Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, по средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис во Атина, изјави дека двете земји остануваат посветени на градење на цврсто партнерство и продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и евроинтеграциите.
„Во Атина имав одлична и конструктивна средба со мојот грчки колега. Разговаравме за билатералната и регионалната соработка, зајакнувањето на политичките и економските врски, потенцијалот за нови инвестиции, како и за проширување на енергетската соработка,“ напиша Муцунски на социјалните мрежи.
Муцунски додаде дека солидарноста, меѓусебното почитување и партнерството се основа за посилни односи, оценувајќи дека грчката поддршка за европскиот пат на Северна Македонија е суштинска.
Грчкиот министер Герапетритис повтори дека Атина останува посветена на поддршката за ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија, но потенцираше дека таа е условена со исполнување на сите обврски, вклучително и спроведувањето на Договорот од Преспа.
„Сакам да ја потврдам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија врз основа на заслугите и утврдените критериуми, со посебен акцент на целосна, доследна и со добра волја имплементација на Договорот од Преспа, вклучително и употребата на уставното име на државата во сите контексти (ерга омнес),“ изјави Герапетритис, пренесе државната агенција МИА.
Тој предупреди дека во време на геополитичка нестабилност и конфликти, придржувањето кон меѓународното право е „од клучна важност“.
Муцунски и Герапетритис истакнаа дека остануваат отворени за нови форми на соработка и за координација во рамките на НАТО и мултилатералните организации.

