16.8 C
Скопје
6 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Нови законски измени за распуштање на Судскиот совет, преседан за злоупотреба од секоја идна власт

Пишува: Весна .

Намерата на Министерот за правда Кренар Лога, преку законски измени да се распушти Судскиот совет ја разбранува јавноста. За Коалицијата за правично судење решението на Лога може да биде голем политички ризик и најдобро решение е сите членови да си дадат оставка.

Според професорката Ана Данева донесувањето на една ваква одредба може во иднина да биде користена од секоја власт, доколку не им се допаѓа како работи Судскиот совет да се распушта. Тој што ги поставил треба и да ги разреши, вели Данева.

Премиерот Ковачевски смета дека Судскиот совет треба да се „ремонтира“, опозицијата инсистира на колективна оставка. Од Судскиот совет без коментар.

Законски измени за  распуштање на Судскиот совет со консензус во Собранието со сите политички партии“

Превирањата во Судскиот совет станаа особено гласни со разрешувањето на поранешната претседателка Весна Дамева. Реагираше Холандската амбасада, со прекинување на соработката сметајќи го телото за нелегитимно, а двајца судии членови по тоа си поднесоа оставки.

Министерот за правда Кренар Лога деновиве кажа дека власта и опозицијата ќе разговараат да се најде решение за престанок на мандатот на сега актуелниот состав на ова тело.

„Тоа што се случи во Судскиот совет сите нè загрижува и го осудуваме. Имам дискусии и со политичките партии и со власта за да најдеме решение. Можеби едно од решенијата ќе биде со законски преодни одредби да има престанок на мандатот на сегашниот состав на Судскиот совет. Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието со сите политички партии“, најави министерот за правда.

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека Судскиот совет треба да се „ремонтира“ во смисла на промена на функционирањето и составот. Според него, ова е неопходно и се темели на сите меѓународни анализи и извештаи. Премиерот смета дека во рамките на ова тело мора да се локализира индивидуалната одговорност.

Опозицијата инсистира на колективна оставка.

ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува идејата на министерот за правда, Кренар Лога, за распуштање на Судскиот совет поради неколкуте скандали во ова судско тело во последните месеци. Од опозициската партија велат дека со години предупредуваат на партизација на судството, а додаваат дека по создадениот циркусот во Судскиот совет, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на месец мај бара Собранието да расправа за состојбата во ова судско тело.

Пратеничката Дафина Стојаноска бара одговорност и од Владата за настанатата состојба во највисокото судско тело.

Предлогот на Лога може да се дебатира од два аспекта-правен и политички

Од Коалицијата за правично судење остануваат на ставот дека е неопходно сите членови на  Судскиот совет да си дадат оставка а за предлог на Министерот Лога, донесување на нов закон со чиишто преодни и завршни одредби практично би се прекинал мандатот на сегашниот состав на Судскиот совет, носи ризик.

„Оваа иницијатива, сама по себе носи ризик да се наруши независноста на судската власт, па поради тоа треба темелно да биде разгледана со цел да се видат сите можни ризици коишто со себе ги носи ваквата интервенција од страна на извршната а особено од законодавната власт, доколку повеќе што на овој начин би бил поставен преседан за којшто во иднина не е исклучена можноста да биде предмет на злоупотреба. Токму поради тоа сметам дека најсоодветно ќе биде доколку останатите членови на Советот дами да си поднесат оставка и се пристапи кон избор на нови членови на Судскиот совет, коишто ќе имаат кредибилитет, ќе бидат фокусирани на нивната работа и ќе ги почитуваат важечките прописи,“ вели Лејла Тутиќ, правен истражувач во Коалицијата за правично судење.

Според професорката Ана Данева, предлогот на Министерот за правда, лога може да се дебатира од два аспекта-правен и политички.

„Од правен аспект, да, може со закон да се прекине мандатот, може да се стават овие одредби, меѓутоа дали до крај ќе биде запазена уставноста и дали нема да постои проблем во таа одредба да се покрене иницијатива за нејзина неуставност и Уставниот суд ќе треба најверојатно да се произнесе, бидејќи членовите на Судскиот совет онаков каков што е , нелегитимен, без интегритет, тие имаат мандат кој што им е даден со овој закон. Колективна одговорност не е предвидена во постоечкиот закон, не постојат одредби за колективна одговорност на целиот Судски совет. Министерот според она што го кажа, ќе се обиде да иницира некаква колективна одговорност на начин што ќе предвиди крај на нивниот мандат. Односно тоа нема да биде разрешување, туку распуштање како Судски совет, “ образложи Данева.

