8.8 C
Скопје
8 октомври, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Дали ќе поминат уставните измени и што ако не поминат?

Најдобар начин да се предвиди иднината е таа да се создаде. Токму политичките елити, овластени со гласот на граѓанинот, ја креираат оваа иднина. По кој пат ќе тргне државата ќе се знае годинава.

Пишува: Џелал Незири

На 123 седница на Собранието на дневен ред имаше само една единствена точка: да се усвои потребата од отворање на Уставот. За да се донесе оваа одлука беа потребни 80 гласа од 120 пратеници или двотретинско мнозинство. Ова е првата фаза. Втората фаза е полесна: изготвување предлог-амандмани од Владата, нивно комплетирање со предлог на пратениците и гласање со мнозинство од 61 пратеник. Нивното усвојување претставува трета, последна фаза, со која се менува Уставот. И тука се потребни 80 пратеници. Значи Уставот се отвора и затвора со две третини од гласовите на пратениците.

Со гласањето на дневниот ред на 123. седница се виде дека парламентарното мнозинство достигна 70 пратеници. Двајца други пратеници од коалицијата на СДСМ, со или без намера, воопшто не гласаа: едниот не успеал да го притисне копчето, другиот најавил отсуство. Седницата беше прекината бидејќи немало потребно мнозинство за првата фаза. Владата обезбеди 73 пратеници кои ќе ги поддржат измените: 65 свои, 8 на албанската опозиција. ВМРО-ДПМНЕ остана цврсто на ставот против уставните измени. За да гласаат не беа убедени ниту 5-те пратеници на помалите партии од коалицијата што ја предводи (2 на Социјалистичката партија, 2 на ГРОМ и 1 на Српската демократска партија). Ситуација која означува почеток на тежок, комплициран и доста опасен процес.

Сепак, почетокот на седницата го означува ѕвоното на „берзата на пратениците“. Кога опозицијата како целина не беше убедена, ќе се „пристапи“ кон секој пратеник одделно. Обезбедување на мнозинство на балкански начин.

Како и да е, промените на Уставот повторно ќе ја одредат иднината на државата. Работната група за уставни измени предлага етничките Бугари (како и другите етникуми) да се додадат во преамбулата на Уставот како „дел од народот“, амандман кој значи и зголемување на бројот на членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците од 19 до 43 за да ја задржи пропорцијата според Охридскиот договор. Доколку бидат одобрени, на крајот на годината земјата ќе ги отвори првите поглавја од преговорите за членство во ЕУ, заедно со Албанија. Ако не поминат, Албанија продолжува напред, додека Северна Македонија повторно ќе заглави, како во 2008 година кога требаше да влезе во НАТО.

Лидерската средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, одржана на почетокот на месец јуни, не ги даде очекуваните резултати. Оваа средба уште повеќе ја влоши политичката ситуација.

Подготвеноста на Мицковски за некаков компромис сериозно ја поколеба поддршката од етнонационалистичките гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Тие не сакаат никакви отстапки кон Бугарија, близу 80 отсто се против уставните измени и немаат силно позитивно мислење за Европската унија (ЕУ). Речиси половина од нив ја гледаат Бугарија како најголема закана за земјата, иако ВМРО-ДПМНЕ често е етикетирана како бугарофилска партија. Порано многу мал процент на поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ ја гледаа Србија како попријателска земја, па затоа партијата беше етикетирана како „србофобична“. Работите се сменија, мислењето кај традиционалниот електорат беше сменето во текот на 10-те години на Никола Груевски и истото тоа мислење сега не му дава многу простор за маневрирање на Мицковски. Затоа се повлече од условите кои ги постави за поддршка на уставните измени кои веднаш беа исполнети.

