4 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

Косово: Изолиран инцидент или ладни проби за жежок конфликт?

„Вчерашниот ден означува обновување на вооружен конфликт во регионот, кој може да ги поткопа дипломатските напори за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, вели аналитичарот Џелал Незири

 

Безбедносната состојба е стабилна, сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат состојбата, а според информациите споделени помеѓу безбедносно-разузнавачките служби во земјата и информациите од службите на сојузници во НАТО, не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Северна Македонија.

Ова е пораката на премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук по вчерашните  случувања на северот од Косово,  кои косовските власти го нарекоа терористички чин против косовската држава, за кој директно е одговорна Србија. Како што е познато, вчераутро пред 3 часот група од 30-тина Срби поставиле два камиона како барикада во селото Бањска во општина Звечан на северот на Косово, а при обидот на косовската полиција да ги отстрани дошло до конфликт во кој е убиен припадник на полицијата и рането едно лице. Српскиот претседател Александар Вучиќ во синоќешното обраќање го осуди убиството на косовскиот полицаец, но отфрли одговорност на официјален Белград за настаните. Случувањата ги објасни како самоорганизирање на Србите од северот на Косово кои повеќе не сакаат да го трпат теророт на косовскиот премиер Албин Курти,  кого го посочи како единствениот виновник за настаните.

Според синоќешната изјава на косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечља, косовската полиција успеала да воспостави контрола над територијата во Бањска. Тој изјавил дека биле убиени тројца од напаѓачите, а шестмина уапсени, од кои двајца ранети и во униформи, и уште четворица кои биле затекнати дека им даваат поддршка преку радио-врски. Косовската полиција открила големо количество оружје и муниција, експлозив, униформи, храна, логистика и опрема за барикади, доволна за неколку стотини други напаѓачи.

Белград и Приштина со различни толкувања на настаните во северно Косово
Белград и Приштина со различни толкувања на настаните во северно КосовоФотографија: Office of the Kosovo Government
Вучиќ: Се плашам дека ќе биде полошо

Од критичното подрачје се очекува во земјава да се вратат седум државјани на РСМ, од кои едно е дете. Според македонското МНР, тие биле сместени во хотел во непосредна близина на местото каде што бил извршен вооружениот напад врз косовските полициски сили. Хотелот го обезбедувала косовската полиција, а по оствареното интервју се очекувало македонските државјани да бидат испратени дома.

Може ли овие настани да бидат искра што ќе ги запали состојбите во регионот?

Премиерот Ковачевски вели дека со голема загриженост се следи ситуацијата во Косово, и се во постојана комуникација и координација со сојузниците и стратешките партнери.

„Настаните кои се случија денес силно ги осудувам, и изразувам целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот“, порача Ковачевски.

Изјавите од Белград засега не навестуваат смирување на состојбите.

„Се плашам дека ова не е епилог. Доволно е лошо да биде и епилог, но се плашам дека ќе биде полошо, и не случајно реков дека во деновите пред нас ќе носиме одлуки“, рече синоќа Вучиќ.

Тој ја обвини Приштина за подготвено сценарио.

„Наша проценка е дека тие за 1 час и 25 пет минути собрале 460 специјалци. Да го направите тоа за час и дваесет минути во недела наутро, да објаснам што значи тоа: значи дека сѐ било подготвувано“, изјави претседателот на Србија.

Вооружена група се засолнила во манастрирот Бањска во Косово
Вооружената група се засолнила во манастрирот Бањска во КосовоФотографија: Office of the Kosovo Government

Тој потенцираше дека униформите кои ги носела групата, не се униформи ниту на српската полиција, ниту на српската војска, и можеле да се купат, исто како и оружјето. Говорејќи за лицемерие кај претставници на меѓународната заедница,  направи споредба со нивниот однос кон Македонија.

