Стигна дополнето објаснување за „хибридниот политичко-економски центар“, за кој од Мала Речица изразија загриженост дека е насочен против ДУИ. Според Груби, станувало збор за петмина олигарси.
Петмина олигарси кои преку приватизацијата стекнале огромно богатство, креирале економско-политички центар против ДУИ. Оваа изјава на првиот вицепремиер Артан Груби за косовска телевизија е второ по ред скицирање на структура вклучена во наводното создавање хибриден центар, за кој во Мала Речица сметаат дека работи директно против ДУИ.
Првиот аларм за ова стигна преку партиско соопштение по седницата на Генералниот совет на ДУИ на 23-ти јули, во кое беше наведено дека претседателот на партијата Али Ахмети изразил загриженост од „создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ“. Со оглед дека во соопштенито немаше никакви други детали околу причината за таа загриженост, за јавноста остана непознато за каков „центар“ станува збор.
Два дена подоцна, потпретседателот на ДУИ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју на ТВ21 даде малку повеќе детали околу профилот на протагонистите и местото на нивните средби.
„Пред неколку месеци, некаде на периферијата на Скопје, се одржа средба меѓу некои македонски олигарси и политички лидери, сегашни и поранешни политички лидери, со аларм или констатација дека Албанците добиваат повеќе отколку што заслужуваат или го уриваат политичко-економскиот монопол на македонската заедница и се согласија да создадат национален центар, за да се запре овој процес или, како што тие го нарекуваат, албанизација на државата и во нивната анализа – ова се кредибилни индикации – ДУИ го поврзуваат како парадигма или синоним на етничката еднаквост и позицијата на Албанците“, изјави Османи.
Тој рече дека тоа не е страв од албанизација, туку страв од еднаквост и губење на политичките и економските монополи.
Без конкуренција
Имајќи го предвид описот „македонски олигарси и сегашни и поранешни политички лидери“, аналитичари тогаш оценија дека изјавата најверојатно алудира на т.н. план на Зоран Заев што го објави Плусинфо, кој на крајот од минатата година му бил презентиран на премиерот Ковачевски и на неколку членови на најтесното раководство на СДСМ. Заев презентирал негов план за политички пресврт во седум точки, од кои две би ја засегнале ДУИ. Едната – одржување итни предвремени парламентарни избори после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните осум години, а премиер да биде победникот на изборите. Другата – eлиминирање на ДУИ и на Али Ахмети од Владата, на Албанците да им се овозможи 25-процентно присуство во Владата, но тоа да не биде ДУИ. Планот на Заев тогаш бил отфрлен.
Но, изјавата на првиот вицепремиер Артан Груби остава впечаток дека ДУИ смета оти тој план не е отфрлен.
„Петмина олигарси креирале економско-политички центар против ДУИ, олигарски кои преку приватизацијата стекнаа огромно богатство“, ја пренесе изјавата на Груби домашната ТВ21.
Груби сметал дека на тие луѓе им пречела моќта на ДУИ, а со тоа и економската и политичката моќ која ја добиваат Албанците во Северна Македонија.
„Им пречи што се гради Коридорот 8, проект од 1,5 милијарди евра, им пречи патот на Арбер, им пречи факторизирањето на Албанците во Македонија. Ним им пречи тоа што во земјата владее ДУИ, владее Артан Груби, владее Али Ахмети“, рекол Груби.
Според него, целта на оваа група на луѓе била да го сопрат тоа владеење и да овозможат заедничко владеење на двете партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да се тргнат Албанците настрана, или да најдат некој Албанец кој ќе им направи „ќеф“.
Но, нагласил и дека ДУИ останува без конкуренција на политичката сцена во Македонија.
„ДУИ нема конкуренција, Али Ахмети нема конкуренција, 21 година победуваше на секој изборен процес во Северна Македонија. ДУИ има над 50 отсто од албанските гласачи, па колку и да се формираат политички партии, ДУИ останува победник. Имаме 10 албански и 10 македонски министри, имаме наши институции, министерства и многу други важни органи, зборуваме албански и учиме албански без никаков страв и овие достигнувања се постигнати благодарение на Охридскиот договор. Нè очекуваат нови предизвици, дел сме од НАТО, очекуваме да бидеме и во ЕУ“, изјавил Груби.
Центар или јадица
Во опозициските партии на Албанците сметаат дека формирањето на дел од новите партии со отцепување на кадри од опозицијата, се случува токму по налог на ДУИ и со цел да се направи раздор во опозицискиот блок.
„Да се бавеше ДУИ, да трошеше повеќе енергија со работа во Влада колку што троши енергија за да направи раздор во опозицијата, досега би имале 30-40 пратеници, немаше да има ниту една друга партија. За жал тие се повеќе фокусирани како да направат раздор кај другите“, изјави неодамна лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
Како што е познато, Аријанит Хоџа, кој беше заменик претседател на Беса, се отцепи од таа партија и ја формираше Европската демократска партија. И поранешниот пратеник на Алтернатива, а сега независен, Скендер Реџепи, исто така најави дека ќе формира политичка партија. Нивното несогласување со довчерашните сопартијци навестува дека новите партии ќе орбитрираат кон и во корист на т.н. проевропски блок, како што го ословуваат владајачките партии на Албанците. Единствен кој се приклони кон опозицијата беше Изет Меџити од фракционерската „Огнена група“,к ој по нереализираните барања за реформа во ДУИ, го формираше Демократското движење.
Како што неодамна за ДВ изјави аналитичарот Џелал Незири, евентуалното обединување врз етничка основа на македонскиот политички кампус, несомнено ќе поттикне и обединување и на албанскиот кампус, момент кој уште повеќе ќе ја етнизира политиката во земјата.
Сегашнато дејствување на партиите на Албанците јасно покажува дека тие ќе бидат групирани во два опонентски блока. Но, засега нема никакви докази дека во македонскиот блок се заговара идна коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за заедничко владеење на двете партии. Напротив, антагонизмите меѓу нив и натаму остануваат големи. Оттука, прашањето за кое сѐ уште нема јасен одговор – дали „хибридниот центар“ се претвора во „корисен наратив“ за интересот на Мала Речица – да мобилизира што повеќе партиски субјекти во фронт со ДУИ, со цел таа да си обезбеди почеток на трета деценија во нејзината неприкосновеност на македонската политичка сцена.