Втората опасност од правен аспект според неа е дека една ваква одредба да се изгласа од владејачкото мнозинство во Собранието, создава преседан, да секоја идна власт утре доколку не и се допаѓа како работи Судскиот совет, да им го прекинува мандатот на членовите на Судскиот совет, иако може да се случи тоа да бидат најдобрите членови, но не играат по нотите на Министерството за правда и владејачкото мнозинство.

„Поради тоа јас сум скептик за ваквото законско „уредување“ на престанокот на мандатот на Судскиот совет.

Што се однесува до политичкиот аспект на предлогот на Лога, Данева вели дека многу е важно да се истакне дека најголемиот дел од нив се политички претставници. Тие се претставници на партиите на власт, СДСМ и ДУИ.

„Тие, дел од нив знаеле, дел од нив подоцна дознале дека треба да реализираат некои партиски обврски, првенствено во изборот на судии, претседатели на судии…Оние коишто сфатија во каква улога се ставени , си дадоа оставка. Оние што останаа значи подготвени се до крај да ги реализираат партиските задачи. Според мене ќе се случи следново-Собранието ако воопшто изгласа таква одредба, ќе остави преоден период од неколку месеци и тоа нема да биде случајно направено, туку за да може овој Судски совет во овој состав да ги избере оние судии коишто требало да бидат избрани. Верувам дека дури по тоа Судскиот совет ќе биде разрешен,“ додава Данева.

Секој сам да си даде оставка или да ги разреши тој што ги назначил

За коалицијата за правично судење, најдобро решение за оваа состојба со Судскиот совет е членовите во Советот секој поединечно да си даде оставка.

„Ја поздравивме одлуката на двата члена од редот на судии коишто во меѓувреме си дадоа оставка а се надеваме дека истото ќе биде направено и од останатите членови на Советот. Поради сите случувања во изминатиот период коишто го одбележаа работењето на советот а коишто случувања беа остро критикувани во јавноста сметам дека овој состав нема легитимитет и кредибилитет, “образложи Лејла Тутиќ од коалицијата за правично судење.

За професорката Ана Данева, најдоброто решение е тој што ги избрал и да ги разреши. И според сегашните закони претставниците избрани од постоечките апелациони подрачја имаат право да побараат и да ги отповикаат своите претставници.

„Оние што се истакнати правници избрани од Собранието, нека им покренат  интерпелација и на јавноста во рамките на таа процедура да се каже што згрешиле и каде згрешиле. Овие механизми постојат и во моментов во нашето законодавство. Нема потреба да се менува законот за сите да се распуштат и при тоа да им се даде доволно простор да си ги завршат домашните партиски задачи. Ако има добра волја во политичките елити треба во Собранието да се покрене интерпелација или надзорна расправа,“ додава Данева.

Георгиев: Доколку се дозволат законски интервенции за Судскиот совет, тоа ќе биде лоша порака и лоша пракса за во иднина

Право и обврска е на министерот за правда да дава предлози и решенија до Собрание, за некакви законски решенија. Нивно право е тоа и ќе останам без коментар. Но, морам да потенцирам дека, доколку се дозволи со некакви законски интервенции за Судскиот совет како тело, и за други тела кои што претставуваат уставна категорија, тоа ќе биде една лоша порака и лоша пракса за во иднина, кажа во телевизиско гостување  претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев.

Во врска со предлогот дека оставки од сите членови е решението, Георгиев смета дека  оставките се лично право, но дека во дадената ситуација тоа не е решение.

Related posts

Анкета: Екстремно десничарската АфД е втората најсилна партија во Германија

admin

Германија: Се шират протестите против десничарската АфД

admin

Заврши прикаската на СДСМ за „менторот од Будимпешта“

admin

ВЛАДАТА ИНИЦИРА ОДЗЕМАЊЕ НА ДРЖАВЈАНСТВОТО НА ОНИШЧЕНКО

ninja

Ѓорчев: Ќе направиме влада без СДСМ и ДУИ

admin

БАЛКАНОТ СЕ ОБЕДИНУВА ОКОЛУ ЗЕЛЕНАТА АГЕНДА

ninja