До крајот на годинава ќе дознаеме дали ќе има уставни измени, или ќе се остават да чекаат нов, поповолен момент. ВМРО-ДПМНЕ како партија нема да ризикува да ги поддржи, особено ако се има предвид фактот дека 2024 година е година на двојни избори – претседателски и парламентарни. Опцијата за „убедување“ на 7 пратеници од опозицијата поединечно останува најможна опција. Целосно макијавелистички пристап може да ја реши дилемата – евроинтеграциите како цел го оправдуваат недостатокот на етика во политиката. Власта прави чуда кога треба да помине нешто важно. Сетете се само како пратениците кои буквално ги отворија вратите на Собранието на 27 април 2017 година, за да влезе толпата и да не се дозволи ротација на власта, година потоа метафорички ги отворија вратите на НАТО. Може да се случи довчерашните гробари на европеизацијата на државата да станат херои на евроинтеграцискиот процес.

Во исто време, ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека доколку ги блокира промените, ќе се соочи со санкции од меѓународната заедница, што потоа би имало политички последици внатре во партијата.

Актуелното парламентарно мнозинство е 61 пратеник, а за измените се очекува да гласаат и опозициските партии Алтернатива, ЛД, БЕСА кои имаат 6 пратеници. На страната на Владата има и 6 независни пратеници или оние кои во меѓувреме создадоа нови партии. Без најмалку 7 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ нема уставни измени.

Доколку се одржат парламентарни избори, како што бара Мицковски, тогаш Албанија ќе се отцепи од групата и сама ќе ги продолжи преговорите, отворајќи ги првите поглавја од шесте кластери.

Дополнително, во 2024 година ќе има избори во Европската унија (ЕУ) и во САД и нема гаранција дека оваа заложба на Брисел и Вашингтон за интеграција на земјата во ЕУ ќе продолжи да остане висока. Ако се земе предвид тајмингот на создавање на нови европски институции, кои можеби ќе имаат други приоритети, тогаш може да се каже дека земјата без уставни измени ќе го пропушти возот за ЕУ ​​и ќе треба да чека нов момент за да продолжи со процесот на европска интеграција. Тоа значи дека Северна Македонија би била ставена во група со Босна и Херцеговина и Косово, земји за кои сè уште има многу суштински неизвесности. Во меѓувреме, Србија, Црна Гора и Албанија ќе станат членки на Унијата во време кога овој процес има важност од геополитичка итност поради руската агресија врз Украина.

Затоа, ова е повторно историски момент за земјата. Важна и опасна раскрсница, ако земјата избере погрешен правец. Францускиот предлог беше резултат на големата посветеност на сите членки на ЕУ и САД во однос на притисокот врз Бугарија да се повлече од силните линии на целосно негирање на македонскиот етнички идентитет, што се заснова на два столба: заеднички јазик и историја. Со вклучувањето на етничките Бугари во Уставот, индиректно е прифатено и постоењето на македонскиот народ и јазик, за разлика од порано, кога во бугарската политика преовладуваше тезата „две држави, еден народ“.

Доколку пропадне францускиот предлог, што би значело неможност да се изгласаат уставните амандмани, тогаш не се знае кога ќе има нов договор со Бугарија со кој би се откочиле интегративните процеси во ЕУ. Од искуството со Грција знаеме дека следниот можен договор ќе биде многу полош од овој сегашен. Францускиот предлог беше повеќе резултат на меѓународниот притисок врз Софија отколку на преговарачките позиции на Скопје. Овој притисок произлегува од силното партнерство со Брисел и Вашингтон, кое би можело да се разниша доколку земјата не успее да го спроведе она што го договорила. Во тој случај, следното вето нема да биде резултат на пречки од соседството, туку вето на политичката елита во Скопје.

 

​#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas

Related posts

Силни светла и долги сенки од посетата на Брнс

admin

КУЛТУРА НА СТРАВ

admin

Анализа на Дојче веле / „Обама момент”: Првиот премиер Албанец во Македонија

admin

Церемонија на отворањето на Олимписките игри во Париз: висок-кич, спектакл покрај реката

admin

Коруптивен хаос

admin

ПАРЛАМЕНТАРНИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ НА ИСТ ДЕН?!

admin