Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи испрати писмо до пратениците во пресрет на седницата која што е закажана за в петок (18 август), на која треба да започне дискусијата за уставните измени. Потоа ќе следи гласање за, како што вели Османи, „второто најважно прашање што некој парламентарен состав требал да го донесе во историјата на земјата по независноста – по зачленувањето во НАТО, остварување на втората стратегиска цел на државата за приклучување кон напредното европско семејство на држави“, пишува Дојче веле, пренесува Инбокс7.
„Во петок Вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на ‘пасошизација’ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе“, им порача Османи на пратениците.
Тој е убеден дека секој од нив сака земјата да биде членка на Унијата, составена од најдемократски и најбогати земји во светот, која гарантира мир, демократски развој и економски просперитет.
„Во процесот на преговорите имавме за цел да го зачуваме и зајакнеме македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Одговорно тврдам дека во тоа успеавме. Македонскиот јазик за прв пат беше прифатен и гласан во Советот на ЕУ помеѓу земјите членки и е недвосмислено дел од европските јазици. Овој факт не може никој да го побие.
Јас ги разбирам сите оние што стравуваат од можностите за натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови. Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата. Со оваа промена на Уставот, ние само ќе ја зајакнеме нашата меѓународна положба и ќе ја зголемиме меѓународната поддршка за нашите цели. Низ преговорите, шансите да продолжиме да ја промовираме и унапредуваме македонската национална посебност, историја и култура ќе бидат значително подобри и зајакнати“, дециден е Османи.
Со промена на Уставот, шефот на дипломатијата е убеден дека нема да се направи грешка, туку напротив ќе се отвори ново поглавје на развој и стабилност за граѓаните. „Оваа промена не менува ништо во положбата на Бугарите во земјава и во однос на правата што до сега ги имаа и им ги гарантираше Уставот. Оваа промена ни дава можност на Република Бугарија и на светот да им докажеме дека тие не се дискриминирани, бидејќи реално тоа е така. Ова е можност да ги одземеме сите аргументи, а потоа да се втурнеме брзо кон реформските процеси кои се најважни за нашите граѓани и во наш најдобар интерес“, вели Османи.
Тој на пратениците им порачува дека овој чекор не се прави под диктат на Бугарија, ниту заради уцена од нејзина страна. „Ова е компромис во преговорите откако нивниот меморандум до ЕУ за непризнавање на македонскиот јазик и нација не доби поддршка од земјите членки. Компромис со кој го заштитивме македонскиот јазик и идентитет“, вели Османи.