11.8 C
Скопје
25 февруари, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ќе лекуваме пациенти од Косово, додека македонските талкаат по болничките лавиринти

Додека кубуриме со термини, македонските здравствени власти планираат на странските државјани кои се лекуваат тука, да им го „промовираат“ нашето јавно здравство за да го изберат пред приватните здравствени установи. Ваквата најава наиде на негодување кај дел од македонската јавност, наметнувајќи го прашањето – имаме ли капацитети за да лекуваме пациенти од други држави, додека македонските талкаат по болничките лавиринти?

 

Пишува: Вања Мицевска

Клиниките и институтите сè уште не ги имаат изедначено цените на здравствените услуги кои овде ги добиваат странските државјани, но и нашите кои немаат здравствено осигурување. Министерот Меџити го побара усогласувањето на ценовниците минатиот месец, што во јавниот дискурс уште еднаш ја поттикна дебатата за кревкоста на македонското јавно здравство. Несомнено, тоа ќе треба да претрпи низа промени за да може да пружи соодветни услуги пред сè на домашните, а потоа и на пациентите од околните земји.

Пациенти чекаат и по три месеци за да добијат резултати од генетско испитување, други не можат да добијат термин за пет-скен снимање и по седум месеци, а ако треба да направите колоноскопија со анестезија исто така ќе се изначекате, бидејќи термини нема и за една година. Министрите во ресорот здравство се менуваат, а проблемите остануваат. Недостигот на термини и понатаму е „рак рана“ за македонските граѓани кои тешко доаѓаат до дијагноза, а со тоа уште потешко до правилен третман и лекување.

Додека кубуриме со термини, македонските здравствени власти планираат на странските државјани кои се лекуваат тука, да им го „промовираат“ нашето јавно здравство за да го изберат пред приватните здравствени установи. Ваквата најава наиде на негодување кај дел од македонската јавност, наметнувајќи го прашањето – имаме ли капацитети за да лекуваме пациенти од други држави, додека македонските талкаат по болничките лавиринти?

Ова доаѓа по одлуката на Министерството за здравство за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги на странците со граѓаните на Македонија, кои се неосигурени и плаќаат приватно. За оваа цел, минатиот месец Министерството до сите универзитетски клиники и институти достави допис за изедначување на цените на здравствените услуги за странските државјани и за нашите кои не се здравствено осигурени.

Од Министерството за ММС информираа дека сепак изедначувањето сè уште не е направено и ќе се врши во претстојниот период. Додека ова треба да се искористи како механизам за да се направи јавното здравство „поатрактивно“ за странските државјани, стручната фела алармира дека пристапот до здравствени услуги станува сè полош.

Рестарт на целото здравство и законски измени за подостапни здравствени услуги

Д-р Лилија Чолакова Дервишова која стои на чело на Здружението на приватни лекари вели дека несомнено секој има право на лекување, но во овој момент немаме капацитет за уште повеќе пациенти бидејќи не само што нема термини, туку нема ни доволно доктори.

-Под итно мора да се ресетира прераспределувањето на здравствениот кадар низ цела Македонија, мора да смениме Закон за здравствена заштита, мора да смениме многу нешта и сметам дека навистина нашето здравство нема капацитет за да прими уште луѓе од страна. Многу често се случува на пациентите да им биде кажано „немаме термини сега, дојдете во дополнителна дејност“, но прашање е дали нашите граѓани имаат пари за да платат дополнително или на приватно по две-три илјади евра или четири илјади евра за операција. Сметам дека навистина уште еднаш треба Министерството за здравство да ја преиспита целокупната ситуација на терен – вели нашата соговорничка.

Според неа, веќе е апсурдно и постоењето на „Мој термин“.

-Се случува по цели денови да седиме на работа и да не можеме да услужиме ниеден пациент односно да го упатиме каде што сака. Веќе во Велешката болница кога ќе отиде офталмологот на одмор ќе нема ни офталмолог, нема доктор за уво, нос и грло, нема трансфузиолог. „Увозни“ колеги доаѓаат од други градови и ситуацијата е многу критична во целото здравство – нагласува Чолакова Дервишова, специјалист по семејна медицина.

Докторката посочува дека креирањето на добар здравствен систем подразбира рамнотежа меѓу тоа колку може да пружи здравствениот кадар и колкав е бројот на пациенти.

-Треба да се квалитетни тие прегледи, да нема пропуштени случаи или пропуштени дијагнози. Ние и тоа го среќаваме. Докторите често се под притисок кога пациентите им велат „ајде побрзај, такси ме чека“ или „јас брзам за на работа, ме чекаат“. Мора прегледите да бидат темелни, да види докторот дали имате некаде опструкција, да ве слушне. Никој веќе не води сметка колкава е минутажата за еден преглед и колку пациенти може тој доктор да прими, но и колку квалитетно е сето тоа направено – додава таа.

„Заживувањето“ на болниците од внатрешноста како дел од решението на проблемите во здравството

Со слични перцепции е и претседателката на Здружението на пациенти со ретки болести „Живот со предизвици“, Весна Алексовска која порачува дека во моментот немаме ни човечки ниту технички капацитети за нашите граѓани, камоли за пациенти од други земји.

