25.8 C
Скопје
6 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Бројни нерешени афери во здравството среде скандалот на онкологија

Среде последниот скандал на Клиниката за онкологија, повиците за одговорност одекнуваат со сѐ поголема загриженост. Но, додека во фокусот се тековните истраги на полицијата и обвинителството, голем број претходни афери во здравството остануваат нерешени – трагедијата со пожарот во Тетово, недостигот на лекови, профитерството во пандемијата.

 

Скандалот на Клиниката за онкологија, во кој вработени наводно краделе терапија од болни со карцином и ја препродавале, ja надополни листата на контроверзии и афери во македонското здравство за кои јавноста бара итни одговори и одговорност. Но, додека се чека завршница на истрагата од полицијата и обвинителството, за бројни претходни скандали и натаму нема разрешница.

Пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 луѓе, недостаток на лекот „Трикафта“ за болните од цистична фиброза, инсулин за болните од дијабетис, апарати за лекување на болни од рак што собираат прашина во магацини, се само дел од последните проблеми во здравствениот систем кои им го загрозуваа и онака кревкото здравје на пациентите. Во време на пандемијата со ковид -19, државниот ревизор утврди профитерство во јавните набавки за заштитна опрема. Претходно пациенти со години се жалат дека матични лекари ги лечат со застарени терапии затоа што позитивната листа не беше смената повеќе од 13 години.

Скандалот на Онкологија предизвика гнев

Вработни на Клиниката за онкологија и радиотерапија наводно учествувале во кражба и препродавање на лекови од пациенти болни од рак, но и дека не им давале соодветна терапија. Ова е последниот случај кој предизвика револт во јавноста и протести на кои се бара одговорност и оставки од директорите и поранешни и актуелни министри.

Обвинителството минатата недела отвори предистражна постапка, иако медиумите во мај го обелоденија случајот. Вработени на онкологија наводно краделе и препродавале имунолошка терапија од цитостатици од пациенти болни од рак.

Актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити и в.д. директорката на клиниката Виолета Клисаровска тврдат дека терапијата што сега се дава на Онкологија е соодветна и дека ќе направат се за расчистување на случајот.

Пожарот во модуларната болница во Тетово

И додека се чека одговорност за скандалот во Онкологија, се чека и разрешница за низа други скандали во македонското здравство. Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 година кога загинаа 14 луѓе, а уште десетина беа повредени. Се уште се чека судската разврска за овој случај.

Обвинителството отвори истрага за причините за пожарот која траеше со месеци, а помагаа и експерти од Германија. Беше констатирано дека пожарот избувнал како последица на краток спој на продолжен кабел. Во септември минатата година започна судењето кое заврши во јуни годинава, а обвинети беа три физички и едно правно лице: докторот на смена Бобан Вучевски, како и за двајцата тогашни директори на болницата Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми. Судот им одреди условни казни за Етеми и Бесими, го ослободи Вучевски, но во судскиот предмет не се гонеа обвинетите поради причината за пожарот во модуларна болница. Обвинителството тврди дека се уште се истражува за вториот случај.

Протест на семејствата на загинатите во пожарот во модуларната болница во Тетово пред Основниот суд во Тетово

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во својот најнов документарец „Убиство во Тетово“ откри дека модуларните ковид-болници во земјава, вклучително и таа во Тетово, се граделе несоодветно и со заобиколување на повеќе законски процедури, без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за против пожарна заштита, без надзор на изградбата, но и низа други сериозни законски пропусти.

Незаконитости во јавните набавки

Истата година кога се случи пожарот во модуларната болница во Тетово, државниот ревизор утврдил низа незаконитости во спроведувањето на јавните набавки во државните болници. При проверката на тендерите за заштитна опрема кои институциите ги спровеле во време на пандемијата со ковид-19, ревизорите утврдиле незаконитости, договори во четири очи, заобиколување на процедурите и профитерство.

