11.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Битката за уставни измени може да трае до редовните избори

Условените оставки на министрите од ДУИ кои завчера ги најави Али Ахмети, денеска и формално ќе бидат доставени до премиерот Ковачевски, потпишани поединечно од сите министри на таа партија, најави вчера шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи. Ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаат за уставните измени, по автоматизам ќе се активираат оставките на министрите. И не само тоа – Османи најави дека ДУИ тогаш како опозициска партија ќе се откаже и од функциите што би и` следувале во техничката (Пржинска) влада задолжена за спроведување на изборите, како и од функцијата премиер Албанец во последните 100 дена.

„Граѓаните бараат од нас Европа, бараат просперитет, стабилност, да си го планираат животот овде во државата. Ние го направивме нашиот чекор – се повлекуваме од сите наши позиции само заради тој сон на граѓаните“, порача Османи.

Во однос на опозицискиот став дека сега на маса се само предвремени избори, Османи оцени дека со тоа на виделина излегуваатличните и партиските агенди, наспроти државните интереси. Во интервју на ТВ Телма тој изјави дека е уверен оти уставните измени ќе се реализираат.

„Уставните измени ќе успеат затоа што е тоа волја на граѓаните за членство во ЕУ и никој не успеа во овие 30 години да ја скрши таа волја, нема да успее ниту сега. Првата битка ја добивме, граѓаните се уверија дека нема ништо спорно во уставните измени. Верувајте дека битка по битка ќе успееме пред избори да имаме уставни измени“, рече Османи.

Но, ако сепак не се случи тоа, тој е убеден дека нема да има предвремени избори.

„Изборите ќе бидат во редовниот термин, напролет идната година, а дотогаш, до последниот ден ќе работиме на обезбедување на европска иднина за граѓаните и верувајте дека во тоа ќе успееме, затоа што ги имаме граѓаните позади нас“, рече Османи.

Реверзибилен процес

За нужноста од реализирање на уставните измени,дилемите во јавнста и стравувањата од можноста земјата да остане надвор од интегративниот процес, интересни ставови може да се прочитаат во списанието „Предизвици“ – јунско издание на Фондацијата„Фридрих Еберт“ – Скопје, на тема „Ревидиран процес на проширување на ЕУ: нов геополитички контекст, нови можности, исти ризици“.

„Владејачките партии можат да излезат со конкретен и јасен предлог во кој ќе ја повикаат опозицијата да гласа за уставните измени, а претходно ќе понудат потпишување договор од страна на сите парламентарни партии со кој истите ќе се обврзат да ја ревидираат уставната измена доколку Бугарија продолжи со блокирањето на процесот“, пишува Радмила Шекеринска, поранешна вицепремиерка за европски интеграции и министерка за одбрана.

„Ова не е многу елегантно решение, но може да заврши работа во смисла на реални политички гаранции дека обете страни ќе имаат интерес проширувањето реално да функционира. Слично како реверзибилноста на ЕУ процесот на проширување: сите (Европската Унија и Западен Балкан) сакаат да веруваат дека секоја земја ќе се движи напред во поглед на реформите, но имаат и бек-ап план во случај тоа да не биде така – назадувањето во реформите ќе значи и реверзибилност на процесот на проширување со таа земја“, потсетува таа.

Според Шекеринска, постои и подобра формула за македонско-бугарскиот галиматијас, но таа бара поголем ангажман од сите.

„ЕУ беше јасна од самиот почеток дека не сака да се меша во преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија повеќе од општите формулации за потреба од добрососедски односи спомената во сите досегашни извештаи и резолуции. Но, денес, Унијата мора да се прилагоди на реалната ситуација во која процесот на нејзино проширување зависи од македонско-бугарската билатерална динамика. Кога Северна Македонија седнува на маса со Бугарија да дискутира чувствителни прашања, од другата страна не го има само својот сосед, туку и политичката моќ која произлегува од неговото членство во ЕУ и нашата желба да пристапиме. Таа асиметричност Унијата мора да ја избалансира. Кога веќе не успеа да го „бандажира“ процесот на проширување од билатералните спорови и политичките агенди на своите членки, тогаш ЕУ мора да биде присутна на масата и да гарантира почитување на нејзините правила и вредности“, смета поранешната министерка.

Време за нови одлуки

„Одлуките што треба да не` придвижат нанапред во процесот во тој тесен временски простор мора да се донесат, колку тие и да се тешки“, оценува Драган Тилев, државен советник за европски политики и координација во Секретаријатот за европски прашања.

