17.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Титоизам за секаква употреба против РСМ

Прекршочните пријави против градоначалниците на Чаир и Тетово, ја вратија на сцена реториката за „рецидиви на комунизмот, титоизмот и вазали на Белград“, во која досега предничеше источниот сосед.

Прекршочните пријави што ги поднесе МВР против општините Чаир и Тетово и нивните градоначалниците, кои за време на пречекот на косовскиот премиер не постапиле согласно со Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РСМ, повторно ги вивнаа жестоките вербални пресметки меѓу партиите од минатиот викенд.

Претседателот на владејачката Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, во изјава за Лајм оцени дека пријавите против градоначалниците Билал Касами и Висар Ганиу се непотребни.

„Мислам дека воопшто немаше потреба. На овој начин само политички се факторизираат“, смета Таравари.

Во однос на посетата на премиерот на Косово, тој вели дека Албин Курти е добредојден во сите општини во Северна Македонија. Истото се однесува и за албанскиот премиер Еди Рама. Според Таравари нема потреба од дебатата што се води сега околу посетата на Курти, која дури и опозициските партии (македонските и албански) ја предимензионираат, како да сакаат да привлечат внимание.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија)
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Познат речник

Но дебатата продолжува, за темата не се избираат зборови, а критиките на лидерите на опозициските партии на Албанците се речиси идентични со оние што доаѓаа(т) од соседна Бугарија: за рецидиви на комунистички и титоистички режим, за вазали на Белград итн.

Изет Меџити, претседател на новата партија Демократско движење, повикот до Касами и Ганиу за разговор во полициска станица го нарече „сталинистички метод на информативни разговори, кој во времето на комунистичка Југославија најмногу го почувствувале Албанците, а покажува дека рецидивите од минатото сè уште се консумираат”.

„Сето тоа е направено под влијание и притисок на српската антиалбанска политика на која Албин Курти и стана трн во око. Како и да е, оваа ситуација докажува дека не погрешивме што го ставивме името на Адем Демачи на една од улиците на главниот град, бидејќи денес повеќе од кога било ни е потребен неговиот дух на отпор“, порача Меџити.

Како што вчера соопшти МВР, за време на манифестациите организирани по повод посетата на Курти не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на РСМ, со што е сторен прекршок по член 30 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РСМ. МВР соопшти дека продолжува со потрага по лицето кое на една од манифестациите веело знаме на голема Албанија и по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Но, почитувањето на законот е надвор од фокусот на критичарите.

Неформалната посета на косовскиот премиер Албин Курти на Скопје и на Тетово продолжува да ги бранува духовите
Неформалната посета на косовскиот премиер Албин Курти на Скопје и на Тетово продолжува да ги бранува духовитеФотографија: ARMEND NIMANI/AFP/Getty Images

„Времето на заплашување на Албанците, нивно апсење и носење во озлогласени полициски станици – заврши, а заедно со него наскоро ќе умре и овој комунистички и титоистички режим“, напиша на Фејсбук градоначалникот на Тетово и лидер на опозициската Беса, Билал Касами.

„Ваквите обиди за заплашување како во времето на комунизмот воопшто не нѐ плашат, и продолжуваме со крената глава. Уште помалку нè плашат кога овие уцени и обиди за попречување на здружената опозиција доаѓаат од корумпираните и уценети владетели кои сега си ги бројат деновите на прсти. Вие продолжувате да бидете вазали на Белград, затоа што таму ќе завршите сите, а ние како опозиција припаѓаме на овој народ и се плашиме само од албанскиот народ“, напиша Касами.

Оставено на фантазијата

Пораката секако стигна до Белград. По вторпат. Првиот пат тоа беше веднаш по изјавата на Курти дадена за време на минатонеделната приватна посета во Тетово и Чаир.

„Македонија треба да биде што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија која не се дистанцира од Милошевиќ и од Путин. Вака Македонија ќе биде што поблиску до влез во Европската Унија, а нашиот балкански регион ќе биде побезбеден“, изјави Курти.

Оценка за иконографијата од дочекот и целта на косовскиот премиер брзо даде и српскиот претседател Александар Вучиќ, нарекувајќи ја „скандал над скандалите“.

Вчера новинарско прашање за посета на Курти на Тетово му беше поставено и на амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил.

Поранешниот американски амбасадор во Скопје, Кристофер Хил во моментов е прв претставник на американската дипломатија во Белград
Поранешниот американски амбасадор во Скопје, Кристофер Хил во моментов е прв претставник на американската дипломатија во БелградФотографија: Getty Images/S. Arar

„Ќе оставам на вашата фантазија што може да мислат луѓето за тој настан во Тетово. Или прашајте некој друг“, изјавил Хил на прес-конференција по повод донација на камери за српската Управа на сообраќајната полиција.

Како што пренесува РТС, Хил навел дека позицијата на САД за ситуацијата на северот од Косово и за формирањето Заедница на српски општини останува непроменета, и сите тие прашања треба да се решаваат низ Бриселскиот дијалог.

Поранешниот косовски премиер и лидер на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, кој минатата недела им порача на Албанците во РСМ да не му веруваат на Албин Курти, вчера за РТК изјавил дека „владата на Курти со еднострани одлуки ја вратила ситуацијата на северот на Косово како во периодот пред да биде прогласена неависноста на Косово“.

Поради провокативната иконографија на дочекот за Курти во Тетово, и во дел од македонската јавност има перцепција како ситуацијата во земјата да е вратена назад, во периодот пред 2001 година.

Аналитичари сметаат дека таа дебата е резултат исклучиво на битката која допрва уште повеќе ќе се засилува, со цел привлекување гласачи и градење рејтинг за следните парламентарни избори. Со оглед дека никогаш досега немало толкав број партии на Албанците, сметаат дека кога конкуренцијата е голема а има недостиг на конкретна понуда, на партиите и натаму им е најлесно играта да ја префрлат на теренот на националното, кое на Балканот сѐ уште важи како најголем и најсигурен извор на политички поени.

DW

Related posts

Русија го губи енергетскиот пазар, Германија потпишува 20 годишен договор за снабдување со течен гас од САД

admin

НА БАЛКАНОТ, ЗАГАДУВАЊЕТО ГИ ЗАТНУВА РЕКИТЕ КОИ НЕКОГАШ БИЛЕ НЕДОПРЕНИ

ninja

Како ќе се определи Алијанса – за промени или како досега?

admin

Зголемени платите на здравствените работници

admin

„Најди ме“ како засилување на институциите – Како функционира првата страница за рано предупредување за исчезнати?

admin

Туризам: Хрватска поскапа од Грција и од Шпанија

admin