Старите скопски таблаџии кога на противникот не им се допаѓа зарот што им се паднал, знаат да направат мајтап – „абе синко, ако не ти чини зарот, па премавај“. Она што се случува во парламентот, и како ги интерпретира законите околу гласањето Талат Џафери мене ми личи како во табла – ќе фрлам зарови и ќе премавам се додека не ми се бендиса тоа што сум фрлил. А ако сакам и не фрлам. Кај мене во раце се зарчињата !
Во меѓувреме владата почна и кампања – „Ние сме Европа“. Во кампањата главно се користи изјавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел дека ЕУ треба да биде подготвена за прием на нови членки во 2030. Станува збор за убава и охрабрувачка изјава но која е нејзината реална тежина?
Идната година во амбиент на страшен замав на екстремната десница ќе има избори за новиот европски парламент. Па тој парламент, веројатно многу поконзервативен и поксенофобичен ќе избира нова Европска комисија. Во моментов никој не знае каков ќе биде нејзиниот став за проширувањето.
Паралелно со изјавата на Мишел на Блед, еден од главните двигатели на ЕУ францускиот претседател Емануел Макрон експлицитно изјави дека ЕУ треба да размислува за Европа структурирана од повеќе брзини за да се справи со проширувањето. Францускиот претседател нагласи дека ЕУ треба да се реформира ако сака да интегрира над 30 држави во својот сојуз.„Ризично е да мислиме дека може да имаме проширување без реформи. Можам да посведочам дека е доволно тешко Европа да оди напред околу сензитивни прашања со 27 членки. Со 32 или 35, сигурно нема да биде полесно“, порача Макрон на годишниот собир на француските амбасадори во Париз. Според изјави на неколку официјални функционери на француската влада на кои се повикува бриселскиот портал Политико владата на Макрон веќе работи на неколку предлози за Европа на повеќе брзини. Макрон дообјасни и дека ќе ги детализира неговите размислувања во наредните месеци, а секако пред изборите за европскиот парламент идната година.
На стартот на кампањата „Ние сме Европа“ македонскиот премиер Димитар Ковачевски објасни дека изјавата на Емануел Макрон за Европа со повеќе брзини значела „ дека оние кои се побрзи во своите реформи тие први ќе влезат во 2030 во Европската унија“. Македонските политичари пред да даваат интерпретации на изјави нивни колеги од странство треба да земат во предвид дека луѓето во денешно време имаат достап и до странски медиуми, каде што можат да ги прочитаат изјавите на странски политичари во оригинал. Пораката на Макрон бездруго има сосема поинаков контекст, од оној што ни го претставува Ковачевски. А конечно, од каде знае токму Ковачевски што мислел Макрон со изјавата? Му се јави да му ја дообјасни?!
Оваа изјава на Ковачевски мириса на манипулација. Исто како што е демагогијата дека внесувањето на Бугарите во Уставот наводно била последна пречка во билатералниот спор меѓу Софија и Скопје. Ги знаеме и францускиот предлог и проколите што се потпишани. Нема смисла дотолку да ни ја навредуваат интелигенцијата.
Многу пофер пристап ќе беше : Ова што ни го прави ЕУ не е фер. Ни ветуваа дека ако го смениме името поради спорот со Грција ќе ги отпочнеме преговорите. Такви изјави дадоа од највисокиот до најнискиот ешалон политичари во Европа. Тоа не се случи. Париз измисли пречка и побара нова методологија за пристапни преговори, а се до нејзиното усвојување, за Македонија имаше вето. Потоа дојде друго вето, овој пат од Бугарија поради наводно непочитување на договорот за добрососедство и соработка. Бугарите излегоа со дузина барања. Повеќето апсурдни и со директно задирање во идентитетот. Накрај, за да не биде ашиќаре срамот за Европа да бараат од еден мал европски народ да се откаже од сопственит идентитет во 21 век, како главно барање испливаа човековите, односно малцинските права на Бугарите во Македонија и нивно впишување во Уставот. За другите прашња ќе не цедат и условуваат натенане, отако ќе ги отвориме кластерите.
Но нашата иднина и перспектива е ЕУ. Немаме друг избор, ќе се бориме колку што е можно да не го загубиме достоинството до даска. Одамна сите знаеме дека немаме опција Б. Ете тоа ќе беше пофер пристап. Барем ќе беше искрен. И луѓето ќе беа помалку лути.