Германската владејачка коалиција предводена од демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД) подготвува измени на Законот за слободен пристап до информации (IFG), потег што предизвика критики од новинарски, граѓански и еколошки организации.
Законот, кој е во сила од 2006 година, им овозможува на сите лица да бараат официјални информации од федералните институции, освен во случаи поврзани со националната безбедност и разузнавачките служби.
Владата наведува дека реформите се потребни поради зголемените сајберзакани и посложената безбедносна средина.
Според предлогот, правото да поднесуваат барања би можело да биде ограничено само на физички лица, што би ги исклучило невладините организации, медиумите и другите здруженија како директни подносители на барања.
Исто така, се разгледува можноста правото на пристап да биде ограничено само на германски државјани и граѓани на ЕУ кои живеат во Германија.
Покрај тоа, властите предлагаат значително зголемување на административните такси и поголема заштита на идентитетот на државните службеници преку редактирање на нивните имиња во документите.
Критики од опозицијата и граѓанскиот сектор
Опозицискиот пратеник од Зелените, Константин фон Ноц, оцени дека под изговор на новите безбедносни закани се поткопуваат темелите на владината транспарентност.
Над 110 организации, меѓу кои „Гринпис“, „Амнести интернешенел“ и „Транспаренси интернешенел“, испратија отворено писмо до владата со барање измените да бидат повлечени.
Според нив, ограничувањето на пристапот, исклучувањето на организациите и зголемувањето на таксите практично би значеле укинување на слободата на информации.
Климатскиот експерт на „Гринпис“, Мартин Кајзер, предупреди дека ограничувањето на правото на информации ќе ја намали јавната контрола врз инфраструктурните, еколошките и климатските проекти и ќе ја намали довербата во институциите.
Несогласувања и во владејачката коалиција
По силните реакции, и дел од пратениците на СПД се дистанцираа од најавените измени.
Експерти од парламентарните комисии за внатрешни работи, дигитализација и заштита на потрошувачите порачаа дека нема да поддржат намалување на постојното ниво на транспарентност.
Според нив, правото на пристап до информации за граѓаните, медиумите и граѓанските организации не смее да биде ограничено.
Законот широко се користи
Официјалните податоци покажуваат дека меѓу 2015 и 2022 година до германските институции биле поднесени околу 105.000 барања за пристап до информации.
Во околу 16.200 случаи информациите биле делумно ограничени, додека во приближно 9.000 случаи барањата биле целосно одбиени.
Тоа значи дека во најголемиот дел од случаите институциите обезбедиле пристап до бараните информации.
Критичарите предупредуваат дека доколку реформите бидат усвоени во сегашната форма, ова ниво на транспарентност би можело значително да се намали.