„Обрнете внимание на еден детаљ. А тоа е, дека кога имаше таков вид на конфликт во тогашна Македонија, денес Северна Македонија, светот тоа го запираше, правеше разговори и правеше договори. Денеска рекоа ‘убијте ги сите’. Кога Србија одеше во Дреница да се пресмета со тие кои сакаа отцепување од меѓународно признатите држави, тие рекоа дека тоа биле борци за слобода, предводени од Адем Јашари, а не терористи. Изгледа само Србите се секогаш терористи. Тоа за нас е лекција да знаеме со кого имаме работа и да знаеме што ни мислат“, изјави Вучиќ.

Настан кој ги поткопува дипломатските напори

Kако домашни аналитичари го оценуваат она што се случи вчера на северот од Косово?

„Вчерашниот ден означува обновување на вооружен конфликт во регионот, кој може да ги поткопа сите дипломатски напори на меѓународната заедница за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, вели аналитичарот Џелал Незири.

„Нецелосното спроведување на околу 40 договори, постигнати од 2011 кога започна  дијалогот Белград-Приштина,  создава фрустрации кои можат да прераснат на сериозен воен конфликт. Уште повеќе ако се земе предвид големото руско влијание во Србија, а особено кај политичките структури од северот на Косово. Во Косово се случи обид за вооружено востание на мнозинството етнички Срби за отцепување од најновата држава во Европа, но сѐ уште непризнаена од Србија, но и од Русија и Кина. Заради потешкотиите во создавањето на Заедницата на српски општини, која е столб на  Бриселскиот и Охридскиот договор,  паралелните вооружени структури на етничките Срби се обидоа нивните цели да ги постигнат со воени средства. По се изгледа, нивниот план за поттикнување на поголема војна не беше реализиран, барем засега, бидејќи немаа подршка ниту од свештениците на манастирот каде се засолнија, ниту пак од локалното српско население“, вели Незири.

Смета дека ситуацијата има тенденција да се влошува, особено ако нема поистакната дипломатска активност за враќање на дијалогот и брза имплементација на договореното.

„Присуството на вооружени групи во северот на Косово, кои се сметаат за блиски до Русија, ја прави уште покомплицирана ситуацијата со оглед на интересот на Русија за ново воено жариште кое би го одвлекло вниманието на Западот од Украина. Вчерашниот конфликт може да е одговор на проруската струја во српската политика кон обидите на  Вучиќ да ја оттргне Србија од орбитата на Русија  и да ја позиционира на страната на Западот“, оценува Незири.

Деескалација и продолжување на дијалогот

Македонскиот премиер вчера апелираше за деескалација на настаните во Косово и на продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени спорови на мирен и демократски начин.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски апелира за деескалација на ситуацијата во северно КосовоФотографија: Petr Stojanovski /DW

„Клучно е забрзувањето на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, тоа е единствениот начин за обезбедување напредок и стабилност во регионот, како и намалување на влијанието на дестабилизирачки трети страни“, порача Ковачевски.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска изрази силна осуда за инцидентот во Косово и за сите кои допринеле тој да се случи.

„Од современите политички лидери се очекува да донесат мир и просперитет, а не поделби и конфликти. Целосна поддршка за КФОР и сите нивни идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во регионот“, напиша таа на Фејсбук.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи го осуди убиството на полициски службеник.

„Овој чин на насилство мора да биде темелно истражен и гонет. Стабилноста и безбедноста на Косово нема да бидат нарушени од акти на насилство. Безбедноста на граѓаните е пред сѐ“, порача Османи.

Косовската претседателка Вјоса Османи го прогласи денешниот 25-ти септември за ден на жалост во Косово, во чест на убиениот полициски службеник Африм Буњаку.

 

Извор: ДВ

Related posts

Бајден: Нема да му се поклонам на Путин

admin

Ирска, Данска и Луксембург со најголема куповна моќ, Романија, Бугарија и полска со најмала

admin

Има ли „кочница“ за банкарските провизии при плаќање сметки?

admin

Путин: Ќе има мир кога ќе ги постигнеме нашите цели

admin

ВИРАЛНО, АМА ОПАСНО ПО ЖИВОТ: СЀ ЗА ОНЛАЈН СЛАВА

ninja

Ангелов може да ја напушти владата на СДСМ и ДУИ

admin