„Досега, од искуствата во процесот на проширување, не е забележано дека некоја едногласно одобрена Преговарачка рамка е изменета. Се забележува примерот на Црна Гора и Србија, каде со политичка одлука на Советот на ЕУ, прифатена од двете страни, се изврши само адаптација на процесот заради вклучување на некои елементи од Новата методологија (усвоена во март 2020 година), но не се извршија измени на нивните преговарачки рамки усвоени во 2012 година (за Црна Гора) и 2013 година (за Србија)“, потсетува тој.

Според Тилев, уникатна е ситуацијата после Охридската средба од 18-ти март 2023 година и вербалниот договор меѓу Србија и ЕУ за дополнување на Преговарачката рамка за Србија со елементите од договорот во рамките на дијалогот меѓу Србија и Косово, олеснет од страна на ЕУ и поддржан од САД.

„По сè изгледа дека случајот на Северна Македонија и Бугарија ја отвори вратата (или Пандорината кутија?) на билатерализација на процесот на пристапните преговори, кој сега се „вгнездува“ и во Преговарачката рамка на Србија. Каков ќе биде ефектот од новиот политички дискурс, останува да видиме, но последиците, какви и да се, ќе ги чувствуваме сите, и тоа на подолг рок. На крајот, мора да бидеме свесни дека, доколку потребните одлуки не се донесат од наша страна, ќе дојде до одвојување на Албанија во процесот, односно тие ќе продолжат непречено со пристапните преговори, со што кај нас ќе пораснат фрустрациите“, оценува Тилев.

Но потсетува и дека во 2024 година се очекуваат избори за новиот состав на Европскиот парламент, нов претседател на Европскиот совет, нов претседател на Европската комисија и нов состав на Комисијата, која ќе дефинира и програма со нови приоритети за својот нареден мандат, во услови на комплексна геополитичка конфронтација.

„Војната во Украина нема наскоро да престане, а односите на економско-воен план со Кина ќе се изострат, имајќи предвид дека во САД ќе има одлучувачки избори, а избори ќе има и во Русија. Само ќе споменам дека избори, претседателски и парламентарни, ќе има и кај нас. Како членка на НАТО и земја што преговара за членство во ЕУ, ние одамна ја избравме вистинската страна, сега е време за нови одлуки“, смета Тилев.

Секогаш постои опција

Според Рената Тренеска Дескоска, редовен професор по уставно право и политички систем на Правниот факултет на УКИМ и поранешна министерка, уставните измени не се лесен процес заради потребното мнозинство, односно потребниот консензус.

„Барањето, тие да бидат почетен услов за преговори, говори за лошата волја од бугарска страна спрема процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Од друга страна, постојаните провокации од бугарска страна со изјави од типот дека уставните измени се најлесниот чекор, се доволна индикација за тежината на процесот што следи. Тоа, неминовно ја наметнува потребата од активно учество на претставници на меѓународната заедница во повеќе процеси на заедничка соработка на Северна Македонија и Бугарија. На пример, учество на странски реномирани историчари во Историската комисија е чекор со кој меѓународната заедница би гарантирала дека процесот ќе биде заснован врз научни факти, а не врз уцени“, оценува Дескоска.

Фани Каранфилова-Пановска, која беше извршна директорка на Фондацијата Отворено Општество – Македонија и има повеќе од 25-годишно искуство во граѓанскиот сектор, посочува дека не може да се согласи со ставот дека Преговарачката рамка со сите нејзини недостатоци и преседани на неколку позиции, е вовед во бугаризација на државата и го загрозува македонскиот идентитет.

„Преговарачката рамка тоа не го прави, т.е. не го прејудицира. Капацитетот и интегритетот на институциите и телата што ќе ги имплементираат одредбите од Преговарачката рамка, како и капацитетот и автономијата на телата формирани и оние кои допрва ќе се формираат за имплементација на Билатералниот договор со Бугарија и на Протоколот потпишан со Република Бугарија, се клучни за да се надминат евентуалните пречки и предизвици во процесот, без притоа да се загрози нашиот идентитет и култура. Во случај работите да тргнат во непосакуван правец или да не може да се заштитат нашите национални интереси во текот на процесот, секогаш постои опција да се откажеме од преговорите и членството во ЕУ“, оценува Каранфилова.

 

Извор: Дојче веле

Related posts

Уривање на мостот во Балтимор: Нуркачи пронајдоа две тела во потопен камион

admin

БИСЛИМОСКИ УВЕРУВА ДЕКА И ОД 1 ЈАНУАРИ ЌЕ ФУНКЦИОНИРА ПАЗАРОТ ЗА ПРИРОДЕН ГАС

ninja

САД се блиску до договор со Израел и Хамас за да го прекинат конфликтот, да ослободат некои заложници

admin

Вучиќ за СНН: Не ни треба нова војна

admin

Мехмети: Уставните измени не треба да бидат драма

admin

ВИДЕО | Бес во Шпанија – маж го допре задникот на новинрка додека известуваше во живо

admin