Половина плата оди за храна и пијалоци. Храната за две години поскапела за 40 проценти, а има и нови најави за поскапувања. Граѓаните се жалат на празни фрижидери, земјоделците прстот го вперуваат во откупувачите.
Некогаш фрижидерот ни беше полн, сега пазарите се полни, а фрижидерите празни, вели Игор Стојановски од Скопје. Педесет и осум годишниот скопјанец заклучува дека до пред некоја година се живеело полагодно и барем за зеленчук и овошје секогаш имало пари, оти тука во земјава, барем тоа расте.
„Пазарот е полн, не знаеш што попрво да земеш, но сега не е како порано – јади, јади да се заборавиш, сега не можеш да си дозволиш“, вели тој, коментирајќи ги цените на основните производи, кои растат.
На храна и пијалаци граѓаните трошат речиси половина од своите плати, покажува податоците од минималната потрошувачка кошница што ги изработува Сојузот на синдикати (ССМ). Синдикатот пресметал дека во јуни на едно четиричлено семејство му требале безмалку 800 евра за да го истурка месецот. Половина од овие пари отишле за да се прехранат. Токму и затоа граѓаните најмногу чувствуваат кога храната ќе поскапи.
Поскапата храна, особено ги погодува посиромашните, вели Здраво Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки, бидејќи тие поголем дел од буџетот трошат на храна. Иако во последниот период општата стапка на инфлација се намалува, сепак инфлацијата на храната постојано е повисока од општата, додава тој. За тоа зошто расте цената на храната, тој посочува неколку причини:
„Поради игнорирање на стратегијата на развој на земјоделието. Произведуваме помалку отколку што консумираме, па затоа увезуваме. Тука се и климатските промени поради кои се намалува производството, па затоа растат цените на храната. Фактор е и војната во Украина и не само за житните култури, туку и за поширок спектар на земјоделски производи“, вели Савески.
За еден месец зеленчукот поскапел 21,5 отсто
Трошоците за живот во јули биле за 8,4 отсто повисоки од истиот месец минатата година, покажуваа податоците на Заводот за статистика. Најмногу е поскапен мебелот, кафеаните и храната.
Прехранбените производи се поскапени за 12 отсто во однос на лани. Зеленчукот поскапел за 21,5 отсто, овошјето за скоро 18 отсто, а месото за 16 проценти. Ако на тоа се додаде и рекордната инфлација од минатата година, излегува дека храната во изминатите две години поскапела за скоро 40 проценти, а зеленчукот за цели 50 проценти. Доматите и пиперките, кои до пред некоја година летно време се продаваа за 20-30 денари, сега се продаваат за 80 денари. Килограм лубеница е 30 денари.
Производителите, пак, најавуваат дека цените допрва ќе растат. Сточари најавија дека од 1 септември домашното сирење ќе се продава по цени повисоки за триесет проценти. Сега сирењето се продава по околу 400-500 денари за килограм (околу осум евра), а со најавеното зголемување цената ќе достигне 700 денари или повеќе од 11 евра. Сточари од Брегалничкиот регион за МИА велат дека сирењето ќе поскапи оти немаат работници, а причина се и климатските промени.
Според нив, пред пет години во најголемиот сточарски регион во Источна Македонија, Малешевијата, биле евидентирани 16.000 овци. Сега, како што велат, нивниот број е преполовен и изнесува над 8.000 овци.
По најавите за поскапи млечни производи, доаѓаат најави и за поскап леб. За разлика од сирењето и лебот, месото не се очекува да поскапи, велат од Асоцијацијата на земјоделци, оти немало оправдана причина за тоа.
Ценовните шокови им штетат и на земјоделците
За граѓаните храната е скапа, за тие што ја произведуваат пак, заработката едвај им ги покрива трошоците.
Не е до земјоделците и не е до потрошувачите, проблемот е кај откупувачите посочува Билјана Петковска -Митревска, земјоделка, која е дел од Националната Федерација на фармери.
„Производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните со години се исти. Нарушувањето на цените настанува кога тие ќе ги откупат производите, па ќе ги препродадат и кога ќе излезат на пазарот од каде што сите потрошувачи купуваат“, вели Митревска, која заклучува дека новите ценовни шокови се на штета и на потрошувачите и на земјоделците.
Во Македонија цената на храната се зголемуваше, додека цените на храната на светските берзи се намалуваше, а тој тренд продолжува и сега, и покрај предвидувањата на меѓународните организации дека цената нема да расте, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за економски истражувања.
Растат профитите на прехранбените и трговските компании
Растот на цената во Македонија се должи на домашни фактори, заклучува тој.
„Нема раст на цената на струјата, на горивата, не се покачени во однос на лани, дури можеби се и пониски. Најновиот раст и најавите за нови повисоки цени се должи на тоа што фирмите повторно ја злоупотребуваат ситуацијата и ги креваат цените повеќе отколку што е потребно“, вели Јовановиќ.
Тој ја негира и тезата дека цените се повисоки, оти и платите на работните растат. Реалната плата е нешто над нивото на инфлацијата во првите шест месеци од годинава, а минатата година реалната плата имаше пад од 3 отсто.
„Не е проблемот кај платите на работниците, не е проблемот кај меѓународните фактори, не е кај енергенсите, туку она што останува е дека фирмите го зголемуваат својот профит“, заклучува Јовановиќ.
Стојановски се тричлено семејство, во кое двајца работат, па може да си ги задоволат основните производи, вели Игор, но заклучува дека платите не растат толку, колку што се зголемуваат цените.
Од почетокот на војната во Украина лани во февруари, цените на храната и на енергенсите почнаа нагло да растат. Владата досега во неколку наврати, откако почна кризата, воведуваше мерки за замрзнување на цени или на маржи на основни прехранбен производи.
Но од 1 јуни се укинаа сите мерки поврзани со ограничување или замрзнување на цените на прехранбените производи.
На почетокот на август министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека заедно со другите институции, како стопанските комори и Организацијата за потрошувачи работат на нови мерки кои, ако има потреба, ќе се стават во функција од септември или пак од почетокот на октомври.