28.8 C
Скопје
15 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

По измените на Кривичниот законик реагира САД: Мора да покажете резултати

Корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на прашањето дали новите измени во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување ќе ги отежнат напорите на САД да помогнат во борбата против корупцијата во државата.

„Ја охрабруваме Северна Македонија да ги исполни нејзините ветувања за борба против корупцијата. Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судствотото, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“, вели Стејт-департментот, пренесува Инбокс7.

Собранието со европско знаменце и во забрзана постапка ги помина измените на Кривичниот законик, кои предвидуваат пониски казни за службени лица и функционери кои ќе ја злоупотребат својата позиција, а претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

САД велат дека се посветени да ги повикаат на одговорност оние кои се вклучени во значителна корупција и ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво.

„Борбата против корупцијата во Западен Балкан е главен приоритет на администрацијата на Бајден. САД ќе продолжат да ги поддржуваат владите, партнерите од граѓанското општество, независните медиуми и граѓаните во борбата против организираниот криминал, искоренувањето на корупцијата, зголемувањето на транспарентноста, спроведувањето на одговорноста и дополнително зајакнување на владеењето на правото и демократските институции“, се вели во изјавата од Стејт депаертментот за Гласот на Америка на македонски.

Со законските измени, се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови, за што беше предвидена казна од најмалку 5 години затвор.

Максималната казна затвор за злосторничко здружување се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот.

Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека со измените во Кривичниот законик ќе има многу поголема ефикасност и ефективност во правосудството и судските процеси, и оти ќе се избегне можноста за застарување на делата.

„Има измени во еден општ член, член 353 кој многу се експлоатира во јавноста. Ова е во насока на зголемување на ефикасност и ефективноста, зголемување на бројот на казниви дела и фреквенција на казните, а не само на должината на казните во правосудниот систем, бидејќи што вреди ако 100 луѓе направиле злоупотреба, а само еден е казнет. Ние не можеме да градиме правосуден систем врз основа на законски одредби од 19. век и комунистички режим“, изјави Ковачевски.

Тој рече дека со измените не е предвидена амнестија.

„ Ова не значи никакво помилување или амнестија за никого. Тоа го потврди и претседателот Пендаровски кој е правник. Измените се конкретизација на кривичните дела кои некој ги направил. Има конкретно дело во Кривичниот законик – казнивост за злоупотреба при организирање на јавни набавки. Во минатото сите услови се водеа под општ член злоупотреба на службена положба. Сега се конкретизира што точно лицето направило. Казната е побрза и следува проширена конфискација. Постапките траат со години, притворите траат со години. Граѓаните се прашуваа каде е конфискацијата. Овие измени се токму за тоа. Никаде во законот нема амнестија“, тврди Ковачевски.

Невладината организација „Транспаренси интернешенл“ вели дека станува збор за „тивка амнестија“ и побара законските измени да се повлечат.

Related posts

Колку се богати македонските пратеници?

admin

НЕПРИФАТЛИВО ИНСТАЛИРАЊЕ НА ТУЃ ПРОБЛЕМ НА МАКЕДОНСКО ТЛО

ninja

СУДСКИ СОВЕТ ЌЕ ЈА ПРОВЕРУВА РАБОТАТА НА АПЕЛАЦИЈА ЗА ЧЕТИРИ ПРЕДМЕТИ

ninja

Макрон бара од Израел воздржаност во Либан

admin

Украина ја започна контраофанзивата, но има еден проблем

admin

Крај на старите и крах за новите патни исправи

admin