Проблемот меѓу другото, таа го лоцира и во централизираноста на здравството во Скопје, каде пациентите од внатрешноста одат дури и за крвни анализи.

-Значи пациенти од Битола, Охрид, Ресен, Струмица и буквално од цела Македонија мора да патуваат до Скопје – дали за да направат контролни тестови, дали за да примаат терапија, па дури и анализа на крв. Им велат „не ти се важи оваа што ја имаш направено во приватна болница или на пример, во болницата во Битола, ние во Скопје треба нова да ти направиме“.  Тука повторно имате чекање, редици, повеќе патувања на пациентите. Сметам дека кај нас во здравствениот систем прво треба да се изградат капацитети во регионалните болници за да може да се ослободи простор на клиничкиот центар.  Во друг случај не знам како би се справило нашето здравство со наплив на пациенти – истакнува Алексовска во изјава за ММС.

Таа вели дека претходно докторите од Скопје доаѓале во болниците во другите градови и здравствените власти треба да размислат за нови начини со кои здравствените услуги би биле подостапни за граѓаните.

„Порано и докторите патувале од Скопје и пример два дена прегледувале пациенти од Битола и регионот. Луѓето знаат дека тогаш доаѓаат докторите и си закажуваат, наместо тие да патуваат до Скопје. Истото се случувало и во Куманово, иако е блиску до Скопје. Тоа значи дека е можно такво нешто да се направи и да се воведат можеби две смени. Често се случува да имате пет доктори на смена. Од нив еден или двајца се во амбуланта, другите се горе на одделение. Може да се направи да работат во смени и попладне да има термини. Тогаш би се зголемиле термините и би било поедноставно. Децентрализација и зголемување на капацитети. Додека сè ни е во Скопје нема ништо да направиме“, порачува Алексовска.

Ревидирање на цените на услугите без финансиска анализа

Во меѓувреме го прашавме Министерството за здравство, како оттаму ги коментираат критиките за ситуацијата со јавното здравство и дали навистина имаме капацитети и за пациентите од околните држави.

Здравствените власти во писмениот одговор појаснуваат дека согласно законот, здравствени услуги може да се дадат на пациенти кои истите ги плаќаат со лични средства, без оглед дали се тоа странци или не, само доколку тоа не влијае на обемот и квалитетот на вршењето на здравствената дејност за пациентите осигурени преку Фондот за здравствено осигурување и на продолжувањето на времето на чекање за користење на определена услуга за тие пациенти.

-Исто така, услов за давање на здравствени услуги на пациенти кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства, без оглед дали се тоа странци или не, е здравствените установи да имаат кадровски, просторни и други капацитети кои ги надминуваат критериумите за определување на мрежата и условите кои произлегуваат од договорот со Фондот, и кога истите не се потребни за спроведување на здравствените услуги од задолжителното здравствено осигурување согласно договорот со Фондот – додаваат од Министерството за здравство.

Од оваа институција не одговорија на нашето прашање дали направиле финансиска анализа врз основа на која се темели одлуката за ревидирање на цените на услугите во јавното здравство.

Сепак, истакнуваат дека одлуката се базира на информациите за разлики во ценовниците за странци во различни здравствени установи, во однос на ценовниците за услугите укажани на пациенти кои плаќаат со лични средства.

Алексовска вели дека ваква одлука не би било фер да се направи без јавна дискусија, а уште помалку без анализа која ќе лоцира каде и какви се здравствените капацитети.

„Може ќе испадне дека има простор на одредени клиники, а на одредени не, па таму каде што имаме простор, во ред. Нека се примаат и други луѓе, но таму каде што немаме што правиме со тоа? Дали е ова можеби идеја со која мислат дека би се донеле повеќе пари во државата или е само идеја на добра соработка меѓу земјите од соседството“, прашува Алексовска.

Од Министерството и претходно појаснија дека со усогласувањето на ценовниците, граѓаните што плаќаат здравствено осигурување во никој случај нема да бидат на каков било начин во подредена состојба да им го плаќаат данокот на странците.

Алексовска критички вели дека нашите граѓани веќе се во подредена состојба бидејќи се лечат во минимални здравствени капацитети кои не можат да го задоволат она што е потребно во моментот.

„Можеби во одредени гранки може да се стигне до термин, но во одредени е невозможно. Да не разговараме за моментите на пад на системот, па не може да се даде упат или да се прими пациентот. Не ни е стабилизиран и издржан системот за да можеме ние да прифаќаме пациенти од сите страни“, смета Алексовска и додава дека ако сакаме во јавното здравство да прифатиме повеќе пациенти, прво треба да изградиме како човечки, така и технички капацитети.

-Не е само „ајде ќе купиме апарат за да го имаме во болницата“. Тој апарат треба некој да го ракува. Треба некој да научи да го ракува, треба реагенси, треба одржување на истиот. Кога ќе речат „еве ние инвестираме, купуваме нови апарати и машини“. Не е само до машините. И до луѓето е. Свесни сме дека многу луѓе ни бегаат. Многу доктори бегаат не само во странство туку и во приватните болници – констатира Алексовска.

