението со тензиите меѓу Косово и Србија

admin

Пораст на индустриското производство и на бројот на вработени во индустријата

admin