Микробиологот д-р Никола Пановски смета дека нерегуларностите околу јавните набавки можат да се проверат и утврдат, но според него проблемот е што партиите во спрега со судството меѓусебно се штитат.

„Мислам дека премногу се злоупотребува тоа дека тендерите се симбол за корупција. Тендерите се проверливи. Јас сум работел 20 години кога немало тендери и тоа што се случувало од 1990 до 2000 година, нема врска со ова што се случува сега. Сепак сега се се проверува. Тука остануваат оние договори во четири очи, дали морало да се направат. Но, како што знаете се купи медицинска опрема за 100 милиони евра. Докажано беше дека е над 70 проценти поскапа, но една со другата власт очигледно заедно со судството се штитат. Доаѓа нова власт, а претходно 10 години збори за криминал и ништо не презема. Сега опозицијата исто така збори за криминал и утре ако дојде на власт, пак ништо нема да преземе“, вели Пановски за Радио Слободна Европа.

Во текот на ковид-пандемијата проблем за здавствените власти беше менаџирањето со кризата и успехот во лекувањето, бидејќи починаа илјадници луѓе, а земјава имаше високо ниво на смртност.

Проблем имаше и со недостиг на вакцини, а вакцинацијата во земјава започна со неколку месеци доцнење. Илјадници граѓани одлучија да не ги чекаат македонските власти да донесат вакцини, па заминаа во Врање, Ниш и Белград по Астра Зенека, Спутник и Фајзер.

Во меѓувреме кинеските вакцини кои требаше да пристигнат во земјава беа тема за нова афера околу сомнителна постапка при нивна набавка во кои беше инволвиран министерот за здравство Венко Филипче.

Скапа медицинска опрема стоеше во подруми

Меѓу аферите што го потресоа македонското здравство во изминатиов период е и случајот со милионската медицинска опрема за третман на рак, која со години фаќаше прашина во магацин. Радио Слободна Европа во февруари 2021 година објави дека медицинска опрема вредна три милиони евра од 2013 година не била ставена во функција, додека пациенти болни од рак кои живеат во внатрешноста, мораат да патуваат до Скопје за да примат радиотерапија.

Линеарен акцелератор. Во Македонија политичарите најавија дека Скопје нема да биде единствениот онколошки центар во земјата и дека за тоа ќе биде инсталирана медицинска опрема за лекување на рак и во други градови. Нивните ветувања и натаму не се исполнети.

Машините за лекување на малигни заболувања кои биле планирани за болниците во Битола и во Штип, за сето ова време биле сместени во магацин поради доцнење на изградбата на бункерите неопходни за нивна употреба. За некои од апаратите беше истечена и гаранцијата за исправност, според ревизорските извештаи.

Нема терапија за цистична фиброза и дијабетис

Меѓу последните случаи во македонското здравство беа недостигот на терапија за болните од цистична фиброза и дијабетис. Државата има проблем да го набави лекот „трикафрта“, за вкупно 130 болни од цистична фиброза во земјава. Лекот ја олеснува болеста и пациентите може да функционираат без проблеми.

Периодов протестираа и лицата со дијабетес. Тие бараа да добијат средства за мерење и контрола на болеста, како глукомери и ленти, кои недостигаат веќе седум месеци. Во земјава има 150.000 граѓани со дијабет, од кои 45.000 се на инсулин. Луѓето на протестот рекоа дека недостасуваат сетови за пумпи, сензори, глукомери и терапија, вклучително за 700 деца и млади кои најчесто имаат дијабетес Тип 1.

 

Извор: РСЕ

Related posts

2024 – Тешка економска година

admin

Таравари: Излегуваме од владата и одиме на избори ако не поминат уставните измени

admin

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО МНОЗИНСТВО – ДВЕ НАПРЕД ЕДНО НАЗАД

ninja

Холандија, Грција, Австрија и Ирска со највисока смртност во ЕУ

admin

Ќе лекуваме пациенти од Косово, додека македонските талкаат по болничките лавиринти

admin

КФОР најавува повлекување од општините на северно Косово

admin