Министерот ќе иницира соработка со Србија и Грција, познавачите сугерираат – потребна е соработка на сите земји од регионот

Иако министерот Меџити првично најави дека граѓаните на Косово и Албанија ќе се лекуваат со исти цени, од неговата прес служба потоа се дообјаснија дека цените за сите странски државјани ќе се изедначат со оние кои важат за нашите, а кои немаат здравствено осигурување.

Меџити информираше дека во оваа насока ќе побара и билатерална соработка со Србија и Грција, но од неговиот ресор не одговорија на нашето прашање за каква соработка поконкретно станува збор и дали нашите пациенти кои одат на лекување во овие држави би добиле некои повластувања во однос на плаќањето.

Фото: Архива / МЗ

Д-р Чолакова Дервишова е децидна дека границите во целиот регион треба да се отворат за полесно движење на самиот медицински кадар.

„Така секој многу полесно ќе дојде до средства, до услуги или до што било. Јас сум живееле во Југославија каде што со една книшка можевте да пломбирате заб во Словенија иако сте од Македонија, а да не платите ништо. Значи постоеше едно такво регионално здравство. Сметам дека добро е да има регионална соработка, да има придвижување на здравствениот кадар, мислам дека треба да се направат регионални центри за одредени дијагностики, јаки хируршки, но и ортопедски центри“, предлага докторката.

Таа вели дека можностите за поголема соработка никогаш не се на одмет и треба да се најде легислативна рамка за регионални центри каде луѓето би се лекувале.

„Ние сега во одредени болници имаме анестезиолози, а немаме хирурзи, или обратно. Затоа како човек кој секојдневно ги гледа недостатоците на здравствениот систем сметам дека мора малку поамбициозно да се работи и секој ден да имаме осмислена и реализирана работа. Вака само ги таргетираме проблемите и веќе 12-13 години си тапкаме во место. Добро е да има соработка, да идат врвни хирурзи, добро е да има движење на кадарот, сето тоа да биде легално, највено, со лиценци и ставено во некоја законска рамка“, додава таа.

Алексовска вели како може политичарите да се договараат за економија, така може  да се договорат и за подобри здравствени услуги.

Меѓутоа, таа истакнува дека ако се оствари таква соработка, добро би било да се вклучат и Косово и Албанија, но и Бугарија.

-Реално, регионална соработка е секогаш добра идеја. Во тој случај би требало сите да седнат на маса сите и да речат „ајде да видиме вие што имате, а што ние имаме како капацитети“ и да видат сите капацитети како да се искористат до максимум. Значи ако се соберат здравствените власти од сите држави и видат кој што има, но и кој од што може да користи, тоа би било еден веќе разработен план и анализа со која може да се тргне напред дури и за групна набавка на лекови понатаму и реагенси и сè друго што е потребно за подобро здравство во нашиот регион – порачува претседателката на Живот со предизвици.

Аналитичарот Ибрахим Мехмети смета дека е бесмислено министерот туку-така да каже кој колку ќе плаќа и оцени дека оваа одлука е дел од политички маркетинг.

„Проблемот е што јавноста не ги поставува вистинските прашања за теми за кои треба да анализираме. Но што ќе анализираш кога не знаеш за што точно се работи. Мислам дека тоа не се прави така, но тоа е веќе друга тема. Главното прашање е што е реалноста?  Ние како прво не знаеме каква е сега состојбата и како сега плаќаат странците? Дали плаќаат како нас? Дали плаќаат двојно? Јас не знам. Дали министерот може да направи такво нешто? Јас мислам дека не може“, изјави Мехмети при гостувањето во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Министерството за здравство меѓутоа, соопшти дека за овие промени не се потребни никакви законски измени, бидејќи дел од клиниките и институтите веќе имаат изедначени ценовници односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. Со оваа промена на странските државјани се дава право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што се промовира јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава конкурентна на пазарот на трудот.

-Со давањето на здравствени услуги на странци во услови кога на пациентите кои се задолжително здравствено осигурени им се обезбедени потребните услуги ќе се овозможи користење на кадровските, просторните и другите капацитети, кои не се искористени во моментот, за добивање на дополнителен приход за здравствените установи од услугите кои ќе се даваат на странци, по цена која ќе биде конкурентна на цената на услугата во приватна здравствена установа – наведуваат од МЗ во писмениот одговор до нашата редакција.

 

Related posts

Трамп има можност доброволно да се предаде до 25 август напладне

admin

НЕПРИФАТЛИВО ИНСТАЛИРАЊЕ НА ТУЃ ПРОБЛЕМ НА МАКЕДОНСКО ТЛО

ninja

РЕФОРМА НА ДАНОЧНИОТ СИСТЕМ БЕЗ ПРОГРЕСИВНО ОДАНОЧУВАЊЕ

ninja

Лишен од слобода албански државјанин, користел лажна патна исправа

admin

Саразин: Не го „мачев“ Мицковски, уставните измени да се изгласат час поскоро

admin

Османи се сретна со Агелер: Над четири милиони долари за борба против корупцијата

admin