Дали Комисијата за заштита на конкуренцијата е клучна да обезбеди фер конкуренција на пазарот и да спречи доминација и манипулација со цените на некои компании во услови на континуирани поскапувања? Додека Министерството за економија и бизнискот ја критикуваат оваа институција дека овозможува нефер трговска практитка и монополско диктирање на цените, од Комисијата засега нема реакција.
Додека на светските берзи цените на храната паѓаат, во земјава и натаму континуирано растат. Државата со месеци утврдува кој е „виновен“ – Дали се тоа производителите или трговците. Одговори се чекаат од Државниот пазарен инспекторат кој најави дека следната недела ќе објави анализа за растот на цените на барање на Министерството за економија. Но, стопанските комори се сомневаат дека анализите може да покажат дека државата дозволува нефер конкуренција на пазарот од страна на фирми кои на монополски начин ги диктираат цените.
Периодов најголем раст има на цените на млечните производи според официјалните статистички податоци. Најави доаѓаат и за поскапување на лебот, а граѓаните се жалат дека половина плата трошат за храна и пијалаци, како што покажуваат и податоците од синдикалната потрошувачка кошничка. Иако двоцифрената инфлација трае скоро две години, државата допрва ќе утврдува дали високите цени се резултат на „нефер трговска практика“ на некои компании, како што рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) велат дека имаат надлежност да прават инспекции во маркетите и да видат какви биле набавните цени на производите и да ја споредат крајната цена по која се продаваат. На тој начин може да се види колкаво е зголемувањето, но од оваа институција велат дека немаат надлежност да ги казнуваат фирмите. Тоа можат да го прават само во услови на прогласена кризна состојба, како што беа ковид и енергетската криза. Затоа деновиве на критики наиде Комисијата за заштита на конкуренцијата од која компаниите и Министерството за економија побараа поголема активност за неконтролираниот раст на цените.
Претседателот на Сојузот на стопански комори (ССМ) Трајан Ангеловски за Радио Слободна Европа вели дека сега е потребно точно да се знае кои производи се поскапени и на што се должи растот на цените, а од друга страна Комисијата за заштита на конкуренцијата да утврди дали има нарушувања на пазарот.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата треба на дневна база да ги анализира случувањата на македонскиот пазар и треба да дозволи фер конкуренција. Доколку постои нефер конкуренција или концентрирање, бидејќи правилото е дека не смее ниту една компанија да има доминантен удел на македонскиот пазар и да диктира цени на одредени производи. Меѓутоа за жал мислам дека ќе се појават одредени приватни компании кои навистина имаат мнозински удел во доста услуги и производи и оваа Комисија треба поактивно да ја извршува својата функција“, вели Ангеловски.
Комисјата молчи
Радио Слободна Европа побара одговори од Комисијата за заштита на конкуренцијата дали следат како постапуваат компаниите во однос на зголемувањето на цените, за што граѓаните секојдневно се жалат. Одговор од оваа институција не добивме до објавувањето на текстот.
Од неа исто така побаравме став за критиките на министерот за економија Крешник Бектеши, кој наведе дека Комисијата во текот на ковид и енергетската криза не излегла со ниту една претставка и конкретна мерка за, како што рече, нечие неетичко однесување, за нефер трговска практика или здружување на одредени компании и концентрација на моќ на одредена фирма.
„Поминаваме неколку кризи, а јас уште не сум слушнал да има претставка од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ние не можеме да се мешаме во работата на таа Комисија директно, зашто се избира од Собранието на Северна Македонија. Затоа почнавме измени во Законот со кој се определува работата на оваа Комисија“, изјави Бектеши.
И додека се чекаат анализите на пазарниот инспекторат, деновиве расте судирот на мислења меѓу трговците, производителите, потрошувачите и Владата, за тоа дали и какви мерки се потребни за зауздување на инфлацијата.
Ригорозни мерки за неконтролираниот раст на цените
Потрошувачите побараа замрзнување на цените на основните прехранбени производи, а компаниите се против. Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар Велкова, изјави дека храната одзема голем дел од буџетот на секое семејство и дека поскапувањето исклучиво оди на товар на граѓаните. Производителите велат дека е незамисливо Владата да интервенира во услови на пазарна економија и глобален тренд на зголемени цени.
Бектеши рече дека се уште е неизвесно дали ќе има мерки, но најави засилени контроли за заштита на потрошувачите и можност за ригорозни мерки како забрана за вршење дејност доколку има „неосновани неконтролирани зголемувања на цените“.
Економскиот аналитичар Арбен Халили смета цените треба да бидат креирани во услови на пазарна економија и според него погрешно е Министерството и Владата да воведуваат забрани за вршење дејност, а повеќе треба да се насочи кон мотивирање на домашното производство. Халили, сепак се согласува дека пазарната економија не значи дека цените треба да бидат зголемени двојно или тројно.
„Во секој нормална земја на трговците им е дозволено да одат со зголемување од 20 до 30 отсто. Ако се оди над 50 проценти нагоре, можеби треба да интервенира Владата со ограничување на цените, односно трговците да не можат да ги зголемуваат цените над 50 отсто“, вели Халили.
Најави за нови поскапувања
Во моментов официјалната статистика покажува дека прехранбените производи се поскапени за 12 отсто во однос на лани. Зеленчукот поскапел за 21,5 отсто, овошјето за скоро 18 отсто, а месото за 16 проценти. Производителите најавуваат дека цените допрва ќе растат, како на пример домашното сирење кое е можно од септември да биде поскапо за триесет проценти и да достигне цена за 700 денари килограм.
Иако дел експертите посочуваат дека високиот раст на цените е делумно поради зависноста на земјава од увоз, Ангеловски посочува дека е потребна адекватна анализа за да се утврди точно од каде доаѓаат поскапувањата.
„Оние кои се берзански производи, нивните движења се регулирани од страна на адекватните берзи каде што се тргува тој производ во светот, а Македонија е еден од корисниците. Доколку станува збор за одредени земјоделски производи, во минатото ние бевме навикнати на екстремно ниски цени, а сега нивните цени дојдоа до некаде да бидат разумни со оглед дека се вложува адекватен труд. Времето на евтини земјоделски производи треба да сме свесни дека заврши. Така што дали се трговците или производителите, доколку се утврди дека навистина некаде постојат екстреми, треба да се направи анализа на што тоа се должи“, вели Трајанов.
Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата во месец јули изнесува 8,4 проценти. Просечната инфлација во Еврозоната е 5,3 проценти, што е најниско ниво од почетокот на 2022 година кога го достигна пикот од над 9 отсто, додека во земјава и натаму е скоро двојно повисока. Северна Македонија пикот на инфлацијата од скоро 20 отсто го достигна кон крајот на минатата година.
Но, и покрај падот на инфлацијата граѓаните и натаму трошат речиси половина од своите плати на храна и пијалаци, како што покажуваат податоците од минималната потрошувачка кошница што ги изработува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Пресметките на Синдикатот покажуваат дека на едно четиричлено семејство му требале безмалку 800 евра за да го истурка месецот. Половина од овие пари граѓаните ги трошат за храна.
Во периодот на кризата граѓаните најмногу беа погодени од трошоците за храна, поради што државата во неколку наврати ги одмрзнуваше и замрзнуваше цените на основните производи. Оваа мерка престана од 1 јули, бидјеќи Владата одлучи да престане мерката за замрзнати маржи на основните прехранбени производи – лебот, шеќерот, јајцата и млечните производи. Со тоа производителите и трговците беа ослободени сами да ги утврдуваат според пазарни услови.